Бизнис

Ќе излезе ли Германија конечно од економската криза?!

Германија е во продолжена рецесија од крајот на 2022 година, а за 2025 година се очекува само симболичен раст од околу 0,1 процент. По години стагнација и пад, германската економија влегува во 2026 година со високи очекувања, но и со намален оптимизам кај економистите. Иако сè уште се очекува растот да се врати, прогнозите покажуваат дека тој ќе биде побавен и послаб отколку што претходно се веруваше.

Германија е во продолжена рецесија од крајот на 2022 година. За 2025 година се очекува само симболичен раст од околу 0,1 процент, додека од 2026 година се очекува мало забрзување. Сепак, најновите проценки покажуваат дека нема да има брзо закрепнување. Бундесбанк ја намали својата прогноза за раст за 2026 година на само 0,6 проценти пред Божиќ, додека Институтот Ифо очекува раст од околу 0,8 проценти.

Економистите предупредуваат дека германската економија се прилагодува бавно и со голема цена на длабоките структурни промени. Војната во Украина ја откри нејзината голема зависност од рускиот гас, а транзицијата кон алтернативни извори на енергија се покажа како скапа и комплицирана. Во исто време, извозно ориентираниот германски модел е ослабен од американските царини и променливите односи со Кина, која од клучен пазар се претвори во сериозен конкурент – особено во автомобилската индустрија, пишува Дојче веле.

Сето ова се вклопува во пошироката слика за деиндустријализација, хроничен недостаток на инвестиции, запоставена инфраструктура и заостанување во дигитализацијата, проблеми кои со години се кријат под тепих поради строгите фискални правила.

Големи ветувања, но и големи сомнежи

Новата влада на канцеларот Фридрих Мерц дојде на власт ветувајќи силен пресврт во инвестициите. Правилата за долг се променети за да се овозможи до 1 трилион евра инвестиции во одбраната и инфраструктурата во текот на следната деценија. Се очекува овој план да биде клучен двигател на растот од 2026 година.

Но, скептиците предупредуваат дека постои опасност голем дел од тие пари да бидат потрошени за пензии, социјални бенефиции и субвенции, наместо за продуктивни инвестиции. Германскиот совет на економски експерти веќе предупреди дека таков пристап може да доведе до пропуштени можности за раст и да ја загрози одржливоста на јавниот долг на долг рок.

Претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, верува дека економската активност ќе се забрза од вториот квартал на 2026 година, првенствено благодарение на владините трошоци и зајакнувањето на извозот. Спротивно на тоа, Дојче Банк се сомнева дека фискалните стимулации ќе имаат долготраен ефект, проценувајќи дека би можеле да предизвикаат само краткорочен „наплив на шеќер“ за економијата.

Значењето на закрепнувањето на Германија ги надминува националните граници. Според анкетата на „Фајненшл тајмс“, многу европски економисти веруваат дека надежите на цела Европа за посилен раст во голема мера зависат од успехот на германскиот инвестициски план.

Мали стимулации и кревка доверба

Анкетите за деловниот расположен не укажуваат на ненадеен пресврт, особено во првата половина од 2026 година. Сепак, на крајот од 2025 година, околу 40 проценти од деловните здруженија очекуваа раст на производството и продажбата во 2026 година, додека истиот број предвидуваше стагнација.

Еден необичен, но мерлив поттик за растот би можел да дојде од календарот: Германија ќе има повеќе работни денови во 2026 година отколку претходната година, што би можело да го зголеми БДП за околу 0,3 проценти, според проценките на ING Bank. Сепак, економистите нагласуваат дека ова е еднократен ефект, а не знак за трајно закрепнување.

Најнови вести од: Бизнис

Македонија добива оператор за пазарот на гас – Владата отвори пат кон поконкурентен пазар

Владата донесе одлука да се забрза формирањето на оператор за пазарот на природен гас, а работата ќе ја преземе МЕМО ДООЕЛ Скопје, кој треба да ја започне целата постапка и да подготви план за тоа како практично ќе функционира новиот пазарен оператор.

Бизнисот постојано бара работници, додека 88.500 граѓани „молат Бога да не најдат“

Анкетата на АВРМ открива јаз меѓу потребите на компаниите за среден стручен кадар и образовниот профил на активните баратели. Од Владата велат дека невработеноста паѓа, но и граѓаните да се поажурни ако сакаат добри примања.

(Видео): Јасно е каде оди светот, ќе продолжиме да ја водиме државата кон просперитет, рече премиерот за дата-центрите

Прашањето за изградба на дата центри во Македонија ја отвори дилемата – дали станува збор за развојна шанса или за ризик за ресурсите? Власта вели дека тоа е иднината на светот.

To top