Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека со навремената интервенција на Владата е спречен ценовен шок и стабилизирани се цените на горивата на домашниот пазар. Според најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која ќе важи од полноќ, цените на нафтените деривати остануваат на ниво кое, како што велат од Министерството, ги штити граѓаните и економијата од дополнителен удар.
- Едноставно: спречивме поскапување, ја стабилизиравме цената и ги заштитивме граѓаните – изјавија министерката Сања Божиновска.
Клучната мерка со која е постигнат ефектот е намалувањето на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, што директно влијаело на намалување на цените за 6 до 7 денари по литар. Според анализите, без оваа интервенција бензините ќе поскапеле за околу 6,5 денари, а дизелот за повеќе од 10 денари по литар.
- Ова е интервенција што го прекинува синџирот на поскапувања – од горивата до храната и услугите – нагласи Божиновска.
Од Министерството посочуваат дека се водат разговори со компанијата ОКТА за дополнително зголемување на попустите за трговците, со цел тие да се пренесат кон крајните потрошувачи. Воедно, се очекува и од малопродажните трговци да придонесат за дополнително намалување на ценовниот притисок.
Министерката истакна дека снабдувањето со горива е стабилно и непречено, и покрај глобалната енергетска криза предизвикана од случувањата во Заливот. Државните резерви се на стабилно ниво, а пазарната инспекција врши засилени контроли.
Дополнително, продуктоводот Скопје–Солун функционира без прекини, што овозможува сигурно снабдување на домашниот пазар. Од Министерството нагласуваат дека и понатаму внимателно ја следат состојбата и се подготвени за нови мерки, вклучително и дополнително намалување на ДДВ, интервенции во маржите или користење на државните резерви.
Според надлежните, Македонија во моментов останува меѓу земјите со најниски цени на горивата во регионот, а приоритет останува заштитата на стандардот на граѓаните и стабилноста на економијата.

Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за цените на нафтените деривати која ќе важи од полноќ до следниот вторник, при што цените изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 86,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 88,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 95,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 92,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 47,610 (денари/килограм)
Со ова, се потврдува дека навремената и прецизна интервенција на државата го прекина трендот на раст на цените, кој во спротивно ќе значеше значително поскапување за граѓаните и стопанството.
„Едноставно: спречивме поскапување, ја стабилизиравме цената и ги заштитивме граѓаните.“
Во услови на силен раст на цените на светските пазари во изминатиот период, Владата донесе клучна мерка:
– намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%
Оваа мерка, која ќе важи во наредните две недели со можност за продолжување, обезбеди директно намалување на цената за 6 до 7 денари по литар, како и спречување на дополнителен ценовен удар.