Бизнис

Дали скапотијата придонесе да Хрватска е меѓу трите најбрзо растечки економии во ЕУ?!

Хрватската економија забележа раст од 3,4% во вториот квартал и останува меѓу трите најдинамични во Европската унија. Личната потрошувачка и инвестициите се клучни фактори, додека туризмот и надворешната трговија покажуваат предизвици.

Хрватската економија и во вториот квартал остана меѓу трите најдинамични економии во Европската Унија, со годишна стапка на раст од 3,4% и забрзување од 1,2% во однос на претходниот квартал. Ако ваквиот темпо се одржи до крајот на годината, тоа би довело до импресивен раст од 4 до 5% на годишно ниво. Сепак, речиси никој не очекува толку силен замав да трае цела година. Податоците собрани во врвот на туристичката сезона и останатите движења во европската околина укажуваат дека вториот дел од годината ќе биде нешто полош од повеќе од солидниот втор квартал.

Туризмот успорува

Подобра слика се добива кога домашните движења се споредуваат со европскиот контекст, што го направи и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој се пофали со трет најбрз раст во ЕУ.

  • „Владата ќе продолжи да поттикнува силен раст на БДП, како и плати, вработеност, инвестиции и вкупниот животен стандард на граѓаните. Сакам придобивките од економскиот раст да ги почувствува секое домаќинство“, истакна премиерот.

Аналитичарите очекуваат успорување во текот на годината поради послаб туризам и ограничен капацитет на домашната побарувачка да одржува висока стапка на раст на долг рок. На пример, јули по долго време донесе стагнација во бројот на вработени. Покрај тоа, глобалниот контекст е неповолен, а односите на ЕУ со Америка доведуваат до намалување на инвестициите, поскапување и продлабочување на неизвесноста. Сепак, и со тоа, годишната стапка на раст ќе се движи околу солидни 3%.

Најголем придонес за растот и понатаму дава личната потрошувачка, која изнесува приближно 60% од БДП и во вториот квартал порасна за 4%. Поголемата слика ја нарушува забрзувањето на инфлацијата, која е значително повисока од просекот во еврообластa. Хрватска се издвојува со силни поскапувања во туристичкиот сектор и услугите, а ниту храната не заостанува зад просечните цени во ЕУ. Во некои сегменти цените се дури и значително повисоки. Потрошувачката ја поттикнува и сивата економија, особено во услужните дејности и на пазарот на недвижности, каде што повторно се забележува скок на цените на станбените недвижности, како и на кириите. Ослонувањето на економијата на потрошувачка истовремено отвора прашање за долгорочната одржливост, бидејќи структурните проблеми како ниската продуктивност и конкурентност не се решаваат на тој начин.

Во вториот квартал позитивна динамика има и кај инвестициите, кои пораснаа за 5,2%. Нивниот раст во голема мера се поврзува со забрзано користење средства од фондовите на ЕУ, особено преку инфраструктурни проекти. Иако овој замав е помал во однос на минатата година, кога инвестициите растеа со двоцифрени стапки, сепак претставува силен поттик за економијата. Ограничувачки фактор е блискиот краен рок за користење средства од европскиот Фонд за опоравок и отпорност, што може да значи дека сегашната инвестициона динамика тешко ќе се одржи на среден рок.

Државната потрошувачка во вториот квартал растеше значително побавно отколку лани – 2,4%, што е за поздравување ако се има предвид минатогодишното предизборно зголемување на државната потрошувачка, кое доведе до значително зголемување на буџетскиот дефицит.

Надворешниот сектор покажа мешани резултати. Повторното пуштање во работа на обновената рафинерија во Риека ја зголеми извозната роба, додека извозот на услуги падна за 0,3%, што е загрижувачки имајќи ја предвид пресудната важност на туризмот и сродните услуги за хрватската економија. Најголем негативен придонес дојде од увозот на услуги, кој скокна дури за 16,4%. Увозот на услуги има негативно влијание врз БДП бидејќи парите заминуваат во странство, било затоа што граѓаните повеќе патуваат надвор од Хрватска, или фирмите повеќе користат странски дигитални/бизнис услуги. На тој начин, нето придонесот на надворешната трговија останува негативен и покрај солидните резултати на извозот на роба.

Евростат неодамна објави дека во вториот квартал, економијата на ЕУ, според сезонски прилагодените податоци, пораснала за 0,2 проценти во споредба со претходниот квартал, додека на годишна основа пораснала за 1,5 проценти.

Економијата на еврозоната, од друга страна, пораснала за 0,1 процент на квартална основа во тој квартал, а за 1,4 проценти на годишна основа.

Најнови вести од: Бизнис

Ученици од „Партенија Зографски“ во посета на БРАКО – се запознаа со роботско производство и технологии

Станува збор за девет ученици од образовните профили машински техничар и бравар/заварувач, кои имаа можност одблиску да се запознаат со современите индустриски процеси и технологии што се применуваат во компанијата

Инвестициите во модерни автопати и железница ќе го забрзаат развојот на Македонија

Целосната изградба на Коридорот 10 е определба на Владата со цел Македонија да ја задржи стратешката позиција во Европа. Истовремено вложуваме стотици милиони во изградба на железничката и патната инфраструктура на Коридорот 8. Само така ќе спречиме државата да не стане слепо црево, а превозниците и бизнисот да избираат алтернативни коридори, рече заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

Плата од над 2.000 евра за овчар, ама никој не сака да работи – нов скок на цената на храната

Земјоделците се соочуваат со потешкотии, како што се ниските откупни цени, но и недостиг од работна сила. Овчарите се дефицитарен кадар и веќе не може да се најде овчар ниту за плата од 2.000 евра. Надлежните велат дека кадар нема ни за лек, посебно млади земјоделци.

Генералното собрание на НФФ: Можност за развој на мали земјоделци и производители

Претседателот на НФФ го претстави и моделот на договорно производство како ефикасен механизам за обезбедување сигурен пласман и стабилни приходи за земјоделците, со конкретен пример од производството и пласманот на пченица.

Од 96 на 100 денари за литар масло, инспекцијата забележала поскапување и на цената кај јајцата

Пазарниот инспекторат пак на терен – велат дека трговците го почитуваат она што го ветиле кај премиерот. Млекото, млечните производи месото и сувемеснатите – се продаат по стара цена. Скок има кај маслото за јадење и кај јајцата, затоа што им се зголемиле цените на суровините за нив на светските берзи.

To top