Колумни

Преобјавен „Абецедарот“ за македонските деца во Егејска Македонија од 1925, кој е сведоштво за посебноста на македонскиот народ со својот македонски јазик

Во 1925 година се успеа преку тогашното Друштво на народи, кога не постоеше држава на македонскиот народ, да се издејствува „Абецедар“ за македонските деца во Егејска Македонија, макар и по барање на тогашна Бугарија и поради нејзините асимилаторски стремежи кон македонскиот народ. Денес, кога постои македонска држава на македонскиот народ, оваа Република Македонија, зошто да не се побара пак заштита за македонскиот јазик во Грција овој пат и од ЕУ и од Организацијата на ООН, како наследничка на некогашното Друштво на народи, па пак да се отпечати македонски овојпат „Буквар“, а не „Абецедар“ за македонските деца? Со барање и да се воведе македонскиот јазик во грчките училишта?! Правото на употреба на мајчиниот јазик е неотуѓиво право на секој народ и секое национално малцинство во Европа и светот, тоа право е загарантирано со сите европски конвенции и со конвенциите на ООН. Грција е обврзана со сите овие конвенции да ја овозможи употребата на македонскиот јазик во училиштата за македонските деца.

Пишува: Свето Тоевски

Изминатиот викенд во Скопје во издание на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија – Битола, излезе од печат книгата „Абецедарот – сто години потоа“. Букварот под името „Абецедар“ првично е издаден во 1925 година во Атина за македонските деца во Егејска Македонија, денес во Грција  – на чист македонски јазик, односно на неговото леринско-битолско наречје. Под силен притисок на  Друштвото на народите на Грција ќе ѝ биде наложено издавање буквар за децата на „славофоното“ малцинство во Грција. Овој буквар е напишан со латинично, а не со кирилично писмо. Неговата цел е да се истакне посебноста на јазикот, што го зборуваат Македонците во Егејска Македонија, што не е ниту бугарски, ниту српски и кој во него не е именуван како македонски, туку како „јазик на Славофоните“ во Грција. Букварот Поради силни отпори на цели слоеви на грчкиот народ, букварот воопшто не стасал во рацете на македонските деца, туку бил уништен, освен неколку примероци, кои се зачувани од сиот отпечатен тираж.

Авторки на текстовите, поместени во јубилејното издание „Абецедарот – сто години потоа“ се историчарките проф. д-р Нада Јурукова и проф. д-р Виолета Ачкоска, а на лингвистичкиот дел проф. д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, која е и негов уредник.Официјалното претставување на ова критичко издание се планира да биде извршено кон крајот на ноември, или во почетокот на декември, во Битола и во Македонската академија на науките и уметностите. Јубилејното, критичко издание „Абецедарот – сто години потоа“ се состои од два дела. Во првиот дел, покрај Предговорот кон јубилејното издание, со кое се одбележуваат 100 години од печатењето на „Абецедарот“ во Атина во 1925 година, се поместени и три статии од универзитетски професорки.

На прво место се наоѓа обемната статија од проф. д-р Нада Јурукова, под наслов „Абецедарот и положбата на македонското малцинство во Грција“. Таа ги претставува длабоките политички и демографски превирања на Балканот во првата половина на XX век и особено тешката положба на македонското малцинство во Грција, чија судбина се обликува во поширокиот контекст на Балканските војни, Првата светска војна и со меѓународните договори (Нејскиот договор, Севрскиот договор, Договорот од Лозана и  Платформата Калфов ‒ Политис), со кои се стремело да се воспостави нов поредок на Балканот. По оваа статија следуваат статиите на проф. д-р Виолета Ачкоска „Македонскиот ‘Абецедар’ меѓу минатото и сегашноста“, како и статијата „Абецедарот’ од јазично-педагошки аспект“ на проф. д-р Елка Јачева-Улчар.

Вториот дел од „Абецедарот – сто години потоа“ целосно е всредоточен на текстот на „Абецедарот“ од 1925 година. По Воведот кон „Абецедарот“ (1925–2025) од професорката Ачкоска следува и воведен текст кон транскрипцијата на „Абецедарот“ со кирилско писмо. Веднаш по него е поместен „Абецедарот“ во неговата оригинална форма на левата страна од книгата, и транскрибираните страници со кирилица, од десната страна. Вториот дел од јубилејното издание е заокружен со Речник на дијалектизми и помалку познати зборови во „Абецедарот“ од професорката Јачева-Улчар.

