Колумни

Ако не се урне сценариото за уривање на Македонија, Македонците ќе станат бестатковинци – новите „Курди во Балканот“

Французите ги уриваат Макрон и неговата влада, ама не ја уриваат и Франција како држава, што е целта со Македонија! Се обидуваат и Германците да ги урнат германската владејачка коалиција и Мерц, ама не се стремат да ја урнат Германија како држава, што е целта со Македонија! Потребно е македонско национално и македонско државно единство во напорите за создавање услови за подобар живот за сите граѓани без оглед на етничката и политичката припадност, отфрлајќи било чии меѓународни замешателства во нашите внатрешни работи.

Пишува: Свето Тоевски

 „Итно е потребно да се промени начинот на управување со државата. Имаме национална обврска да ја урнеме оваа влада, бидејќи е најантиалбанска и антиевропска во последните 30 години.“ – кажа пред неколку дена Бујар Османи, пред се во својство како потпретседател на ДУИ, а дури потоа како кандидат за градоначалник на Чаир. Истиот ден неговиот партиски шеф Али Ахмети ги повтори веќе чуените изјави оти тој и неговите сопартијци реализираат „мисија“, а дека „евроинтегрирањето на С.Македонија“ е една од главните „мисии“, кои се стремат да ги остварат.

Се цели да се постави нова „многу проевропска Влада“, која нема да се „инаети“, туку ќе биде „послушна“ и „покооперативна“ кон Брисел

На 3 октомври во интервјуто за „Еуроњуз Албанија“ Ахмети нагласи дека е „нужно да се случат предвремени парламентарни избори“. Со овие изјави двоецот Османи-Ахмети конечно го обелоденија сценариото, кое се подготвува да се реализира: уривање на сегашната Влада на Република Македонија, а потоа преку предвремени парламентарни избори да се состави нова влада, која нема да биде „антиевропска“, или појасно кажано, која веднаш би започнала со постапката за промена на македонскиот устав, заради вметнување на „бугарскиот државотворен народ во неговата преамбула. Напоредно со ДУИ настапува СДСМ. Од Гевгелија неговиот лидер Венко Филипче, му испратил „јасна порака“ до Христијан Мицкоски: „Македонија не е твој експеримент, ниту твој вилает. Државата е заеднички дом на сите граѓани и СДСМ ќе се бори за него. Ние од СДСМ секогаш ја градевме државата во кризи, во несигурност, во време кога требаше храброст. Повторно ќе ја исправиме државата. Македонија се буди. СДСМ не е само партија, туку движење за општеството во кое секој човек е важен.“ – ќе каже Филипче „вдахновено“ на тој нивен митинг.

Пред да напишам натаму и еден збор ќе нагласам дека ги тргам настрана од моето видно поле и ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, зашто мотивацијата на оваа анализа не е да се вклучувам во нивната предизборна кампања и им бидам „адвокат“, па да ги застапувам нивните ставови и позиции со нарачани свои безвредни текстови. Ќе се осврнам на сѐ од појдовни позиции на автентичните државно-национални интереси на Македонија како држава и на македонскиот народ и сите други граѓани без оглед на етничката и политичка припадност.

Меѓународните центри на геополитичката моќ, заедно со нивните домашни помагачи, се обидуваат пак да ја фрлат Македонија во бездната на непостоењето

Венко Филипче и СДСМ немаат работа со ВМРО ДПМНЕ и со Мицкоски, туку пред се со убедливото мнозинство од македонскиот народ и сите други македонски граѓани, кои им го сопреа на ланските парламентарни избори нивниот вистински погубен експеримент со постоењето на Македонија и Македонците, во режија на странските ментори. Во тие мигови Македонија беше на работ да биде урната во бездната на исчезнувањето, но исходот од гласањата, таков каков што беше, ја пооддалечи македонската држава од опасната зона. Сега сакаат пак да ја вратат таму и да ја довршат замислената задача, која им ја довериле меѓународните центри на геополитичката моќ. Сега Филипче и оној зад него, вистинскиот шеф во партијата, кој командува што да се прави, повторно се во обид да го продолжат истиов „преспанско-санстефански експеримент“. Ќе потсетам дека Венко Филипче на 9 септември бил во Париз на „консултации“ со поблискиот, или поширокиот тим на францускиот претседател Емануел Макрон, во врска со „Предлог-резолуцијата“ за „македонските црвени линии“ поврзано со „евроинтегрирањето“.

