Колумни

Дода: Рама и Курти имаат сеалбански амбиции да влијаат, или да доминираат во албанскиот простор! – Со нивните партии се во трескавична трка за моќ во Македонија!

Анализа на косовскиот весник „Бота сот“ за мешањето на премиерот на Албанија Еди Рама со неговата Социјалистичка партија и на Албин Курти, сега вршител на должноста премиер на Косово, со неговата партија Ветвендосје (Самоопределување) на ланските претседателски и парламентарни избори во Македонија: колку Тирана и Приштина (не) им се потребни на Албанците во Македонија и зошто?

„Двајцата премиери Рама на Албанија и Курти на Косово пројавуваат сеалбанска амбиција за политичко влијание, или за доминација во албанскиот простор. Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама во Албанија и Движењето Ветвендосје (Самоопределување) на премиерот Албин Курти во Косово се во трескавична трка за моќ преку границите во Македонија, но и во Црна Гора. Сепак, таа трка во Македонија останува најнагласена.“ – нагласува новинарката Марјана Дода, основач и главен и одговорен уредник на геополитичкиот портал „Аргументум“ од Албанија, во анализата со наслов „Предлогот на Курти за претседател-Албанец во Македонија: интервенција или помош?“, која ја објави косовскиот весник „Бота сот“.

Албин Курти честопати бил „обвинуван“ од албанските партии во С.Македонија за „мешање“

Во анализата на „Бота сот“ се наведува: Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, изјави дека „вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти му предложил Арбен Таравари да биде номиниран како претседателски кандидат за претседателските избори во 2024 година“. Во интервју за медиумите во Косово Села изјави дека „Курти му го кажал ова на средба на 4 јануари 2024 година“. Села му одговорил на Курти дека „за него не би бил проблем да биде кандидиран Таравари“. Но ги кажал и причините зошто Албанците не треба да имаат кандидат за претседател на државата. „На средбата со Курти на 4 јануари 2024 година бев прашан: ‘Што мислиш дали да го направиме Таравари како кандидат за претседател?’ Одговорив дека немам ништо против тоа, но прашав дали треба да имаме Албанец-кандидат за претседател. Повикав на внимателност во овој поглед.“ – кажал Села на таа средба со Курти.

Премиерот Албин Курти честопати бил „обвинуван’ од албанските партии во Македонија за мешање“. Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети го опиша Курти како „човек што се меша во внатрешните работи на Албанците во Македонија“.

„Поделбите меѓу Косово и Албанија во Македонија одат во корист на ВМРО-ДПМНЕ“

Џенис Сулимани, политиколог-Албанец во Македонија вели дека „на овдешните Албанци им се потребни Приштина и Тирана“. Но, според него, „тие ги наметнуваат своите поделби тука“.

„Албин Курти и Еди Рама во последната предизборна кампања во РСМ ги мереа своите сили за своевидно партнерство со тукашните албански политичари. На Албанците овде им требаат Приштина и Тирана. Но, кога Приштина и Тирана ги наметнуваат своите поделби тука, тогаш тоа е проблем, од кој корист има само македонската партија која ја води државата, во конкретниот случај ВМРО ДПМНЕ.“ – посочува Сулимани.

Според него, „албанските премиери немаат унифицирана политика за Албанците од С.Македонија“. За „интервенцијата’ на Курти и Рама во С.Македонија“ други аналитичари претходно изјавија, дури и дека, според нив, „С.Македонија се претворила во политичко бојно поле“.

„С.Македонија стана политичко бојно поле меѓу премиерите Рама и Курти, кои се вмешаа во двојните избори, парламентарни и претседателски во земјата. Оваа интервенција на албанските премиери од регионот го загрозува токму албанскиот политички чинител, кој е, без сомнение, катализатор за политичка стабилност наспроти внатрешните и надворешни предизвици на С.Македонија. Големи прашања се раѓаат додека гледаме сеалбанска амбиција на двајцата премиери Рама и Курти за политичко влијание, или за доминација во албанскиот простор. Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама во Албанија и Движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти во Косово се во трескавична трка за моќ преку границите во Македонија, но и во Црна Гора. Сепак, таа трка во Македонија останува најнагласена.“ – напиша новинарката Марјана Дода, основач и главен и одговорен уредник на геополитичкиот портал „Аргументум“ од Албанија.

