Свет

Трамп го отстрани Венс од преговорите со Техеран

Венс отстранет од преговорите по критиките за изборниот пораз

Американскиот претседател Доналд Трамп го повлече потпретседателот Џеј Ди Венс од преговорите со Иран откако тој оцени дека продолжената војна е главната причина за тешкиот изборен пораз на републиканците минатата недела, објави „Политико“.

Во објава на социјалната мрежа „Трут соушл“, Трамп му порача на Венс наместо тоа целосно да се посвети на борбата против, како што тврди, корупцијата и криминалот во градовите и сојузните држави под демократска управа. Притоа, американскиот претседател нагласи дека на САД повеќе не им е потребен договор со Иран.

„Побарав од потпретседателот Венс целосно да се посвети на огромната корупција и криминалот во градовите и државите под демократска управа низ САД“, напиша Трамп, посочувајќи ги Минесота, Калифорнија, Илиноис и други сојузни држави. Тој тврдеше дека во нив секој месец се крадат милијарди долари.

Венс, кого движењето МАГА долго го смета за можен наследник на Трамп и потенцијален претседателски кандидат на изборите во 2028 година, минатата недела на социјалните мрежи оцени дека војната во Иран е главната причина за изборниот дебакл на републиканците. На изборите демократите ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом и Сенатот, со историски голема разлика.

„Ако сакате да тврдите дека се исплатеше и дека загубата на Сенатот во следните шест години вредеше, повелете“, напиша Венс, додавајќи дека таквиот став би бил барем искрен.

И самиот Трамп навести дека војната ѝ наштетила на неговата партија на изборите, но пред новинарите изјави дека објавата на Венс не му пречи.

Венс имаше важна улога во преговорите меѓу Вашингтон и Техеран во текот на пролетта и летото. Во април отпатува во Пакистан со цел да помогне во завршувањето на војната, но преговорите пропаднаа.

Сега Трамп порачува дека повеќе не бара дипломатско решение на судирот.

„Не ни треба договор со Иран. Тие времиња одамна поминаа. Ги имаме нивните пари, стотици милијарди долари, и го имаме нивниот теснец“, напиша американскиот претседател.

Најнови вести од: Свет

Иран: Ако Америка пак нападне, ќе удриме по Европа!

„Ако американски авиони полетаат од американска воена база – дури и ако таа се наоѓа во некоја европска земја или во некој друг оддалечен регион – за да го бомбардираат Иран, ние ќе ги гаѓаме и тие бази“, изјави иранскиот шеф за безбедност, Мохсен Резаи

To top