Бизнис

Каматните стапки остануваат непроменети

Народната банка на Република Северна Македонија (НБРМ) на вчерашната седница на Извршниот одбор за монетарна политика одлучи да ги задржи каматните стапки на постоечките нивоа.

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) на вчерашната седница на Извршниот одбор за монетарна политика одлучи да ги задржи каматните стапки на постоечките нивоа. Каматната стапка на благајничките записи останува на 5,35 проценти, додека каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена се задржуваат на 3,95 проценти, односно 4 проценти. Понудата на благајничките записи на редовната аукција исто така останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

„Со ваквата одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, во согласност со економските услови и ризиците коишто произлегуваат од домашното и надворешното окружување. Овој пристап на монетарната политика е поддржан и со неодамнешните промени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите на кредитната побарувачка, како и со зголемувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот за дополнителни 0,25 процентни поени. Комбинацијата на овие мерки е насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс, како и кон заштита од можни идни системски ризици“, соопшти НБРМ.

Според НБРМ, инфлацијата во август 2025 година останува над проектираното ниво, што налага продолжување на внимателниот пристап во монетарната политика.

„Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци во споредба со очекувањата. И покрај тоа, сѐ уште постои неизвесност околу идните движења на светските цени на примарните производи поради геополитичките тензии и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат, а се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката“, се вели во соопштението.

Девизниот пазар се оценува како стабилен, со девизни резерви на ниво од 4.754,4 милиони евра на крајот на август 2025 година. Економската активност во вториот квартал од годината забележа раст од 3,4 проценти на годишна основа, што е малку повисоко од проекциите од априлскиот циклус. Сепак, светската економска и геополитичка неизвесност, особено поради трговските тензии, останува главен надворешен ризик за македонската економија.

Во монетарниот сектор, НБРМ забележува солидна кредитна поддршка на економијата, над очекувањата. Во јули 2025 година, депозитите и кредитите остварија повисоки стапки на раст во споредба со априлските проекции, што укажува на силна економска динамика.

НБРМ продолжува да ја следи состојбата и да применува мерки за зачувување на стабилноста, притоа внимавајќи на потенцијалните ризици од домашни и глобални фактори.

Најнови вести од: Бизнис

Макстил најавува планирани промени во управувањето по промените на ниво на групацијата

Марија Дуковска-Павловска започнува ново професионално поглавје, а Иван Бановски е предложен повторно да го преземе раководењето со компанијата. Предвиден е шестмесечен транзициски период за обезбедување континуитет во управувањето

Потребен е национален дата-центар, велат од Владата

Македонија мора да изгради национален дата-центар за да ја обезбеди стабилноста на дигиталните услуги и да го следи развојот на вештачката интелигенција, е заклучокот на панел-дискусијата „Дата-центрите, расчистување на мистеријата“.

(Видео): ДПИ открива скандал со брзите кредити, од Владата со реакција за големата сума пари

ДПИ за првпат спроведе сеопфатен и неселективен инспекциски надзор кај сите 27 финансиски друштва кои поседуваат лиценца за работа од Министерството за финансии, при што утврди сериозни прекршувања на правата на потрошувачите и донесе решенија со кои овие друштва се обврзуваат да им вратат на граѓаните незаконски наплатени средства во вкупен износ од над 140 милиони денари, соопшти директорот Влатко Стојкоски.

Синдикатите и ТИТАН Усје ја зајакнуваат соработката за дополнително унапредување на условите за работа

Во рамки на средбата беа презентирани политиките и мерките што ТИТАН Усје континуирано ги спроведува за унапредување на правата и економската сигурност на вработените, преку соодветни надоместоци и дополнителни придобивки

Две финансиски друштва цел месец дена не смеат да издаваат кредити, изречени и глоби

Министерството за финансии спроведе вонреден надзор над работењето на финансиските друштва и изрече привремена забрана за одобрување кредити во времетраење од 30 дена и глоба согласно законските прописи на две финансиски друштва.

To top