Поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, е осуден на две години затвор за злоупотреба на службената положба при спроведувањето на тендерот за ископ на јаловина во периодот 2022–2023 година, на кој била избрана битолската компанија „Руд Коп“.
Пресудата ја донесе судијата Горан Димовски од Основниот суд во Битола. Условни казни добија и членовите на Стручната комисија Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски и Тони Ангелевски, на кои им е утврдена казна затвор од една година, со рок на проверка од две години.
Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска, вработени во Бирото за јавни набавки во Скопје, добија условни казни од осум месеци затвор, кои нема да се извршат доколку во следните 18 месеци не сторат ново кривично дело.
Судот ги ослободи од обвинение Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, членови на Комисијата за јавни набавки, бидејќи обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека го сториле делото што им се става на товар.
Според образложението на пресудата, Матевски и тројцата членови на Стручната комисија му овозможиле корист на „Руд Коп“ преку отфрлање на понудата на „Гранит“ од Скопје. Со тоа, според судот, на РЕК „Битола“ ѝ била предизвикана штета од 178.370.319 денари.
Судот одлучи и замрзнатите 3,5 милиони евра на „Руд Коп“, компанија во сопственост на бизнисменот Кирил Билјановски, да останат блокирани до правосилното завршување на постапката. АД ЕСМ е упатено имотно-правното побарување да го оствари во граѓанска постапка.