Македонија ја освои наградата за извонредност во сообраќајната безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи!
Во објавата министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели нашиот „Безбеден град“ е победник во категоријата во која во потесниот избор беа Полицијата на Сингапур, Полицијата на Абу Даби, Управата за патишта и транспорт на Дубаи и полициската служба од Махараштра, Индија. Од петте кандидатури, избрана е македонската.

За наградите на самитот годинава пристигнаа повеќе од 700 номинации од над 60 држави, во 13 категории. По стручно оценување на кандидатурата и интервју пред комисија, признанието за сообраќајна безбедност го доби македонското МВР.
,,Зад овој успех стојат законски промени, поврзување на институциите и дигитален процес што ја зајакнува доследната примена на правилата. Имавме храброст да го направиме чекорот што со години се одложуваше и да преземеме одговорност проектот да профункционира”, вели Тошковски.
Во периодот февруари–октомври годинава, на македонските патишта има 34 помалку загинати во споредба со истиот период лани, намалување од 31,5%. Тоа е националниот резултат во периодот во кој заедно дејствуваа „Безбеден град“, полициските контроли, законските измени и превентивните мерки.
,,Благодарам на полициските службеници, правните и техничките тимови и на граѓаните кои придонесуваат за побезбеден сообраќај. Ова признание е и ваше.
Покажавме дека Македонија може да се носи со светот. Сега треба да покажеме дека подобрувањето ќе продолжи и понатаму”, објави министерот за внатрешни работи.
Официјалното доделување на признанието ќе се одржи на 18 ноември 2026 година во Дубаи, во рамки на Светскиот полициски самит.