
Пишува: Свето Тоевски
Во непокорена Македонија последниот збор го има македонскиот народ, заедно со сите други граѓани на македонската држава, а не странците. Ова е една од главните пораки, кои произлегоа од локалните избори, кои беа многу повеќе одошто само изјаснување на граѓаните за нови претседатели на општини и за членови на општинските совети. Од каде ваква констатација? Во „втората, суверенистичка Франција“ пред неколку дена двете тамошни партии „Непокорена Франција“ и „Национално собирање“ поднесоа во парламентот барање за изгласување недоверба на претседателот Емануел Макрон, незадоволни од неговите пензиски даночни, економски и политички реформи. Но и со неговата надворешна интервенционистичка политика, обележана со навика за мешање во внатрешните работи на други суверени држави. Не им успеа барањето да го урнат Макрон, засега. „Сепак, францускиот народ го има последниот збор!“ – порача Марин Ле Пен, еден од двата двата лидера на „Националното собирање“ во обраќањето до јавноста веднаш потоа.
На локалните избори е урнато сценариото за разнебитување на македонската држава и народ
Зошто ги поврзувам македонските локални избори и внатрешните француски околности? Затоа што на 9 септември 2025 година тимот на Макрон во Париз му одржа „инструктажа“ на лидерот на СДСМ Венко Филипче и потоа овој ја донесе во Македонија „Резолуцијата на СДСМ“ за „македонските црвени линии“ за „евроинтегрирањето“. Донесе, всушност, „Француско-бугарска резолуција“ со наредба до 10 февруари 2026 година да се спроведе операцијата „Бугари во Устав“ и да се оствари конечно „правдата за бугарските барања“. Според теркот на Емануел Макрон. Токму заради ова беше дојдена на 14 октомври и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, само на пет дена пред да се одржат локалните избори. Со големата победа на ВМРО ДПМНЕ беше урнато ова сценарио за разнебитување на македонската држава и народ.
Гласањата за нови градоначалници и советници беа гласања и против „Француско-бугарската резолуција на СДСМ“ за „Македонија како втора бугарска држава“
Да не доживееше СДСМ толкав катастрофален пораз и да не забележеше таков успех коалицијата Вреди во однос на ДУИ, тогаш СДСМ и ДУИ како „вредни градежни подизведувачи“ за „цементирањето“ на Македонија како „втора бугарска држава во Балканот“ ќе добиеја „крилја“ да бараат предвремени парламентарни избори. Поточно шанса за можен, или и веројатен избор на нова „проевропска“, поправо пробугарска влада, како онаа претходната на Заев, Ахмети и Ковачевски. Е, тогаш ќе беа создадени „благопријатни услови“ за спроведување на „Француско-бугарската резолуција на СДСМ“. Таа го чекаше исходот од локалните избори. Намерата е сузбиена. Затоа локалните избори претставуваа успешен референдум на македонскиот народ исите други македонски граѓани за опстојот на Македонија и за нејзиното успешно натамошно функционирање како држава.
Мирните и регуларни македонски локални избори ја претставија Македонија во очите на турбулентна Европа и светот како стабилна и демократска држава
Меѓутоа, овие избори имаа уште еден значаен надворешен, меѓународен аспект: ја претставија Македонија пред ЕУ, пред Европа и светот како демократска држава, способна да одржува мирни, регуларни избори, без инциденти, каде што граѓаните непречено ги остваруваат своите права на изјаснување на својата политичка волја. Иако мнозина ѝ се мешаат во нејзините внатрешни работи. Мирното и демократско гласање испрати порака до меѓународната заедница за Македонија како стабилна држава, што задобива исклучително значење во овие мигови на превирања, воена психоза и длабоки несогласувања и поделби во ЕУ.
Согласно со терминологијата на двете, според мене, веќе водечки француски партии и на нивните лидери, велам и јас дека во непокорена Македонија на овие локални избори последниот збор го имаше македонскиот народ, заедно со сите други граѓани на македонската држава. А не странците. Масовното гласање за ВМРО ДПМНЕ и дебаклот на Филипче и СДСМ е показ дека „Бугари во устав“ нема, ниту ќе може да има кога било легитимитет (мандат од македонскиот народ за тоа), ниту легалитет (законска основа за тоа) од аспект на меѓународното и домашното право. Сепак, ќе мора да се пристапи во наредниов период кон градењето внатрешен консензус посебно меѓу Македонците и Албанците околу натамошната судбина на евроинтеграциите, ако остане неизменлив условот за нив да биде ставањето на „бугарскиот државотворен народ“ во уставната преамбула.
