Бизнис

АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 263 милиони евра, инвестиции од 17,3 милиони евра и 60 нови вработувања

Од вкупните консолидирани продажби, 37% се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 63% се остварени на странските пазари

Компанијата „Алкалоид“ ги објави резултатите од работењето во периодот од јануари до септември 2026, според кои фирмата остварила рекордни консолидирани продажби од 263 милиони евра, инвестиции од 17,3 милиони евра и 60 нови вработувања во земјата.

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2026 година продажбите достигнуваат 10.358.253.210 денари, што претставува раст од 2 % во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 16.205.440.429 денари, што претставува раст од 7 % во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 13% во споредба со минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби, 37% се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 63% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 28%, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 18%, а во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 17% од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Казахстан, каде што се зголемени 3,3 пати, како и во Швајцарија, каде што продажбите се зголемени 2,6 пати. Потоа следуваат оние во Јордан (раст од 94 %), Грција (раст од 89 %), Велика Британија (раст од 83 %), Кипар (раст од 74 %), Литванија (раст од 65 %), Монголија (раст од 30 %), Ерменија (раст од 16 %), Грузија (раст од 14 %), Германија (раст од 13 %) итн.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 92 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 19 %, препаратите ОТЦ со 18 %, невролошките препарати со 14 %, кардиолошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 8 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 5 %, а билкарство со 1 %.

Инвестиции

Вкупните консолидирани инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2026 година изнесуваат 1.067.280 илјади денари, што претставува раст од 34 % во однос на истиот период од претходната година. Дел од вкупните инвестиции се однесува на вложувања реализирани преку поврзаното друштво Алкалоид Енергетика ДООЕЛ, насочени кон изградба и развој на фотоволтаични капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кое започна со пробна работа во јули 2026 година.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.724.714.506 денари, бележи зголемување од околу 7 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.636.713.332 денари и е зголемена за 7 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.990.429.419 денари и бележи раст од 8 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.544.111.223 денари е зголемена за 4 %.

Вработени

Во периодот јануари – септември 2026 година во Алкалоид АД Скопје се реализирани 60 нови вработувања во Македонија. Просечната нето-плата по вработен во компанијата во септември 2026 година изнесуваше 68.950 денари. Со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, во 2026 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 47.000 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата Алкалоид брои 3.019 вработени, од кои 2.201 се во земјава, а 818 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Податоци за акциите

Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2026 година се движеше од 21.745,00 до 27.300,00 денари, или просечно 24.398,08 денари за една акција. На 30.09.2026 година акциите на Алкалоид АД Скопје беа во сопственост на 6.657 акционери, физички и правни лица, а пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 31,64 милијарди денари.

На 30 март 2026 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2025 година во износ од 1.030.574.000 денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2026 година започна исплатата на дивидендата во износ од 720 денари бруто, односно 648 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2025 година е поголема за 14,3 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2024 година.

Бизнис-план за 2026 година

Бизнис-планот за 2026 година, донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2025 година, предвидува инвестирање на околу 8% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2025 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит во однос на 2025 година.

Остварените резултати во првите девет месеци од 2026 година се во согласност со планираната динамика на реализација на бизнис-планот. Во наредниот период се очекува кумулативните пласмани на домашниот и на странските пазари да ги надминат минатогодишните остварувања, како и да ги достигнат планираните цели.

Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати, можат да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжува и во 2026 година. Доминантни предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, како и притисокот врз куповната моќ на потрошувачите, што влијае врз потрошувачката и врз динамиката на побарувачката на одделни пазари, а неизвесноста и натаму останува изразена. Друштвото е изложено на каматен ризик главно по основ на краткорочните и долгорочните кредити, при што тој континуирано се следи, а со него се управува преку директни преговори со банките, без значајни осцилации кај каматните стапки.

Воедно, глобалните безбедносни кризи, вклучително и ескалацијата на конфликтот поврзан со Иран, дополнително го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста. Овие случувања имаат значително влијание врз глобалните енергетски пазари, предизвикувајќи пораст и зголемена волатилност на цените на енергенсите, што создава дополнителни инфлаторни притисоци и тешкотии во синџирите на испорака, како и ризици во однос на достапноста на одредени суровини и материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од продлабочување на глобалните трговски тензии може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Компанијата внимателно го следи развојот на настаните и презема соодветни мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.

– Очекуваме во 2026 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти – порачуваат од Алкалоид АД.

Најнови вести од: Бизнис

Европската бизнис-асоцијација ги поврза студентите со бизнис-приказните – Глобална недела на претприемништвото

Студенти од економските факултети при УКИМ, УГД и ЈИЕУ имаа можност да разговараат со претставници на компании од различни сектори за препознавањето на потребите на пазарот, започнувањето сопствен бизнис и вештините потребни за негов развој.

(Фото): Николоски во Виена повика на регионална соработка и поврзување

Зборувајќи на панел дискусијата “Заедничка визија за долгорочна економска соработка” вицепремиерот Николоски потенцира дека е потребен заеднички пристап на земјите од регионот за претставување на глобалниот пазар.

„Со свои раце, создадено со љубов“: 17. издание на Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“ ги обедини луѓето и винската традиција

Фестивалот е и многу повеќе од прослава на младото вино, тој е прослава на луѓето, заедништвото, љубовта и вербата во иднината. Токму тие вредности се во сржта на филозофијата на „Тиквеш“, компанија која ја надградува својата богата традиција со знаење, иновации и современи пристапи, останувајќи посветена на создавањето вина и искуства што ги поврзуваат луѓето.

ЕВН вработува инженери, огласот е отворен до 23 ноември

Заинтересираните кандидати треба да имаат завршено средно електротехничко образование – IV степен, насока енергетика. Дополнителни квалификации за работа под напон, положен стручен испит за ракување со енергетски уреди и постројки, како и познавање компјутерски вештини ќе се сметаат за предност.

В среда продолжува Комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година

За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4 проценти. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари, што е зголемување за 4,1 проценти, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8 проценти во согласност со законското усогласување.

АЕТМ: Половина од онлајн купувачите во Македонија плаќаат исклучиво во готовина при достава

Новата Анализа на плаќањето при достава и дигиталните плаќања во е-трговијата во Македонија за 2026, спроведена од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија со поддршка на Visa и презентирана на деветтата Регионална конференција за е-трговија во Скопје, открива значителен јаз меѓу пристапот до платежни инструменти и нивната реална употреба.

Првата аукција на 30 ноември – Народна банка презема чекори за обезбедување нов сопственик на „АЛТА банка“

Постапката е дел од активностите насочени кон обезбедување нов сопственик на Банката, создавање услови за нејзино натамошно работење и зачувување на интересите на штедачите и останатите клиенти.

Најнови вести

To top