Глобален прекин во работата на Cloudflare попладне предизвика проблеми кај илјадници корисници ширум светот, вклучително и во Македонија, при пристапот до популарни услуги како X (бившиот Twitter), ChatGPT, Spotify и многу останати. Проблемите започнаа околу 13 часот по локално време и главно ги погодија страниците што користат автентикација, при што корисниците добиваа пораки за безбедносни ризици или грешка при вчитување.
Cloudflare, клучен давател на интернет инфраструктура што штити од сајбер напади и управува со сообраќајот за околу 20% од веб страниците, потврди дека се соочува со „внатрешен дефект во услугите“ и дека активно истражува.
Во нивното соопштение се вели: „Cloudflare е свесен за проблемот што потенцијално влијае на повеќе корисници и го истражува. Повеќе детали ќе бидат објавени кога ќе бидат достапни повеќе информации.“ Компанијата веќе воведе поправки, па некои услуги како Cloudflare Access и WARP почнаа да се опоравуваат, но дел од клиентите сè уште можат да имаат прекини.
Во Македонија, корисниците на X, ChatGPT и други платформи пријавија слични проблеми, а прекинот се почувствува и кај локални веб-страници. Ова не е прв инцидент: пред помалку од месец дена, сличен колапс на Amazon Web Services (AWS) предизвика глобални прекини кај Snapchat, Reddit и други, а потоа и Microsoft Azure имаше проблеми.
Експертите предупредуваат дека ваквите прекини ги истакнуваат ранливостите на зависноста од неколку клучни инфраструктурни провајдери