По добивањето, всушност, инструкции што да прави, Филипче го вади на виделина нивниот документ, кој според севкупната содржина е поправо „Француско-бугарска резолуција“ за „македонските црвени линии“. Главна е во неа одредбата, поточно кажано, наредбата во таа „резолуција на СДСМ“ до 1 декември 2025 година да се внесат „бугарските државотворци“ во македонскиот устав „најдоцна до 10 февруари 2026 година“. Внесувањето на „бугарските државотворци“ – фантоми во највисокиот правно-политички акт на Македонија би значело во најдиректна смисла нејзино уривање како држава и во брз следувателен процес бугаризација нејзина и на македонскиот народ. Распадот на Македонија и поделбата на нејзината територија е конечната цел на сценариото, кое е испланирано да се оствари, ако здобијат можност да го сторат ова. 

Секој со „својот дел“, а кој „дел“ да (не) им остане на Македонците?!

Внесувањето на „бугарскиот државотворен народ“ во преамбулата на македонскиот устав, според истакнати светски политички експерти, би значело „државотворните Бугари“, согласно со меѓународното право, да здобијат право на самоопределување сѐ до отцепување на својот „бугарски дел“ од македонската територија и потоа да си го припојат кон „матичната држава Бугарија“. Директно во овој контекст се наоѓа заканата на Али Ахмети од 24 септември 2025 година за поделба  на Македонија на „албански и бугарски дел“.  „Ако не го продолжи С.Македонија својот пат кон ЕУ, тогаш граѓаните на оваа земја нема да имаат друг избор освен некои да одат со Албанија, а другите со Бугарија!“.  – имаше кажано Ахмети, како што пренесе информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“.

Во Шпанија и Словачка, држави-членки на ЕУ со мултиетничко население, не се ни помислува етнички малцинства, или етнички групи (што Бугарите не се воопшто во Македонија) да можат да добијат уставно признат статус како „државотворен народ“, што бара Бугарија за 3504 Бугари во Македонија. „Француско-бугарската резолуција“ за „македонските црвени линии“ кон ЕУ е „темпирана мина“, ставена во „заседа“ да се активира во соодветен момент, по локалните избори, арно ама ако им се даде таквата можност! Споменатата „Предлог-резолуција“ со „директивите“ да се внесат „бугарските државотворци“ „најдоцна до 10 февруари 2026 година“, треба да се именува, всушност, како „Француско-бугарска резолуција“. Таа е „скроена“ да биде нова „бугарска алатка“ во уште еден обид за растурање на македонската држава, за нејзино конечно прогласување како „втора бугарска држава во Балканот“, што би била, перспективно, припоена кон „мајка Бугарија“. 

Вистинските составувачи на „Француско-бугарската резолуција“, заедно со нивните домашни „курири“ од СДСМ, кои само ја донесоа во Македонија, се наоѓаат во „заседа“: тие здружно чекаат да  завршат локалните избори и да искористат и најмала можност дури и принудно да издејствуваат одржување предвремени парламентарни избори. Значи, потоа и да се избере многу „проевропска влада“, не како оваа „непослушнава“ и „некооперативна“, која се „инаети“ и не сака да ги вметне „државотворните Бугари“ во македонскиот устав. Е, токму во ваков момент и во ваков контекст би дошло на ред активирањето на „Француско-бугарската резолуција“ за „македонските црвени линии“, пак ќе речам ако им се укаже можноста.

Секаде во Европа и светот секоја опозиција во секоја демократска држава најнормално во дадени моменти настојува да дојде на власт, ја критикува владата, оправдано, неоправдано, се обидува да предизвика предвремени парламентарни избори. Но, во една Франција стотици илјади Французи потестираа и успеаја да оборат една, па од завчера и втора влада, барајќи поправо да си замине Емануел Макрон. Но, Французите ги уриваат Макрон и неговата влада, ама не ја уриваат и Франција како држава, што е целта со Македонија! Неодамна и десеттици илјади Германци протестираа на улиците против канцеларот Мерц и неговата влада, која е на „стаклени нозе“, спротивставувајќи се на наметнатата економска и социјална политика, исто како и во Франција. Се обидуваат и Германците да ги урнат германската владејачка коалиција и Мерц, ама не се стремат да ја урнат Германија како држава, што е целта со Македонија!

Потребно е македонско национално единство внатре во македонското национално тело, ама и македонско државно единство со Албанците, Турците и сите други етникуми во земјата!

Некогашните комунисти, чии наследници се денешните социјалдемократи, во Втората светска војна заедно со илинденците ја изградија македонската држава, спротивставувајќи му се на злото на фашизмот. Следејќи ги овие традиции, социјалдемократите и вмровците, заедно со сите други партијци – членови на други партии, со припадници на други етникуми, не само Македонците, треба и денес да погледнат и повисоко и понастрана од нивните политички разлики и несогласувања и да дејствуваат во насока на градење македонско национално, но и македонско државно единство. Македонско национално единство внатре во македонското национално тело, ама и македонско државно единство и со Албанците, Турците и сите други етнички заедници кај нас. Сме ја добиле илинденско-асномска Македонија од претходните македонски поколенија, а таква и никако поинаква ќе мора да им ја предадеме во наследство на нашите следни македонски поколенија.   

