
Пишува: Свето Тоевски
Во Софија и Скопје се случија два настана денес, во ист ден, кои многу јасно го осветлуваат патот, по кој не може и не треба да чекори Република Македонија, ниту македонскиот народ, како и сите други граѓани на македонската држава. Намерно ќе започнам првин со посетата на германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул во Софија и со неговата средба со бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев.
Германија „помага да се слушне бугарската бугарската позиција во Европа“, напоредно со Франција и Макрон, кои „бараат правда за бугарските барања“!
„Кандидатите за членство во ЕУ мора да ги исполнат критериумите и условите, за кои самите се согласиле. Мора да се одржува духот на добрососедство и да се почитуваат меѓународните договори. Тука немаме несогласување дека нашиот западен сосед мора да го направи првиот чекор со измена на уставот. Оваа посета ги покажува блиските односи меѓу двете земји во овие интензивни и сложени времиња. Постојат многу силни врски меѓу Бугарија и Германија. Германија помага да биде слушната бугарската позиција во Европа.“ – изјави Георгиев по разговорот со Вадефул, нагласувајќи: „Договорот со Рајнметал е знак на нашето партнерство.“.
Потсетувам: „Германскиот концерн за производство на оружје и муниција ‘Рајнметал’ ќе учествува во изградбата на два погона во Бугарија.“ – објави кон крајот на годинашниов август неговиот директор Армин Папергер. Едниот погон ќе биде за производство на барут, а другиот за гранати. Погоните ќе бидат заеднички проект на „Рајнметал“ и бугарската државна компанија „Вазовски машиностроителни заводи“. „Инвестицијата ќе вреди вкупно повеќе од 1 милијарда евра.“ – изјави Папергер, без да уточни колку ќе преземе од неа „Рајнметал“.
Сега продолжувам со изјавите, дадени по денешната средба во Софија. „Регионот на Црното Море е исклучително важен за Германија. Ние ја поддржуваме европската интеграција на Западен Балкан, Молдавија и Украина – чекор по чекор, но во рамките на критериумите за пристапување. Пристапувањето на Западниот Балкан е значајно за стратегиската важност на Бугарија и позиционирањето на Бугарија на Балканскиот Полуостров. Бугарија и Европа ќе бидат посилни, ако се спроведе проширувањето.“ – истакна шефот на германската демократија Јохан Вадефул, нагласувајќи ја „потребата да се исполнат условите“.
Според него, „Германија и Бугарија се вистински партнери во областа на безбедноста“. „Сакаме да ја продлабочиме оваа соработка. Во лицето на Бугарија имаме прекрасен партнер. Сакаме да застанеме заедно за проширувањето на Европската Унија, но и да бидеме способни во однос на одбраната и економската безбедност.“ – посочи Вадефул, заблагодарувајќи ѝ се на бугарската влада за „големите инвестиции во одбраната“.
Како држава со излез на Црното Море Бугарија задобива сѐ посилна улога и позиција во новата воинствена политика на ЕУ, која отворено се подготвува за можна војна со Русија, Појасно кажано, Бугарија станува столб на источното крило на НАТО и на новата европска политичка и воено-безбедносна архитектура. Оттука „цената“ на Бугарија е многу зголемена и сега се подготвува слична, или иста ситуација да се случи како со Грција, која, кога стана столб на јужното крило на НАТО и ги отвори сите свои бази за САД во 2018 година, ја поднесе „преспанската фактура“, која ја платија Република Македонија со своето обезименување и македонскиот народ со своето губење на македонскиот идентитет. Сега, значи, испоставува и Бугарија своја овојпат „санстефанска фактура“, која повторно би требало да ја плати Македонија со внесувањето на „бугарскиот државотворен народ“ во својот устав. Арно, ама ако ја плати…
„Прекрасно стратегиско партнерство“ Германија-Бугарија, чија цена би требало треба да го плати Република Македонија со својата бугаризација!
Дали тоа толку „прекрасно“ во партнерството на Бугарија и Германија се сопствениот удел, немам информација колкав е, на владата на Бугарија во оние 1 милијарда евра, колку што изнесува огромната инвестиција во производството на оружје во копродукција на двете држави? Одговорот на ова прашање е содржан и во информацијата со наслов „Германија и Бугарија: заемни односи“, кој го има објавено на својата интернет-страница германската амбасада во Софија на 18 август 2023 година.
Посочувајќи дека „Германија и Бугарија имаат долгогодишни пријателски односи“ и оти „Германија е стратегиски партнер на Бугарија во Европа“, германската амбасада во главниот град на Бугарија истакнува, покрај другото: „Големата бугарска дијаспора во Германија (приближно 440.000 луѓе) претставува важен мост меѓу двете земји. Германија е најважниот трговски партнер на Бугарија, со обем на трговија што достигна рекордно ниво од повеќе од 12 милијарди евра во 2024 година. Германските компании се меѓу најголемите странски инвеститори и најзначајните работодавци во земјата. Германско-бугарската комора за индустрија и трговија е најголемата странска комора во Бугарија. … “
Дали е сега јасно зошто сегашниот германски претседател Франк Валтер-Штајнмаер ќе дојде лично во Собранието на Македонија на 29 ноември 2022 година да бара „Бугари во устав“ на Македонија, на друга суверена држава, дури цитирајќи ги и Петре М.Андреевски и Блаже Конески? Дали е сега јасно колкаво огромно лицемерие на Германија кон Македонија и македонскиот народ била нејзината „Резолуција со која се признаваат македонската култура, идентитет и јазик“, изгласана во нејзиниот парламент на 15 јуни 2023 година само колку да се охрабри внесувањето на Бугарите во уставот? Резолуција, која остана само „мртво слово“ на хартија…
Во врска со оваа резолуција Дојче веле на 15 јуни 2023 година напиша: Во оваа пригода пратеникот Маркус Фронмајер од десно-радикалната АФД го повтори партискиот став кој беше изнесен во посебна резолуција дека на земјите од Западниот Балкан не им е местото во ЕУ. „Ја сакате С.Македонија во ЕУ?!“ – иронично порача Фронмаер. „Тоа е корумпирана и нестабилна држава. Просечната социјална помош во таа земја е 50 евра месечно. Замислете таа земја да влезе во ЕУ и на два милиони луѓе да им дадеме пристап до нашиот социјален систем.“ – имаше кажано тогаш овој пратеник на Алернатива за Германија, партијата, која е сега прва политичка сила во оваа водечка држава во Европа.