Според неа, „ова не ѝ служеше за добро на Македонија на парламентарните и претседателските избори“. „С.Македонија е сè уште заложник на историските претензии од Бугарија, а регионот како целина е сè уште кревок. Не треба да се заборави геополитичката позадина, која носи силни ветрови на дестабилизација. Албанците денес се државотворци и соуправуваат со оваа држава, па во овие геополитички околности секоја интервенција однадвор, без разлика дали од Албанија или од Косово, го разнишува кредибилитетот на политичките партии пред граѓаните на С.Македонија, без оглед на нивната етничка припадност.“ – напиша Дода.

„Предлогот на Курти беше искористен политички“

Колумнистот Лирим Гаши вели дека „целта на Курти е да биде кооперативен“. „Овој предлог може да се смета како обид за регионална политичка координација, со цел зајакнување на застапеноста на Албанците во С.Македонија. Но, без внатрешен консензус може да се сфати и како мешање во домашната политика. Значи, целта можеби била соработка, но начинот и формата на остварување создале двосмисленост: Ако е направено со разбирање и претходна консултација, тоа е координација. Ако е направено еднострано, или надвор од структурите на албанските партии во С.Македонија, на тоа се гледа тогаш како на мешање.“ – укажува Гаши.

Според него, „иницијативата на Курти Таравари да биде претседател одразува поделба и поларизација наместо единство и соработка“. „Некои партии ја протолкуваа оваа иницијатива како фаворизирање одреден субјект, на Алијансата за Албанците, создавајќи тензии и поделби. Наместо да ги зближи албанските партии за заедничка цел, на пример, да има претседател- Албанец, предлогот беше политички искористен, за да се добие изборна предност. Тоа му наштети на внатрешното единство.“ –  вели Гаши.

Тој бара „иницијативата на Курти да послужи како катализатор за стратегиско единство, а не како причина за поделби“. Според него, „предлогот на Курти бил добра можност, но погрешно управувана од двете страни“.

„Оваа иницијатива требаше да послужи како катализатор за стратегиско единство, а не како причина за поделба. Соодветниот одговор од албанските партии требаше да биде: да свикаат заеднички, сеопфатен, вклучувачки состанок, каде што би разговарале за обединувачка кандидатура; да изградат заедничка национална платформа, каде што приоритет би било достоинственото претставување на Албанците во централните институции; да ја третираат секоја поддршка од Косово, или од Албанија како братска и помагачка, а не како политичко диригирање. Предлогот на Курти беше добра можност, но погрешно управувана од двете страни: требаше да се случи како дел од транспарентен и инклузивен процес, а не како приватен предлог меѓу поединци. Само преку меѓусебна доверба и споделена визија, Албанците во регионот можат да се координираат без да бидат обвинети за мешање.“ – заклучува Гаши во анализата, која ја, објави „Бота сот“

Најнови вести од: Колумни

Седум години од „преспанските“ амандмани“ за бришењето на името Македонија, што не успеал никој трајно да го стори, па ниту Грците!

Кога-тогаш ќе дојде времето кога ќе може и кога ќе мора да бидат разурнати и „преспанската пештера“ и „санстефанската пештера“, во кои се фрлени во пранги Македонија и македонскиот идентитет. Тие „пештери“, Македонците мора да ги разурнат и да се разгрне небото, за да блесне на него шеснаесеткракото македонско сонце од Кутлеш, сонцето на македонизмот! Како што во Уставот пред седум години се избришало името Македонија, така ќе треба во време соодветно, во време политички оптимално и од домашен и од меѓународен аспект, да бидат вратени назад името Македонија и придавката „македонски“ во тој највисок правно-политички акт на македонската држава.

