Бизнис

Државна лотарија: Најостро реагираме на клеветничките обиди на одредени медиуми да креираат искривена слика за Друштвото

Државната лотарија своето работење го темели исклучиво врз принципите на законитост, правна сигурност и институционална отчетност

Акционерското друштво за приредување игри на среќа во државна сопственост – Државна лотарија на Република Северна Македонија со реакцијата за написите во некои медиуми за работата на друштвото.

Реакцијата ја пренесуваме интегрално:

Акционерското друштво за приредување игри на среќа во државна сопственост – Државна лотарија на Република Северна Македонија, најостро реагира на тенденциозните, малициозни и клеветнички обиди на одредени критички настроени медиуми да креираат искривена и неоснована перцепција за законитоста, професионалноста и институционалниот интегритет на работењето на Друштвото, при што се води од следниве принципи:

I. Правна стратегија, институционална одговорност и врвна академска експертиза

Државната лотарија своето работење го темели исклучиво врз принципите на законитост, правна сигурност и институционална отчетност. За таа цел, Друштвото ја вклучи највисоката академска правна експертиза во државата, меѓу кои и проф. д-р Димитар Гелев, редовен професор и раководител на Катедрата за деловно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.

Овој ангажман е директна и нужна реакција на правно неодржливите, финансиски штетни и институционално опасни постапувања на поранешниот управен и надзорен одбор, како и на поранешната Влада во својство на основач на Друштвото. Имено, проф. д-р Димитар Гелев беше и натаму е ангажиран за целосна подготовка и правно водење на сложените постапки за престанување на трговските друштва, и тоа: Државна лотарија – МОЗЗАРТ ДОО Скопје, Државна лотарија – 77 БИТС ДОО Скопје, Државна лотарија – ВЕЗУВ ДОО Скопје и Нова Државна видеолотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје.

Правната поддршка опфати формулирање на целосна процесна стратегија, правна квалификација на основите за престанок, утврдување на формално-правните предуслови за донесување на одлуките и управување со сите идентификувани правни и финансиски ризици и, заедно со ангажираните адвокати без нивен надомест во рамките на неговиот тим, обезбедува застапување и континуирана правна заштита пред надлежните органи и судови.

Со издвојувањето и преземањето на уделот во постапката за престанување на НОВО ВЛТ, Државната лотарија постапи целосно законито, институционално дисциплинирано и одговорно, обезбедувајќи правно чисто затворање на друштвото и трајна заштита на интересите на државата. Истото беше реализирано во соработка и во духот на добри деловно-партнерски односи со другиот содружник, Друштвото за услуги ХТЛ ДОО – Скопје, на престанатото друштво. Постапките за останатите друштва се во напредна фаза и ќе резултираат со нивно престанување, со судски одлуки, со што ќе се елиминираат последиците од нивното незаконско основање и работење, а во согласност со одлуката за престанување на друштвата донесена од Владата, во својство на основач на Друштвото.

Исто така, ангажирани се и други истакнати стручњаци од науката и практиката за прашања од системски карактер – поимно разграничување меѓу јавен сектор и државна сопственост, како и правно уредување на внатрешната организација и систематизација на работните места во дирекцијата и повеќе од 315 подружници.

Со преземените законски, управувачки и контролни мерки и ангажирањето на еминентни експерти, Државната лотарија спречи понатамошно нерационално трошење на јавни средства и истовремено елиминира ризици од дополнителна финансиска штета, обезбедувајќи долгорочна заштита на државниот капитал и институционалниот интегритет на Друштвото.

II. Ангажирани лица со договор за дело

Во периодот на поранешното раководство, во Државната лотарија биле ангажирани околу 190 лица со договор за дело. Новото раководство, водејќи се од принципите на рационалност, законитост и функционална оправданост, го намали овој број за повеќе од половина, односно на 95 лица. Од овие 95 ангажирани лица, над 60 се ангажирани на продажни места кои ја сочинуваат примарната продажна мрежа на Друштвото, лоцирани во трговски центри и сопствени уплатни места, додека останатите извршуваат контролни и административни задачи неопходни за непречено функционирање на системот. Лицата ангажирани во секторот маркетинг, меѓу кои има и јавни и препознатливи личности, вршат маркетиншки активности поради нивното влијание на социјалните мрежи и режисерските и уметничките способности на одредени ангажирани лица, насочени кон подобрување на позицијата на Државната лотарија на пазарот на игри на среќа.

III. Неправилности во работењето на поранешното раководство на Друштвото, наведени во Извештајот на Државниот завод за ревизија

Актуелното раководство на Друштвото со допис број 02-6328/1 од 12.09.2024 година се обрати до Државниот завод за ревизија поради увидени неправилности и нерегуларности во финансиското работење на Друштвото, со барање да се изврши ревизија на работењето на Друштвото во претходниот период. По извршената ревизија во периодот од април до крајот на октомври 2025 година, во Извештајот на Државниот завод за ревизија констатирани се сериозни и системски неправилности во финансиското работење на Друштвото, и тоа во периодот на управување од страна на поранешното раководство.