АФД бара алтернатива за Германија и „иднина надвор од сегашната ЕУ“, во „Европа на суверени нации.“ – не смее ли и Македонија да го бара тоа, алтернатива за Македонија, не смее ли и таа да се стреми кон „ЕУ на суверени нации“?!
Во ноември лани АФД ја објави својата политичка пограма, во која најотворено се спротивстави на натамошното проширување на Европската унија пред таа да доживее темелни и длабоки реформи. АФД бара „иднина надвор од сегашната ЕУ“, во „Европа на суверени нации.“. АФД смета дека е „неопходно Германија да ја напушти Европската унија и да формира нова европска заедница“. На 30 септември 2025 година нејзината популарност ја исфрли веќе на позицијата на прва политичка партија во Германија: за неа би гласале на парламентарни избори 26 проценти од германското гласачко тело, кое на 4 декември 2024 година броеше најмалку 59 милиони Германци, како и други германски државјани со право на глас.
Во овој контекст треба да го имаме фактот дека е опадната на рекордно ниско ниво „популарноста“ на Мерц, постојниот канцелар на Германија, која „шурува“ со нејзиниот стратегиски партнер Бугарија од политички, економски и воено-безбедносни причини, на сметка на Македонија и нејзината „евроинтеграција“. Според најновите анкети, објавени деновиве, две третини од Германците, кои ги има 84 милиони, не се задоволни од неговата работа и не сакаат да го видат повеќе на премиерската, канцеларска позиција. Околу 55 милиони и 500 илјади Германци не ги сакаат Мерц и неговата влада, а колку Македонци и македонски граѓани би морале да (не) ги „сакаат“, поради нивната лицемерна поддршка за Софија?
Сега преоѓам на вториот денешен настан, на посетата на почитуваниот Петер Пелегрини, претседателот на пријателска Словачка, кој во Скопје по средбата со претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова остро ќе се обрати кон ЕУ дека „многу греши“ и оти „ не може да си игра со довербата и напорите на Македонија“. Огромна е, неспоредлива е разликата на однесувањето на Словачка кон Македонија, споредено со однесувањето на Германија на Мерц кон Македонија.
Патот по кој одат „Вишеградската група“ на држави, патот на сѐ посамостојно одлучување, иако се членки на ЕУ, треба да го следи и Македонија како кандидатка за во ЕУ
„Македонија е сѐ уште блокирана, поради бугарските уцени и условувања. Таа ги вложила сите свои напори, а за возврат не добила ништо. Постојано се појавуваат нови услови и ЕУ прави голема грешка. Од страна на ЕУ ние мораме да бидеме чесни и да кажеме: дали сме правични, или само сакаме да го оддолжиме овој процес? ЕУ не може само да си игра со довербата на оваа земја, затоа што доаѓа момент, кога луѓето ќе престанат да ѝ веруваат на ЕУ и тогаш можат да кажат дека не сакаат да бидат членка на овој клуб, затоа што по децении вложувања и мачни реформи, тие едноставно нема да го прифатат тоа.“ – нагласи шефот на словачката држава. (продолжува)
„Словачка е еден од нашите најверни и најпосветени долгогодишни поддржувачи на европската интеграција, со кристално јасна заложба за потребата за проширување на ЕУ. Тоа не го прави само преку Вишеградската група, туку и со активното учество во групата на пријателство на Западен Балкан.“ – изјави Сиљановска Давкова, порачувајќи дека со Словачка нѐ врзуваат и блиските култури и сестраното и долготрајно пријателство.
Македонија треба да започне да гради многу посодржајни односи токму со Вишеградската група, во која членува Словачка, заедно со Чешка, Унгарија и Полска, кои ги признаваат нашиот македонски идентитет и јазик, нашата македонска самобитност. Исто така и Вишеградската група на држави се стреми, како и Алтернатива на Германија, кон новата реформирана Европска унија на суверени држави. Ова е патот, по кој мора да започне да оди и Македонија. Споменатата партија број еден во Германија бара алтернатива за Германија, а зошто да не смее и Македонија да бара своја друга алтернатива, алтернатива надвор од Европската унија, поврзувајќи се економски и политички, мултилатерално, со други асоцијации на држави ширум светот, задржувајќи политичко и економско партнерство на ЕУ на Урсула фон дер Лаен? Зарем да продолжи да чекори Македонија по овој пат, во кој нѐ понижуваат како македонски народ и како држава?
(продолжува)
(Авторот изнесува согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)