Бизнис

Новиот Закон за пушење со ригорозни казни и за фирмите што нема да ги почитуваат правилата

Малите продажни објекти, како што се тобако продавниците, киосците, мини маркетите и другите мали семејни бизниси ќе бидат сериозно погодени од новиот Зaкон за заштита од пушење и ќе се соочат со сериозни дополнителни трошоци и загуби поради кои дел ќе треба да отпуштаат вработени, а дел ќе бидат принудени целосно да ги затворат продавниците.

Малите продажни објекти предупредуваат дека забраните за изложување и продажба на тутунски производи може да значат отпуштања и целосно гасење на бизнисите. Според сопствениците на ваквите мали продажни објекти, одредбите од предложеното законско решение кои се однесуваат на начинот на продажба, изложување и комуницирање на цигарите и другите тутунски производи ќе ја загрозат егзистенцијата на малите бизниси низ целата земја што се занимаваат со малопродажба.

Според податоците на Стопанската комора на Македонија, станува збор за над 4.000 мали и средни бизниси. Притоа, најголемиот дел од нивните месечни приходи се должат на склучените долгорочни договори со тутунската индустрија. Затоа, сопствениците на овие мали бизниси бараат поправедно законско решение кон нив, како и преоден период во кој ќе можат да се прилагодат кон новите законски регулативи.

Нацрт-законот за заштита од пушење забранува изложување на цигари и други производи што содржат тутун и никотин, како и уреди што се употребуваат за нивно консумирање. Овие производи на продажните места ќе мора да се чуваат во непроѕирни, затворени шкафови, недостапни за купувачите. Шкафовите за складирање треба да се конструирани така што производите во нив да не се гледаат кога шкафот се отвора, а не смеат да имаат никакво надворешно осветлување или боја што привлекува внимание.

Малопродажните објекти во кои се продаваат цигари и други тутунски производи не смеат да имаат каков било брендинг поврзан со овие производи, ниту пак некаква друга комуникација што наговестува дека таму се продаваат вакви производи.

Малите трговци реагираат дека предложеното законско решение сериозно ги погодува оние кои со години работат легално, според важечките законски прописи.

  • Особено сме погодени сите што изминатите години инвестиравме значителни средства за да го уредиме продажниот простор со неопходната опрема, витрини и безбедносни системи, сето тоа прилагодено за продажба на тутунски производи од кои реално го заработуваме најголемиот дел од приходите. Со новите законски ограничувања, овие инвестиции практично стануваат бескорисни, а загубите за нас ќе бидат огромни. Вложувањата се направени со кредити и големи задолжувања, така што оваа нагла промена ни предизвикува сериозни финансиски проблеми, а за голем дел од нас тоа значи целосно затворање на бизнисот од кој се хранат многу семејства – велат малите трговци.  

Тие сметаат дека е неопходен поправеден систем кон малите трговци, со проценка на реалните ризици по семејните бизниси бидејќи новиот закон нуди само забрани, но не и решенија за реалните проблеми со кои тие се соочуваат.

Како сериозен недостаток на законското решение го истакнуваат делот во кој се предвидува дека забраните нема да важат за специјализираните продавници за тутун и тутунски/никотински производи и уреди, но никаде не се прецизира кои се тие продавници, нема јасни критериуми за нивната големина и локација, не е наведено дали постојните продажни објекти може да се прилагодат да станат специјализирани и на кој начин може да се направи тоа, што остава простор за различни толкувања и селективна примена на законот.

Голем проблем, според малите трговци, е и тоа што законодавецот не предвидел преоден период за прилагодување на трговците, што е во интерес и на државата и на бизнисите.

  • Голем дел од нас треба целосно да го смениме деловниот модел, а тоа не може да се направи преку ноќ. Потребни се месеци, па и една година за да се прилагодиме на новите барања, ограничувања и забрани. Без преоден период, малите трговци ќе бидат доведени во неизвесна и хаотична состојба бидејќи тоа значи нагло откажување на веќе потпишаните годишни договори со дистрибутерите на цигари и тутунски производи, преуредување на просторот, отстранување на брендингот од објектите. Сето тоа ќе доведе до финансиски колапс на малите продажни објекти, отпуштање на вработени, а кај голем дел тоа ќе значи целосно затворање – велат трговците.     

Сериозно прашање што го отвораат малите трговци е ситуацијата со залихите на ароматизирани тутунски и никотински производи, чија продажба целосно се забранува со новиот закон. Трговците прашуваат што ќе прават со залихите на овие производи што во моментов ги имаат во значителни количини, а за кои веќе уредно ги платиле сите давачки кон државата. Законското решение не нуди решение што треба да се прави со овие производи, ниту пак предвидува преоден рок за нивна продажба или враќање на производителите.

Најнови вести од: Бизнис

МБА: Се ближи примената на новите стандарди во националниот платен промет – новините не значат промена на постојните платежни сметки

МБА ги охрабрува граѓаните и компаниите навремено да ги следат известувањата и практичните упатства што ќе ги објавуваат нивните банки во однос на новите платни налози, користењето на ИБАН и другите промени поврзани со примената на новите стандарди.

Народна банка со зајакнати статистички и аналитички капацитети

Народната банка останува посветена на натамошното унапредување на статистичките податоци, нивната транспарентност и навременост, како и на целосно усогласување со меѓународните и европските стандарди.

Европа брза да отвора рудници за критични минерали додека „Иловица“ никако да тргне

ЕК заклучува дека Унијата не може, ниту пак има за цел, дома да ги произведува сите суровини што ѝ се потребни – „увозот и понатаму ќе претставува важен дел од снабдувањето на Европа“. Според нив, целта е да се зголемат европските капацитети, да се диверзифицираат изворите на снабдување и да се намали прекумерната зависност од поединечни добавувачи.

Гувернерот за економските перспективи на Европа: Нов модел на економски раст клучен за брзо приближување кон ЕУ

Како важен двигател на продуктивноста и растот, Славески ги посочи квалитетот и структурата на инвестициите. Иако регионот привлекува значителни странски директни инвестиции, потребно е нивното поголемо насочување кон попродуктивни активности, поголемо учество на домашните компании во глобалните синџири на вредност и зголемување на додадената вредност на извозот.

Гувернерот на средби со ММФ: Македонската економија покажува отпорност, а банкарскиот систем останува стабилен

Делегацијата на Народната банка оствари средби и со претставници на одделите за статистика, правни работи и монетарни и капитални пазари на ММФ. Беа разгледани досегашните резултати и можностите за понатамошно унапредување на соработката во областа на монетарната политика и статистиката, јакнење на институционалните капацитети и усогласување со меѓународните стандарди.

На што граѓаните трошат најмногу пари секој месец?!

Статистиката покажува дека на македонските трпези најчесто има основни прехранбени производи. Во домаќинствата просечно се консумираат околу 172 килограми леб годишно, околу 64 килограми компир, а од пијалаците најзастапени се безалкохолните пијалаци и млекото. 

To top