Делото на Славко Јаневски како потресно книжевно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина

Денес се навршуваат 106 години од раѓањето на Славко Јаневски, основоположник на македонската современа литература и автор на првиот роман на македонски јазик – „Село зад седумте јасени“, објавен во 1952 година. Славко Јаневски ѝ припаѓа на првата генерација македонски писатели по војната. Од рана возраст почна да се занимава со литература и сликарство. Овој трагач и истражувач по македонската вистина по шест децении неуморно творештво остави зад себе 15 романи, 11 книги поезија, 6 книги раскази, 8 книги за деца и голем број непубликувани во посебни книги препеви, книжевни и политички есеи и полемики, односно повеќе од 40 книги оригинално книжевно творештво. Јаневски е автор на знаменитата песна „Цветови“ во чест на 12-те млади Македонци, стрелани и масакрирани на 16.6.1943 од бугарската војска кај Ваташа. „Цветови“ останува трајно врежана во македонската национална колективна меморија како моќен поетски симбол на македонската младост и борбата на македонскиот народ за слобода. „Неговото дело беше и остана видовито, пророчко и, истовремено, потресно литературно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина. Славко Јаневски со своите книги и денес стои како жива стража на духот на оваа земја, како пророк на една неизвесна иднина, во која влегува човечкиот род, како книжевен волшебник, кој ни остави дело, што ја вознесува во големиот свет на светската книжевност литературата на една мала земја, која често сама и осамена, но упорно се пробива со својот дух и творештво на големиот светски мегдан.“ – има кажано академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски.

Симон Дракул: Македонија е убавина, што боли, таа е бол, на која сме сме ѝ должни!

На денешен ден се навршуваат 27 години од смртта на Симон Дракул, знаменитиот македонски раскажувач, романсиер, драмски автор,историчар, на човекот, кој нѐ потсетуваше во своите дела и филмски сценарија на историските и судбински премрежја, низ кои од искона минувала расчеречена и страдална Македонија, како наша непрестајна болка, на која ќе ѝ бидеме секогаш должни со своите дела да ја штитиме и да се бориме за неа. На своето родно Лазарополе, но и на својата татковина, овој патриот и книжевен и историски деец за вистината за Македонија им го остави записот, кој е и своевидно прозно завештание, оставено на сите нам, секогаш да го исполнуваме својот индивидуален, личен долг кон татковината и македонската кауза: „Утро во Лазарополе! Тоа е Македонија. Тоа е таа убавина,што боли. Тоа е таа бол, на која сме ѝ должни!“

Ова се опасни времиња – да ги збиеме редовите

Противник сум на параноја и гледање опасност од сите страни, ама во исто време сигурен сум дека не смееме да се однесуваме индиферентно и да се залажуваме со илузии дека сме премногу мали и неважни па со самото тоа и безбедни во вртлогот на промените кои се случуваат на светската сцена

Војдан Чернодрински: Никогаш да не се заборави македонскиот јазик на нашите прадедовци и на кој ќе зборуваат и сите идни поколенија во Македонија!

Македонскиот драматург Војдан Чернодрински среде Софија пред 125 години ја изведе „Македонска крвава свадба“, својата прва драма на македонски јазик, за кој денес таа иста Софија вели дека „не постои“, или дека „е достапен јазик“, или го прикажува со брутални фалсификати како да е „дијалект на бугарскиот јазик“! Премиерно изведена во главниот град на Бугарија во 1900 година, „Македонска крвава свадба“ стана симбол на македонската борба за национална афирмација и културна самобитност на македонскиот народ, но и трајно сведоштво за постоењето и творечките дострели на македонскиот јазик. Војдан Георгиев Чернодрински е првиот македонски драмски автор, во чии дела прозвучува македонскиот јазик. Неговата заложба за почитување на македонскиот јазик ја практикувал и во неговата театарска група.  Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Со своите патриотски ставови за македонскиот јазик и идентитет здобил големи симпатии кај македонскиот народ. Денес се навршуваат 75 години од смртта на Војдан Поп Георгиев Чернодрински, кој се вложи себеси и своето творештво во служба на македонската кауза, на македонскиот јазик и идентитет.  

To top