Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која цените на нафтените деривати се намалуваат во просек за 7,51 отсто во споредба со оние утврдени на 2 ноември. Поевтинувањето е значително и ги опфаќа сите горива.
Бензините Еуросупер БС-95 и БС-98 ќе чинат по седум денари помалку. Новата цена на 95-октанскиот бензин изнесува 86 денари, додека 98-ката ќе се продава по 88 денари за литар.
Дизелот поевтинува за 5,5 денари и новата цена е 94,5 денари по литар. Екстралесното масло за домаќинство е поевтино за 6,5 денари и ќе чини 103,5 денари, а мазутот паѓа за 6,26 денари по килограм, на 49,31 денар.
Причините за ова намалување се падот на берзанските цени на нафтените деривати, понискиот курс на доларот, како и владините мерки со кои се намалија акцизите.
За бензините акцизата е намалена за два денара, а за дизелот за четири денари по литар. Дополнително, за дизелот важи и намалена стапка на ДДВ од 10 проценти.