Потребни се нова македонска национална енергија, но и нова македонска државна енергија
Албанската етничка заедница од Македонија се стреми кон влез во „европското семејство“, напоредно и со Република Албанија. Се стремат и многу Македонци за влез во „европското семејство“, ама како Македонци и никако поинаку. Но не може колективната среќа на еден етникум, на албанскиот, ако ја проектира и ја бара во рамки на ЕУ, да се засновува врз колективната несреќа на македонскиот етникум, со тоа што во македонскиот устав би влегле „државотворните Бугари“, а во ЕУ Македонците како „штотуку освестени и благонадежни Б’лгари“, како што планира официјална Софија. Меѓутоа, факт е дека нема никаква шанса да фати „маја“ на македонската територија великобугарската „санстефанска национална доктрина“, со која официјална Софија истапува со децении против Македонија па и денес, дека „Бугарија е единствената држава во светот, која се граничи со самата себе!“ и оти „Бугарија и Македонија се две чеда на една мајка!“. Доктрина, која изобилно е вградена и во „Бугарскиот“ „лошососедски договор“.
Нам ни се најважни натамошниот внатрешен развој на Македонија во полза на сите нејзини граѓани. Тука ќе ја парафразирам изјавата на премиерот Христијан Мицковски, дадена веднаш по завршувањето на локалните избори. Отсега натаму ќе претстои потребата за изнаоѓање нови точки на заедничко градење развој и перспектива, за создавање нова „македонска национална енергија“ во македонското национално тело во насока на постепено пренасочување кон ЕУ на суверени нации, без нагло напуштање на постојната апликација кон оваа и ваква ЕУ. Но по овие локални избори ќе претстои нужно и неизбежно создавање нова и „македонска државна енергија“ заедно со Албанците и другите етнички заедници во смисла на заедничко градење на правецот на развојот на државата, во која сите имаат еднакви стремежи, потреби, права и интереси.
Фактот дека на локалните избори за прв пат излегле да гласаат под 50 проценти од регистрираното гласачко тело, но и околу 50-те илјади неважечки, или пречкртани гласачки ливчиња, сигнализираат дека македонските граѓани бараат не само водоводи, канализации, улици и комунална инфраструктура, како и локални власти, што ќе бидат способни да ги решаваат нивните општински проблеми. Македонските граѓани сигнализираат и дека бараат уште поголеми постигања во внатрешната политика: во јавната политика, во економската политика, во справувањето со корупцијата и криминалот, во надминувањето на социјалните нееднаквости и во врска со падот на животниот стандард.
Гласачите покажаа дека ниедна општина во Македонија не може да се третира како нечија „етничка сопственост“, а уште како уште помалку како нечиј „воен плен од 2001 година“
Сметам дека од годинашниве локални избори беа упатени и некои други многу важни пораки: оти ниедна општина не може да се третира како „етничка сопственост“, како нечија „етничка тврдина“, а уште помалку како „воен плен од 2001 година“, како што кажа за Кичево Артан Груби, „десната рака“ на Али Ахмети во 2021 година. Во Тетово Македонци гласаа за едниот, или за другиот кандидат-Албанец за градоначалник… Затоа Тетово не може да биде прогласувано како „главен град на Албанците“, како што веше кажувано во последниве две години… Гласачите-Македонци му ги исцепија „етничките карти“ и на лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој на 7 октомври кажа: „Во Тетово, Струга и Чаир, градоначалникот не може да се избере со гласовите на друга заедница“. Овде наведувам мала, но исклучително важна дополна: Македонците не се „етничка заедница“, туку мнозински народ, државотворен во државата Македонија. Постојат одредени информации дека во Кичево и Албанци-гласачи гласале за кандидатот за градоначалник Александар Јовановски, бидејќи овој им се обраќаше во предизборната кампања со еднаква почит и кон Македонците и кон Албанците и кон сите други, што живеат во Кичево.
Без оглед какви нови политички и етнички комбинаторики се прават во овие мигови во пресрет на вториот изборен круг треба да се има предвид еден факт: не се ниту Тетово, ниту Кичево, ниту Струга, ниту Чаир, „етничка сопственост“ на Албанците, ниту на кој било друг, тоа се општини еднакво и на Македонците и на Албанците и на Турците, на Ромите, на Србите, на сите граѓани, кои живеат во нив. Кога ќе заседнат во своите фотелји новите градоначалници во овие и сите други општини, кои и да бидат, ќе мораат својата работа и самите тие да профункционираат и општинската администрација да ја активираат за сите без оглед на етничката и политичката припадност. Да ги активираат таа администрација и Советот на односната општина како граѓански сервис за решавање на заедничките потреби на нивните граѓани.
Локалните избори завршија, време е за работа, време е за нова творечка енергија, за нова македонска национална и нова македонска државна енергија и нови резултати на локално и национално ниво.
(Авторот изнесува согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).