Ревизорските наоди укажуваат дека значителен дел од неправилностите во финансиското и сметководственото работење се поврзани со постапувања преземени од поранешната директорка на Секторот за финансии и сметководство, поставена од тогашното раководство на Друштвото. Во врска со овие постапувања, согласно достапните информации и известувањата и податоците со кои располага Државната лотарија, се спроведуваат предистражни дејствија од страна на надлежните органи, вклучително и Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство.

Согласно наодите содржани во Извештајот, во периодот на поранешното раководство е утврдена злоупотреба на финансиски средства на Друштвото, и тоа непосредно од страна на поранешната директорка на Секторот за финансии и сметководство, со што е предизвикана материјална штета во износ од најмалку 3,5 милиони евра. Овие констатации претставуваат сериозен индикатор за нарушување на принципите на законитост, финансиска дисциплина и одговорно управување со јавните средства. За текот и исходот на постапките иницирани од актуелното раководство, што се водат пред надлежните институции, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана во наредниот период.

Оттука, Државната лотарија нема намера да дозволи преку неколку подкасти, како што е INFOMAX.MK, или слични портали да се релативизираат факти кои биле предмет на официјална ревизорска проверка и институционално постапување од страна на Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство.

Државната лотарија ги охрабрува и ги повикува сите критички настроени медиумски портали и подкасти, во интерес на точно, одговорно и професионално информирање на јавноста, како и во духот на автентичното истражувачко новинарство, своето внимание да го насочат кон суштинските и фактички утврдени прашања кои се однесуваат на настанатата материјална штета во повеќемилионски износ, изразена во евра, а предизвикана од постапувањата на поранешното раководство што е утврдено во Извештајот на Државниот завод за ревизија, а не кон пласирање на клеветнички, неосновани изјави и непроверени документи од подкасти и портали како INFOMAX.MK, за кои постојат индиции дека неоснованите изјави и непроверените документи потекнуваат од лица за кои се водат предистражни постапки пред надлежните органи, а кои се насочени кон дискредитација на актуелното, законито, транспарентно и одговорно работење на Друштвото.

На крајот, Државната лотарија јасно и недвосмислено укажува дека секој понатамошен обид за ширење дезинформации, манипулации и клеветнички наводи ќе биде третиран како сериозно нарушување на угледот на институцијата и ќе предизвика најостра, соодветна и правно заснована реакција, вклучително и преземање на сите расположливи законски средства за заштита на интегритетот и приватноста на вработените, а со тоа и на институционалниот интегритет на Друштвото.

 

Најнови вести од: Бизнис

Главнината од тутунот е откупена – се стимулира тутунопроизводството, рече министерот за земјоделство

Откупот на тутунот од ланската реколта веќе привршува. Откупната кампања се проценува како успешна. И за откупувачите, и за тутунарите, а и за државата. До крајниот откупен рок на 28 февруари, остануваат за откуп уште 10% од вкупно планираните количини. Исплатата се врши во рок од 7 дена од предавањето и досега исплатени се 95,6%, уверува ресорниот министер кој денеска беше во обиколка на неколку откупни компании во прилепско.

Азески: За минимална плата треба да се разговара и да се дојде до најдоброто решение

Секој треба да си понесе дел од својата одговорност. Само така може да се постигне ефикасен економско-социјален дијалог. Ние сакаме работниците да имаат поголеми плати, работодавачите да остваруваат поголеми профити од државата, потенцира претседателот на СКМ Бранко Азески. Во однос на владината одлука да се зголеми квотата на странски работници во Македонија, тој истакна дека ако подолго време образованието не испорачува кадар за потребите на бизнисот, ќе мора да увеземе работна рака.

Храната „ja изеде“ работничката плата, секој месец е сè поскапо – има ли крај на тоа?!

Поскапа за 921 денар е првата годинешна минимална синдикална кошница. Најосновните јануарски потреби на четиричлено семејство чинеле 66.413 денари. Трошоците за храна и пијалаци, кои зафаќаат 36,6 проценти од месечните давачки, достигнале 24.211 денари. Од декемвриските се повисоки за 571 денар. И безмалку сосема се поклопуваат со минималната плата од 24.397 денари.

(Видео): Квалитетот и општествената одговорност се темел на македонскиот раст, вели бизнисменот Бокан

Покрај деловниот ангажман, Бокан е активен и во јавниот и во професионалниот живот. Член е на Управниот одбор на Стопанската комора на Црна Гора, како и на Бизнис-советот на Економскиот факултет при Универзитетот на Црна Гора. Од 2011 година е претседател на кошаркарскиот клуб „Будуќност Воли“, а од јули 2025 година ја извршува функцијата претседател на Кошаркарскиот сојуз на Црна Гора.

To top