По повод Меѓународниот ден на мирот – 21 септември, Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ денеска одбележа 15 години од Програмата за мировно образование, со свечено доделување посебни признанија за долгогодишен придонес во развојот на мировното образование и со јавна активност на која повеќе од 100 ученици испратија пораки за мир, ненасилство, солидарност и почитување.
Од првите три училишта во 2011 година, Програмата денес е прерасната во Мрежа на мировни училишта од 75 училишта, со повеќе од 350 наставници и над 8.500 ученици. Низ годините, мировното образование се развива како училишна практика која ги поврзува учениците, наставниците, стручните служби и раководствата на училиштата околу создавањето побезбедни, поинклузивни и ненасилни училишни средини.
Признание за училиштата кои со години ја градат културата на мир
Во рамки на одбележувањето, МЕЃАШИ за првпат додели специјални признанија за долгогодишен придонес во развојот и унапредувањето на мировното образование на СОУ „Ванчо Прке“ – Виница и СУГС „Зеф Љуш Марку“ – Скопје.
Двете училишта добија признание и парична награда во противвредност од 1.000 евра во денарска противвредност, како и посебна плоча со натпис „15 години мировно образование и градење култура на мир“, која ќе биде поставена на влезот на училиштата.
Со признанијата не се оддава почит само на институциите, туку и на сите наставници, стручни соработници, директори и ученици кои низ годините го претвораа мировното образование од програма во секојдневна училишна практика.
Мирот како секојдневна одговорност
На свеченоста, Елена Ивановска, државен секретар во Министерството за образование и наука, се осврна на значењето на мировното образование и неговата улога во создавањето училишна средина во која се негуваат дијалогот, почитувањето, соработката и ненасилното решавање на конфликтите. Таа воедно ја нагласи и конструктивната и континуирана соработка со Детската амбасада МЕЃАШИ во областа на мировното образование и детските права.
Амџад Митри, регионален координатор за Западен Балкан, го истакна регионалниот аспект на мировното образование и важноста на поврзувањето на организациите, училиштата, наставниците и мировните работници од земјите во регионот. Тој се осврна и на долгогодишната работа на МЕЃАШИ во градењето практики и партнерства кои ја поврзуваат Македонија со пошироката регионална мировна заедница.
Драги Змијанац, претседател на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ, се осврна на 35 години градење култура на мир и ненасилство а особено го потенцираше значењето на 15-годишната реализација на активностите на Програмата за мировно образование, од почетоците до денес е изградена бројна група на училишта вклучени во мрежата на мировни училишта во Македонија. Тој ја истакна важноста на училиштата, наставниците и учениците кои низ годините покажаа дека мировното образование покрај тоа што се обработува во курикулумите, исто така се практикува како процес што се гради преку секојдневните односи на комуникација заснована на ненасилен начин каде учениците се однесуваат конструктивно во надминување на конфликти.


Фатмире Ајдари, активистка и мировна работничка и дел од тимот на Програмата, говореше за 15-годишната работа со училиштата и наставниците и за искуството стекнато низ обуките, размената на практики и заедничката работа со училишните тимови. Таа упати благодарност до сите наставници, стручни соработници, директори и ученици кои во текот на овие 15 години беа дел од Програмата и придонесоа мировното образование да стане дел од училишниот живот.
Од училниците до плоштадот: учениците ја носат пораката за мир
Одбележувањето продолжи на плоштадот Македонија, каде повеќе од 100 ученици од основни и средни училишта од Скопје се собраа со транспаренти и пораки посветени на мирот, ненасилството, солидарноста, почитувањето и заедништвото.
Посебен дел од настанот беше танц-театарскиот перформанс на Социјалниот танц театар, во кој учествуваа средношколци од СОУ „Гостивар“ – Гостивар и СУГС „Јосип Броз Тито“ – Скопје.
Преку движење, танц и театар, младите зборуваа за врсничкото насилство и потребата од отпор кон насилството. Перформансот испрати силна порака дека промената не треба само да се очекува – промената се создава со лична и заедничка одговорност.
Пораките на учениците одекнаа во јавниот простор како потсетување дека мирот не е само вредност за која се зборува на Меѓународниот ден на мирот, туку нешто што се гради секој ден – во училиштата, во односите меѓу младите, во начинот на кој разговараме и во начинот на кој реагираме кога некој е повреден, исклучен или изложен на насилство.


Мировното образование продолжува да се гради


Одбележувањето на 15 години од Програмата продолжува на 22 и 23 септември со меѓународна размена на искуства и работилници, на кои ќе учествуваат наставници и мировни работници од Северна Македонија, Босна и Херцеговина и поширокиот регион.
Во Скопје ќе престојуваат наставници од основни училишта од Ливно и Коњиц, претставници на партнерската организација СЕЗАМ од Босна и Херцеговина, како и мировни работници од Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Македонија.
Размената ќе биде посветена на споделување искуства и добри практики, разговор за предизвиците со кои се соочуваат училиштата и отворање можности за понатамошна соработка и заедничко унапредување на мировното образование во регионот.
Од првите три училишта во 2011 година до денешната Мрежа на мировни училишта, 15 години подоцна, пораката останува иста: мирот не е даден – мирот се гради. А најважното место за неговото градење е таму каде што секојдневно растат и учат новите генерации – во училиштата.