Уште во своето време Гоце Делчев има кажано: „Ние не можеме да дозволиме други да прават политика со Македонија. … Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме, или да умреме и кога. Нема да оставиме да командувате… Ние не бараме покровители, а уште помалку господари! Македонија има свои интереси и своја политика, таа им припаѓа на сите Македонци.“

Надоврзувајќи се вдахновено на пораките на Гоце Делчев, генијалниот книжевен растајнувач на македонската судбина Петре М.Андреевски ќе ни остави завештание: „Не дозволувајте друг да ни ја контролира националната свест! Да изградиме заедничка национална програма за Македонија! Македонците треба да си ги вратат достоинството, храброста и вистината за себе!“

 Овие пораки треба да се имаат предвид постојано и да се оживотворуваат посебно денес кога мнозина други од надвор се обидуваат да водат политика со сите нас и да нѐ стават во функција на остварување на нивните мрачни планови и сценарија кон Македонија. Секој нека си го каже на локалните избори своето определување за оваа, или онаа партија, за овие, или оние кандидати за градоначалници, секој нека си каже што мисли за политичките ставови, кои им ги упатуваат опозицијата и владејачката коалиција. Изјаснувајќи се на локалните избори секој едновремено нека си изнесе и свој став колку е задоволен, или  незадоволен од постојнава Влада на Република Македонија. Локалните избори треба да бидат и референдум за опстојот на нашата заедничка Македонија.

Да не дозволиме нашите домашни внатрешни несогласувања, различности, па и партиско-политички судири да бидат ставени во надворешна шема за манипулација со нас и да нѐ насочат кон растурање на заедничкиот дом – Македонија!

Ама и да не дозволиме нашите домашни внатрешни несогласувања, различности, па и партиско-политички судири да бидат ставени во надворешна шема за манипулација со нас и да нѐ насочат во правец на растурање на заедничкиот дом – Македонија. Да не го дозволиме со уставните промени испланираното сценарио да се урне Македонија и Македонците да станат бестатковинци – новите „Курди на Балканот“! Да не прифаќаме било чии подмолни манипулативни канења за учество во „протестни прошетки“ и притоа со повици „да се разбесниме“, како што стоеше во еден повик летоска!

 Оваа Влада сепак има најголема одговорност и е најповикана да се сопре уривањето на државата, со тоа што ќе преземе соодветни демократски и политички мерки против тоа. Едновремено Владата на Македонија треба да стане уште пореспонзивна, уште повеќе да одговара на логичните барања на вкупното население, на сите граѓани за подобрување на условите за живот, за позабрзано справување со огромните наследени проблеми и блокади на институциите. Кон надвор Владата на Република Македонија треба да внесе новини во надворешната и посебно евроинтеграциската политика: завчерашната победа на Андреј Бабиш и неговата партија АНО, дејствувањата на Роберт Фицо и Словачка, Виктор Орбан и Унгарија, на полскиот претседател Карол Навроцки, сите во состав на Вишеградската група, има реално големо значење и за Македонија, бидејќи овие држави и нивни политички и национални лидери веќе се дел од бранот на започнатото градење на новата реформирана „Европска унија на суверени нации“.

 Тие имаат многу голема поддршка и почит кон Македонија, македонскиот народ и нашиот национален идентитет – нешта, кои очајно ѝ недостасуваат  на постојнава ЕУ, на нивната „галеница“ – Бугарија и посебно на Макронова Франција, стратегискиот партнер и најблизок сојузник на Бугарија, уште од 2008 година. Треба и Македонија да започне да се вклучува во новиот суверенистички бран во Европа, од каде што не ѝ се заканува никакво и ничие сценарио за нејзино уривање како држава…

(Овој текст е трет и последен дел на оваа серија анализи, како надоврзување на првиот дел со наслов „По ‘париската обука’ Филипче и СДСМ ја ‘извадија’ ‘најпатриотската’ резолуција за ‘Бугари во устав’ – новата ‘бугарска алатка’ за распад на Македонија!“ , како и на вториот дел со наслов „Макронова Франција, која се меша во внатрешните работи на многу држави, е ‘санстефанска маќеа’ за Македонија, а ‘европска мајка’ за Бугарија“!)

(Авторот изнесува согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).

