Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, упати изрази на сочувство за жртвите од сообраќајната несреќа на автопатот во Бугарија.
„Длабоко ме потресе веста за трагичниот верижен судир во близина на Зимница, на бугарскиот автопат ‘Тракија’, во кој животот го загубија повеќе од десет лица, а најмалку 48 се повредени.
Упатувам искрено сочувство до претседателката Илијана Јотова, до семејствата кои ги загубија своите блиски и до бугарскиот народ.
Моите мисли се со сите погодени од оваа трагедија. На повредените им посакувам сила и целосно и брзо закрепнување“, објави македонската претседателка на социјалната мрежа Икс.
Преку Икс сочувство до источниот сосед упати и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
„Длабоко сум потресен поради трагичната загуба на животи во сообраќајната несреќа што се случи утрово во Бугарија.
Упатувам искрено сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакувам брзо закрепнување.
Изразуваме солидарност со народот на Бугарија“, стои во објавата на Муцунски.