Владата и АД ЕСМ подготвуваат финансиски модел за повторно вклучување на ТЕЦ „Неготино“ во производството на електрична енергија, а наскоро треба да почне и транспортот на јаглен од Косово за домашните термоцентрали. Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Делчево најави дека планот ги опфаќа сите домашни енергетски капацитети – ТЕЦ „Неготино“, блоковите на РЕК „Битола“, РЕК „Осломеј“ и хидроцентралите.
Мицкоски рече дека со раководството на АД ЕСМ е подготвен финансиски модел со кој производството од различните капацитети би се усогласувало во текот на годината. Според најавата, се очекува поволните хидролошки услови во текот на зимата да овозможат напролет и во остатокот од годината да се надоместат евентуалните загуби од декември и јануари.
- Се подготвуваме за вклучување на ТЕЦ „Неготино“. Со раководството на АД ЕСМ, поранешно АД ЕЛЕМ, подготвивме финансиски модел што ги опфаќа ТЕЦ „Неготино“, блоковите во Битола, термоцентралата „Осломеј“ и хидроцентралите. Очекуваме поволни хидролошки услови во текот на зимата за загубите од зимскиот период да ги надоместиме напролет и во текот на годината – рече Мицкоски.

Премиерот тврди дека производството на струја во ТЕЦ „Неготино“ би било економски оправдано при сегашната цена на мазутот. Според неговите пресметки, производната цена би изнесувала од 170 до 175 евра за мегават-час, додека во одредени денови цените на берзите достигнувале од 400 до 500 евра за мегават-час.
- Со сегашната цена на мазутот на берзите, производствената цена во ТЕЦ „Неготино“ би се движела од 170 до 175 евра за мегават-час. Во одредени денови цените на берзите достигнуваат и од 400 до 500 евра за мегават-час. Економскиот модел предвидува АД ЕСМ да заработува во одредени периоди од годината и од денот за да ги покрие очекуваните загуби во декември и јануари – изјави премиерот.
Мицкоски најави и дека ќе почне транспортот на јаглен од Косово. Според него, договорено е во период од три години од таму да се ископаат и донесат во земјава вкупно три милиони тони јаглен, по цена што, како што рече, е значително пониска од цената на јагленот што моментално се набавува од други соседни земји.
- Планот е остварлив. Ќе почне и транспортот на јаглен од Косово. Имаме договор во наредните три години таму да ископаме три милиони тони јаглен и да го донесеме кај нас. Цената е многу пониска од цената на јагленот што во моментов се носи од другите соседни земји. Кога ќе се согледа целиот план, мислам дека сме на добар пат – истакна Мицкоски.