Пишува: Свето Тоевски
„Добредојдовте во ‘полиаморниот’ светски поредок!“ – му кажа Гордон Лафорџ на светот на 12 април 2026 година преку својата авторска колумна, објавена од американската информативна агенција „Блумберг“. Како експерт за геополитика и меѓународни односи тој е виш истражувач во Универзитетот „Принстон“ и предавач на Факултетот за глобален менаџмент „Тандерберд“ при Државниот универзитет во Аризона, САД.

Лафорџ практично за првпат во меѓународните односи го воведува концептот на „полиаморниот светски поредок“, а „полиаморијата“ како нова норма во светската геополитика. Соодветно внимание би можело и би требало да им се придаде на овој концепт и на оваа нова геополитичка норма и во Македонија. Авторот на овие редови аргументира и појаснува зошто.
Нова геополитичка ера „на повеќекратни врски и партнерства“ меѓу малите и средните држави во Европа и светот
Дословно преведено „полиаморија“ и „полиаморен“ значат „повеќељубовност“ и „повеќељубовен“, односно во терминологијата на Гордон Лафорџ воспоставување нови врски и партнерства меѓу малите и средните држави во светот во ситуација кога се раѓа новата геополитичка ера, обележана со паѓањето на една единствена доминантна суперсила (САД), со исчезнувањето на американската глобална хегемонија во светот. Значи, се распаѓаат светската еднополарност и постојниот светски поредок со улогата на САД како „глобален светски полицаец“ во него, а се создава нов светски поредок, „полиаморен“, што би рекол Лафорџ, со нови врски меѓу државите многу повеќе отколку досега.
Кога го има сѐ помалку „заштитниот геополитички и воено-безбедносен чадор“ на „големите сили“ малите држави како Македонија треба да формираат и „самозаштитни“ „мрежи на приспособливи партнерства“
Концептот на американскиот експерт може и треба да најде своја примена како нова норма не само во светската геополитика туку и во македонската државна, особено евроинтеграциска политика во овој период кога се цепат трансатлантските врски меѓу Трампова Америка и Европа, олицетворена во Европската Унија.

Во ситуација кога големите сили, пред сѐ, Трампова Америка ги има сѐ помалку со нивниот „заштитен геополитички и воено-безбедносен чадор“ врз малите држави, со својот нов геополитички „полиаморен“ концепт, Лафорџ препорачува создавање своевидни и „самозаштитни“ „мрежи на приспособливи партнерства“, во кои ќе стапуваат поодделните држави.
Според овој американски експерт, придржувајќи се кон новата „геополитичка норма на развивање мрежи на врски“, малите држави ќе мора веќе отсега да дејствуваат „флуидно и прагматично, одржувајќи повеќекратни, истовремени и честопати противречни партнерства со различни конкурентски сили, со цел да ги задоволат своите национални интереси“. Конкретно, Лафорџ тврди дека „завршил меѓународниот поредок заснован врз правила“ што бил предводен од САД. Според него, овој поредок е заменет не само со мултиполарен свет туку и, како што вели, со „див децентрализиран систем сличен на „џунгла“, во која државите, особено „средните сили“ – не треба да се обврзуваат на политичко-економска соработка само со една страна, со една држава. „Треба да се формираат разновидни, заемно корисни односи со различни партнери истовремено“, нагласува Лафорџ.
Наместо „беззаветна и доживотна љубов само кон ЕУ“, стапување во суверенистички мултилатерални мрежи на партнерства со држави и асоцијации на држави и надвор од европскиот континент
Тезите на американскиот експерт авторот на овие редови ги применува врз случајот на Македонија и поодделно нејзината евроинтеграција. Македонската држава, за разлика од доскоро, почна да развива и своја „македонска геополитика“. Во неа, очигледно е дека нема да биде како досега доминантна „беззаветната и доживотна љубов само кон ЕУ“, туку влегувајќи во новиот светски мултиполарен поредок таа ќе создава и свои суверенистички мултилатерални мрежи на партнерства со држави и асоцијации на држави и надвор од европскиот континент врз основа на своите државно-национални политички и економски интереси и потреби.

Напоредно со одржувањето и унапредувањето на стратегиските партнерства со САД и неколкуте други држави и со развивањето унапредено барем економско-политичко партнерство и со ЕУ (во очекување полноправно членство), Македонија ќе треба со својата дипломатија уште поголема мера час поскоро проактивно да се насочи и кон формирање мултилатерални мрежи на интересовни партнерства и врски со сите држави на европскиот континент. Но и со азиските држави од АСЕАН, со БРИКС, Арапската лига, Движењето на неврзаните, а зошто да не и со Африканската унија, во која членуваат 55 држави.

Значи, наместо папагалскиот рефрен „нема алтернатива за евроинтеграцијата“ се залагам да се развие „нова македонска геополитика“ на нови мрежи на врски, која ќе подразбира дека перспективите и развојните алтернативи се директна политичка и економска соработка со државите од Западот и од европскиот континент, со глобалниот југ, со сиот мултиполарен свет, без „туторството“ на Брисел.
Евроинтеграцијата останува стратегиска цел во наредниот период, но не би требало да биде само една единствена таква цел. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ нѐ потсети неодамна дека и надвор од ЕУ може да постои живот, и тоа успешен.
(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена геополитичка анализа, кои немаат поврзаност со позиција и ставови на ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)