Дел од списокот на казнети за сообраќајни прекршоци откако биле снимени од системот „Безбеден град“, биле и голем број функционери, министри, директори, црковни лица…
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој речиси еден час на прес-конференција зборуваше за успесите на проектот, вели дека ургенции имало, но престанеле по неговата бурна реакција.
Сообраќајни прекршоци правеле и со службени и со приватни возила, но сите казни биле платени.
Речиси и да нема функционер од кое било ниво, да не ми рекол „Министре, еве функционира, си платив и јас, ми стигна казната“.
Претходно да, во рамки на техничка влада имав одредени ургенции за одредени прекршоци. После мојата бурна реакција последнава година и половина не се случило некој да побара од мене што било поврзано со ургирање во врска со конкретен сообраќаен прекршок. Многу ми е мило што е така – рече Тошковски.
На прес-конференцијата имаше новинарски прашања само за „Безбеден град“, проект кој почна да функционира неодамна и со којшто, според Тошковски бројот на жртвите во сообраќајни несреќи бил намален за 30 отсто.