Најнови вести од: Колумни

Макронова Франција, која се меша во внатрешните работи на многу држави, е „санстефанска маќеа“ за Македонија, а „европска мајка“ за Бугарија! (2)

Со оглед на активираното сценарио за уривање на Македонија како држава, ќе мора локалните избори на 19 октомври да бидат не само изјаснување за нови, поквалитетни локални власти и подобро функционирање на општините, туку и референдум за опстојот и просперитетот на Македонија како држава и заеднички дом за сите нејзини граѓани, без оглед на нивната етничка и политичка припадност.

По „париската обука“ Филипче и СДСМ ја „извадија“ „најпатриотската“ резолуција за „Бугари во устав“ – новата „бугарска алатка“ за распад на Македонија! (1)

По реакцијата на претседателот Макрон околу „недипломатското однесување“ на новиот амбасадор на САД во Париз Чарлс Кушнер околу прашањето за признавањето на Палестина, Министерството за надворешни работи на Франција на 24.8.2025 упати барање до Трампова Америка „да „не се меша во нејзините внатрешни работи“, бидејќи е тоа „неприфатливо од гледна точка на меѓународното право и Виенската конвенција за дипломатски односи“. Имајќи предвид дека меѓународното право еднакво важи и се применува и за Македонија, како требало да реагира таа кон Макрон, кој веќе неколку години се залага за „правда за барањата на Бугарија“, а пред се за внесување на „бугарскиот државотворен народ“ во македонскиот устав?! Уште и го „скрои“, заедно со своите соработници, катастрофалниот „француски предлог“?!

Аманетот на Петре М. Андреевски: Не дозволувајте друг да ни ја контролира националната свест! – Да изградиме заедничка програма за Македонија!

Во 2000 година во интервју за весникот „Нова Македонија“, запрашан што би им советувал на Македонците, македонскиот книжевен гениј и патриот Петре М. Андреевски ќе нагласи: „Да си ги вратат достоинството, храброста и вистината за себе!“

Зарем не може и Македонија да стане „балкански еколошки Сингапур“ со своја „револуција“ за собирање и искористување на отпадот?!

Во азиската град-држава Сингапур, која се нарекува не случајно „светска престолнина на рециклирањето на отпадот“, ѓубрето не се нарекува ѓубре, туку „рециклирачки материјали“, а во Македонија од него се формираат се поголем број „мини-планини“, кои се повеќе ја загадуваат животната средина и го загрозуваат животот и здравјето на луѓето, посебно во случаите на намерно подметнуваните пожари како во изминативе неколку седмици.

Албанија со устав бара да не бидат дискриминирани Албанците во други држави, а тамошните Македонци се жалат токму на тоа, дека се граѓани од втор ред! (4)

Попретседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија Ендрит Фетаху на најјасен можен начин укажува зошто мора да се вратат во уставот на Македонија не само Македонците од Албанија, туку и од сите други балкански држави, заедно со грижата на државата за нив и нивните права, како што и се случи пред 30 години со усвојувањето на амандманот 58 на уставот: за да се одржи во живот македонската кауза во Албанија, но и во Бугарија, Грција, Косово и секаде каде што живеат Македонците во Балканот заедно со својот македонски етнички идентитет и мајчиниот македонски јазик.

Бугарија бара дури и„држава во држава“ за фантомскиот „бугарски народ“ во Македонија, а низ ЕУ се дере: „Њама македонски език, њама Македонци кај нас!“ (3)

Д-р Билјана Волческа-Вербруге, предавач по европска интеграција и културни студии на Тилбург Универзитетот во Холандија, ја критикува Бугарија дека ја принудува Македонија „повторно да ја пишува својата историја“, но и оти бара од неа преку хегемонистички говор и пристап да се откаже од какво било тврдење во врска со постоењето на македонско малцинство во Бугарија.

Грција со устав ги „цементира врските на Грците со татковината“, а со „преспанска бомба“ ги растури врските на тамошните Македонци со Македонија! (2)

„Групата за малцински прашања“ („Minority Rights Group“) со седиште во Лондон, во Велика Британија, искажува невидено остри обвинувања дека етничкото македонско малцинство во Грција ниту се признава дека воопшто постои, ниту оти има какви било малцински права, поради „силниот отпор на грчката влада, на грчките националисти и етничкото грчко население како целина“!

Скандал: „Аналитичарот“ Мехази повикува да се подели „РСМ“ на албански и македонски дел, „зашто никој не ја сака, дури ниту Македонците“?!

Дали и како ќе реагираат надлежните државни институции во Република Македонија по ваквиот јавен повик за уривање на нејзиниот територијален интегритет, но имајќи ги предвид и сериозните квалификации за „нереагирањето на НАТО и да се пролее крв во државата“, како и етничките навреди дека „Македонците се Славосрби“?

To top