Виолета Ачковска: „Абецедарот“ е документ од фундаментално историско значење,  бидејќи ја покажува посебноста на македонскиот народ со свој посебен јазик

Во својот „Вовед“ кон „Абецедарот“ проф.д-р Виолета Ачковска укажува дека Друштвото на народите, формирано по Првата светска војна, тргнувајќи од решението на големите сили за „конечно“ решение за македонското прашање со поделбата на етногеографска Македонија, во истиот дух ќе води „политика на заштита на малцинствата“. „Во овие рамки на Македонците ќе им биде ‘дозволено’ да се изјаснат, според свој избор, како Гркославофони (Словеногласни), Јужносрбијанци, или како македонски Бугари, во зависност од тоа во кои држави живеат. Истовремено, незадоволни од териториите, што им се доделени на ‘зелена маса’, Кралството СХС, Бугарија и Грција водат силна дипломатска активност во докажувањето дека ‘нивното’ малцинство е загрозено во рамки на соседната држава. Под силен притисок на  Бугарија, која  бара права за ‘бугарското’ малцинство во егејскиот дел на Македонија, Друштвото на народите ќе ѝ наложи на Грција издавање буквар за ‘бугарските’ деца. Така во 1925 година, со латинично писмо беше издаден буквар наречен ‘Абецедар’ на чист македонски јазик, односно на неговото леринско-битолско наречје’.“ – посочува Ачковска во „Воведот“.

Таа истакнува дека објавувањето на „Абецедарот“ било непријатно изненадување за бугарските дипломати, бидејќи е издаден на јазик неразбирлив за Бугарите, додека грчките дипломати тврделе дека македонскиот е посебен јазик, односно дека „Словеногласните“ во Грција не се ниту Бугари, ниту Срби, туку посебна националност. „Но, како и многу други маневри на грчката држава, овој буквар нема да се применува. На грчката влада ќе ѝ биде добредојдено реагирањето на југословенската и на бугарската влада во врска со јазикот во ‘Абецедарот’. Притоа, грчката држава ќе продолжи со негирањето на македонската национална посебност, водејќи смислена и долгорочна политика за етничко чистење на егејскиот дел на Македонија, односно на својата северна покраина, но и за промена на етничкиот состав на населението преку колонизирање со грчко население. На тој начин грчката држава  создава услови за да ја потврди тезата, што ја застапуваше, односно да го докаже грчкиот карактер на Македонија.“ – пишува Ачковска.

Според неа, во контекст на севкупната грчка политика на негирање на македонската посебност, која е далеку од историската вистина, „Абецедарот“, букварот составен на дијалектот на Македонците во рамки на грчката држава, е крунско сведоштво дека, сепак, некогаш морале да го признаат македонскиот јазик. „Ова е документ од фундаментално историско значење, бидејќи најконкретно ја покажува посебноста на македонскиот народ кој има свој посебен јазик.“– заклучува историчарката проф.д-р Виолета Ачковска во својот „Вовед“.

Елка Јачева-Улчар: „Абецедарот“ е прво политичко меѓународно признавање на македонскиот јазик, дури 20 години пред неговата кодификација во 1945 година!

Во својот предговор кон  јубилејното издание на „Абецедарот – сто години потоа“ проф.д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје посочува дека „Абецедарот“ претставува прво политичко меѓународно признавање на македонскиот јазик, дури 20 години пред кодификација на македонскиот јазик во 1945 година. „Овој Абецедар е светол документ, што ја овековечува вековната и непрестајна борба на Македонецот за својот јазик. Тој јазик, кој претставува наш завет и наше наследство, останува најцврстиот темел и највозвишениот столб на македонскиот национален идентитет! – заклучува Јачева-Улчар.

„Нова Македонија“

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

Хрон ја објави „Народноста на македонските Словени“ 135 години пред Тито „да ги створи македонскиот јазик и народ“, што е бугарски фалсификат!

Австрискиот лингвист и македонист од чешко потекло Карл Хрон ја објави својата научна студија со наслов „Народноста на македонските Словени“ („Dаѕ Volksthum der Slaven Makedoniens“) во 1890 година во Виена, во тогашното Астроунгарско царство, цели 135 години пред „Тито да ги измисли Македонците како народ“ и пред „да им го создаде со наредба новоизмислениот македонски јазик“, како што тврди официјална Софија во своите фалсификати, депонирани и во ЕУ. Карл Хрон во својата студија со несоборлива научна објективност ќе ги образложи и ќе ги докаже самобитноста  и развојот на македонскиот народ и македонскиот јазик. Студијата на Карл Хрон „Народноста на македонските Словени“е своевиден пишан споменик за етничката и јазична засебност на македонскиот народ и таа допрва ќе задобива уште поголема важност за него во борбата за конечно и вистинско решавање на македонското национално и јазично прашање.

