На четирите малолетнички против кои се водеше постапка за бруталното насилство врз 13-годишно девојче во скопската општина Ѓорче Петров им е изречена мерка упатување во воспитно-поправен дом.
Судија за деца во Основниот кривичен суд Скопје изрекол мерка во траење од една година за првообвинетата малолетничка, додека за останатите три мерката е во траење од по осум месеци.
Одлуката сè уште не е правосилна. Судската одлука е во фаза на писмена изработка и сè уште не е доставена до странките, потврдуваат од Кривичниот суд.
Станува збор за случајот што ја вознемири јавноста откако група деца во два наврати физички малтретирале 13-годишно девојче, ученичка во основно училиште во Ѓорче Петров, додека дел од присутните го снимале насилството со мобилни телефони.
На снимките се гледа како девојчето е опкружено од група врсници, по што следуваат кубење за коса, туркање на земја, клоци и удари по лицето.
Дел од присутните деца се смеат, додека други го снимаат малтретирањето. Особено вознемирувачка беше и фотографијата на која две од девојчињата се фотографираат со жртвата додека таа крвари од носот и устата.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против четири малолетнички – една на возраст од 17 години која во меѓувреме стана полнолетна, и три девојчиња на возраст од 14 години – поради основано сомнение за кривичното дело „насилство“. Постапката се водела согласно Законот за правда за децата.
Во врска со истиот случај, до Обвинителството беа доставени и шест кривични пријави против родители за „запуштање и малтретирање дете“. За исходот од тие пријави засега нема информации.
Со новата судска одлука постапката против четирите малолетнички добива првостепен исход, но мерките сè уште не се правосилни и останува можноста за нивно преиспитување.