Хроника

Газдата на фирмата што нелегално истураше градежен шут во Ново Лисиче има и „стари гревови“

Качапор е претходно осудуван. Се гонеше во предметот „Синџир“ за делата „злосторничко здружување“, „даночно затајување“ и „перење пари“, а организатор на операцијата беше Љупчо Пецов Ѓаволот

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески спречил обид за нелегално истурање на градежен шут на дива депонија во Ново Лисиче од камион со натпис од фирмата „ХСА-Констракшн“. Тој објави видеоснимка на Фејсбук на која се гледа како бара инспекција и полиција, додека возачот на камионот кој го истовара шутот му дава телефонски да се слушне со газдата на фирмата.

Од општината велат дека е пријавено во МВР и дека е направен записник. На местото веднаш излегол инспектор за животна средина од Општина Аеродром, а во понеделник ќе биде повикана фирмата на која ќе ѝ биде врачен записник и решение за казна за загрозување на животната средина.

„Граѓанин пријавил дека, додека се движел кон Долно Лисиче, после мостот на река Вардар од лева страна, забележал товарно возило со скопски регистарски ознаки со натпис на правно лице, како на јавна површина истура шут и градежни материјали, по што веднаш пријавил во полиција и во Општина Аеродром. Возилото заминало пред пристигнување на полициски службеници. На местото на настанот била присутна и инспекторка за животна средина од општина Аеродром која извршила фотографирање и појаснила дека преку општината ќе преземат мерки за настанот“, информира МВР.

Најниската казна е 9.000 евра, а највисоката над 80.000 евра во зависност од тоа за каква фирма станува збор.

Газда на фирмата „ХСА-Констракшн“ е Харис Качапор, кој е добро познат на обвинителството и на полицијата, пишува Плусинфо. На Качапор во моментов му се суди за смртоносното прегазување на поранешниот директор на ОХИС, Јорго Ќука. Тој е обвинет за тешки дела во сообраќајот за кое е предвидена казна од четири до 20 години затвор.

Сообраќајката се случи на 3 ноември на булеварот Гоце Делчев, а Качапор тогаш го остави возилото, по што полицијата го уапси неколку часа подоцна. Полицијата го пронајде во болница, пришто Качапор се правдаше дека отишол на лекар и не избегал од местото на несреќата. Откако беше приведен, му беа изречени мерки на претпазливост.

Качапор е претходно осудуван. Се гонеше во предметот „Синџир“ за делата „злосторничко здружување“, „даночно затајување“ и „перење пари“, а организатор на операцијата беше Љупчо Пецов Ѓаволот, тогаш во бегство. Качапор се спогоди со обвинителството и доби условна казна и требаше да врати пари во буџетот -додава Плусинфо.

Фирмата „ХСА-Констракшн“ е од селото Батинци и формирана е во 2014 година. Дејноста ѝ е изградба на други објекти од нискоградба. Во 2025 година, според податоците на Бизнис мрежа, имала добивка од 359.000 евра.

Најнови вести од: Хроника

ДЗР: Студентскиот дом „Пелагонија“ го плаќал лебот по 126 денари за килограм! – Малверзации и кај душеците за студентите!

Државниот завод за ревизија утврдил повеќе, како што наведува, малверзации и недоследности во јавните набавки при работата на студентскиот дом ,,Пелагонија” во Кисела Вода, при што најмногу во очи паѓа сознанието дека домот набавувал леб по цена од 126 денари за килограм!

Кривична пријава против двајца и фирма од Велешта, бидејќи незаконски копале минерални суровини и ја загадиле водата во Струга

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Х.М. (50) и Н.К. (54), двајцата од Велешта, како и против правен субјект од истото село. Тие се сомничат за кривичните дела „узурпација на недвижности“, „незаконита експлоатација на минерални суровини“, „предизвикување опасност при градежни работи“ и „загадување вода за пиење“.

Вчера во цела Македонија казнети 166 пешаци, поради небезбедно преминување улица надвор од пешачки премин

Во текот на вчерашниот ден (17.08.2026) од 9 до 15 часот Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајна контрола на територијата на целата држава, заради казнување прекршоци, што ги прават пешаците. При контролата казнети се 166 пешаци, од кои 137, поради небезбедно преминување на улица надвор од пешачки премин.

Крвава драма во Батинци: Петмина ги нападнале И.М. (41) и неговиот малолетен син и им нанеле расекотини со остар предмет!

Според полицискиот билтен, синоќа околу 20 часот во СВР Скопје И.М. (41) пријавил дека во двор од неговата куќа во скопското село Батинци бил физички нападнат од С.С., М.С., Н.С., А.С. и Р.С.

To top