Оставнината на Марко Цепенков „втора македонска Библија“ и автентично сведоштво за македонскиот идентитет и јазик, за животот на нашите предци

Марко Костов Цепенков (Прилеп, 7 ноември 1829, Ореовец, Прилепско – 29 декември 1920, Софија) е најголем и најзначаен собирач на македонски народни умотворби, кои имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, за лингвистиката, за националната историја, за правото и за моралот на Македонците. Денес се навршуваат 105 години од неговата смрт. Неговото дело е издадено во 10 томови и е повеќепати преобјавувано во Македонија. На научниот собир по повод 190-те години од раѓањето и 100-те години од смртта на Цепенков, кој го организираа Македонската академија на науки и уметности и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ на 4.11.2020 година, проф.д-р Ермис Лафазановски, тогаш како директор на Институтот за фолклор, истакна: „Во денешната меѓународна политичка ситуација, во која се наоѓаме, собраните материјали на Марко Цепенков сведочат за нашиот македонски идентитет, јазик и култура. Неговата оставнина ние, Македонците, денес може да ја наречеме наша втора Библија. Како поинаку да се нарече неговото импозантно собирачко дело, во кое сме запишани сите ние, заедно со нашите предци и нашите идни поколенија? Во кое е запишано создавањето на нашиот свет и луѓето во него, нашите соништа.“

Ајде да им простиме на најдобрите меѓу нас – Пишува Драган Милосављевиќ

Мислам на писатели, актери, режисери, музичари, сликари, спортисти, научници чијшто успех не само дома туку и надвор е општо познат и признаен, но нивната репутација во ова општество е сериозно упропастена поради овие или оние причини

Коле Неделковски, поетот-револуционер, чиј глас одекнува силно и денес – 113 години од раѓањето

Коле Неделковски е човекот, кој ја откри заборавената книга „За македонцките работи“, член на Македонскиот литературен кружок од Софија, афирматор на македонскиот јазик во литературата и убеден антифашист. На денешен ден, на 16 декември 2025 година се навршуваат 113 години од неговото раѓање и ова е соодветна пригода за ново навраќање кон творештвото и овој македонски национален и поетски деец, кој соработувал со Никола Вапцаров и Кочо Рацин. Неговата бележита песна „Глас од Македонија“ е една од најпознатите револуционерни песни во во македонската книжевност. Таа е една од најпознатите револуционерни песни во македонската книжевност, како тревожен поетски глас за неразбраното македонско минато, за македонската вистина. Творештвото на Неделковски се карактеризира со употреба на македонскиот говор особено видливо во неговите збирки „Молскавици“ и „Пеш по светот“. Литературното дело на Коле Неделковски иако е скромно и по обем и по квалитет, сепак е мошне значајно. Основниот белег на  неговата поезијата е влијанието на народната поезија, а мотивите најчесто му се патриотски, исполнети со лиричност. Тој е еден од најреволуционерните поети во македонската литература. Коле Неделковски е поет-револуционер чиј глас сè уште одекнува силно и во оваа македонска сегашност.

Конески, генијот-посветеник на Македонската идеја, и неговиот аманет Македонците да си го вардат јазикот, својата „единствена неподелена татковина“

Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993), генијот на македонската поезија и проза, академик, книжевен историчар, филолог и јазичар, творец на „Македонската граматика“, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, е еден од кодификаторите на современиот македонски книжевен јазик. Денес се навршуваат 92 години од неговата смрт и ова е пригода за ново навраќање кон неговото неизмерно книжевно и научно творештво, на неговата личност и кон непресушните врутоци на неговите јазични, поетски и национални посланија и завештанија до денешново и сите наредни македонски поколенија дека токму јазикот е она, што нѐ прави како македонски народ, различен од сите други народи во Балканот, Европа и светот. Во последната, претсмртна статија „Една ситуација и едно лично становиште“ Конески ќе истакне: „Денешниот однос на бугарските раководители спрема нашиот јазик има свои длабоки корења во теоријата на великобугаризмот. Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше. Но, македонскиот јазик, и покрај сите викотници против него, од каде и да идат тие, постои, се развива и станува јазик на сѐ побогата литература, станува јазик, на кој што културните придобивки на човештвото му се присвојуваат на еден народ, досега потиснат во мракот на ропството. Добро кажува арапската пословица: ‘Пците лаат, карванот си мине!“

Нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ за промената на македонскиот устав ги кршат резолуциите на ООН и Договорот од Мастрихт, затоа се ништовни

Советот на ЕУ ја повикува Македонија да изврши промена на својот Устав во согласност со „Добрососедскиот договор“ со Бугарија и протоколите кон него, Преговарачката рамка и „францускиот предлог“, кои содржат категорично тврдење-фалсификат дека македонскиот народ, македонскиот јазик, идентитет и историја имаат „бугарски историски темели“. Тоа претставува целосно негирање на етничката, идентитетската и јазичната засебност на македонскиот народ. Декларацијата на ООН за недопустливоста на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите целосно ги заштитува македонскиот јазик и идентитет, како и македонската историја, од какви било и чии било обиди за негирање, или присвојување. Таа декларација строго забранува завлегување во идентитетскиот комплекс на кој било народ, што значи и на македонскиот народ. Токму ова го прават Советот на ЕУ и Бугарија! Членка на ООН е и Македонија: и за неа во еднаква мера важи применливоста на резолуциите на ООН. Според нив, ниту ЕУ, ниту Бугарија, Грција, или која било друга држава, немаат право да се мешаат во внатрешните и надворешните работи на Република Македонија, ниту да ѝ наложуваат да го менува Уставот во замена за „отворање на преговорите со ЕУ“. 

To top