
„Не дозволувајте некој друг да ни ги контролира и нашата свест и нашата национална гордост!“ – кажа генијалниот книжевен идеолог на македонската национална кауза академик Петре М.Андреевски во својот „Македонски манифест“ од 2003 година. Деветнаесеттата годишнина од неговата смрт – на 25 септември 2006 година во Скопје, е уште една пригода за навраќање кон творештвото на овој книжевен растајнувач на индивидуалните судбини на македонскиот народ и на неговата колективна судбина, за судбината на „пирејот“, симболично поистоветувајќи ги Македонците и нивната непокорливост. „Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева. … Племето наше е пиреј и не го ништи ниедна војска, ниедна болест.“ – ќе напише Петре.М.Андреевски“ во својот култен роман „Пиреј“ за животот на двајца сопружници, Јон и Велика, и нивните страдања за време на војните, разработувајќи ги на маестрален начин својата основна идеја и порака дека Македонецот опстојувал и ќе опстојува, наспроти сите премрежиња и тешкотии. Неговиот и наш, македонски „Пиреј“, еден од најчитаните романи на поновата македонска книжевна епоха, е вистински споменик на македонската национална бит.
Вкупното дело на Петре М.Андреевски претставува исклучителен придонес за развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и македонската национална самобитност. Но, тој и во други свои јавни истапувања ги искажуваше своите предупредувања до македонскиот народ и своите видувања за опасностите, во кои се наоѓа. Така, „Македонскиот манифест“ на Андреевски од 2003 година е во апсолутна смисла послание на овој толкувач на маките на македонската душа до секое, но би се рекло особено до ова денешно македонско поколение да им се спротивстави на сите угрози на опстојот на Македонија, на македонската нација, на македонизмот како македонска национална идеологија и филозофија на слободата.
Покрај другото, во „Македонскиот манифест“ Петре М. Андреевски им порачува на своите сонародници – Македонците: „Браќа и сестри, бидете на штрек! Не срамете се од ништо што е наше. Презирајте ги оние, што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот и писмото, што ги позајмиле од нас. Сите оние, што сакаат да ни ја предодредат нашата историска приказна, која се крепи на толку многу гробови. Знајте дека во таа приказна се заложени сите наши државотворни темели и сето свето наследство. Браќа и сестри! Ние сме избраниот народ, кој го имаше и Божјиот благослов да ги отвори вратите на христијанството кон Европа и да бидеме првиот мост за премин на неговите свети пораки и кон вечноста. Од оваа библиска земја Александар Македонски почна да ја оживотворува идејата и првиот образец за светска држава. Тука е основан и првиот универзитет во Европа. Сме имале и безброј буни и востанија, сме имале и многу погубени, но не и победени воини.“
Петре.М.Андреевски, исто така, истакнува во својот „Македонски манифест“: „Сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи видици. Никогаш не сме го прекинале допирот со светлината. Колку и да сме имале некаков грев кон татковината, таа сепак ни проштевала. И останувала во нашиот копнеж да умреме во неа. Таа секогаш била она одбрано место, на кое сме можеле, дури и мртви, непречено да сонуваме. Браќа и сестри! Слободата е наша прва икона и затоа не испуштајте ја од своите раце и од својата љубов. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. И низ секој изгрев што нè осветлува. Само така Македонија ќе ја видиме обединета во една толку величествена светлина. Зашто, нашето знаме е сонце, а тоа е најстариот оган, на кој се грееме.“
Денес, кога Бугарите, челниците на ЕУ и други странски емисари запнале по секоја цена, со ултиматуми, закани и диктати да го менуваат Уставот на суверена Македонија, еднакво е актуелен ставот на Петре М.Андреевски уште од 1993 година дека е најпотребно да да изградиме заедничка национална програма за Македонија во овој вителен политички момент во кој се наоѓа таа. „Наместо да градиме национална програма, во која Македонија ќе биде со консензус наша определба, ние им даваме готови решенија на соседите за нивните национални програми, во кои е вклучена и нашата земја. Сите нации се бранат самите себе, а нашава како се уште да се брани од самата себе, односно од самите нас. Ние сме народ, кој е најподложен да се уништува себе си, народ кој ги претпочита туѓите вредности над своите. Сите наши соседи и денеска нѐ одрекуваат, и во исто време нѐ посакуваат. Како да не им е доволна нивната беда и како да не си се доволни самите себе. Во нас се уште некои гледаат монета за поткусурување. Србите и Бугарите со нашата историја ги пополнуваат своите празни места. Албанците бараат простор за живеење.“ – ќе укаже Петре М. Андреевски во интервју за тогашниот неделник „Пулс“ во октомври 1993 година;
„Грците имаат страв и срам од нас, што се претвори во параноја. Под тој притисок тие го извршија најголемиот геноцид во историјата на Европа над македонското население во Егејска Македонија. А долго време по 1913 година тој ист дел од Македонија, во нивните документи се водеше како ‘Новоосвоени територии’. Сега го бараат ексклузивното право над Македонија и нејзиното име. А Грција најмногу се прослави по нејзиниот пораз од Филип и Александар Македонски. Значи, како поразена земја. Таа сега е најголемиот противник на признавањето на Република Македонија. А Македонија има централно место во светската цивилизација: двете светски писма и еден од првите универзитети. Македонија е и библиска земја, таа е постара и од Европа. А таа Европа денес, како некој пијан нунко, се мачи да не прекрсти, смислувајќи и го новото име…“ – дополнува нашиот врвен поетски творец во споменатото интервју.
Две години подоцна во интервју за весникот „Вечер“ овој бележит македонски книжевен деец ќе изнесе една забелешка, небаре како уште тогаш да ги гледал денешниве убедувачки „екскурзии“ на Урсула фон дер Лаен, Марта Кос, Каја Калас, Антонио Кошта, кои им велат на Македонците „Уште само сега ставете ги Бугарите во уставот“, по што ќе им ги отворат „вратите на ЕУ-рајот“. „Голема контроверза се и белосветските политички манекени, кои секој ден дефилираат низ нашиот политички простор, … нудејќи ни решенија за се и сешто, таму каде што сме нерешителни. Тие исти мисионери … во секоја пригода ќе се залагаат македонскиот ум да го однесат на периферијата од актуелниот миг, кажувајќи ни дека сме мал народ, мултинационална заедница со граѓански устав, каде што Македонците стануваат само граѓани, а малцинствата ’национални етникуми’.“ – посочува Андреевски.
Во сличен контекст, во 1999 година на прашањето во какво време и каква земја живееме во интервју за весникот „Експрес“ тој ќе нагласи: „Гледајќи кој се доаѓа во некаква мисија кај нас, или уште поточно, во некаква инспекција, и дека секој што доаѓа не прашува како живееме ние, туку само како живеат малцинствата и колкави се нивните права, излегува дека ние треба уште веднаш да се иселиме од својата татковина. Нешто слично не дозволува ниедна суверена држава.“
Во рамки на минатогодишните „Струшки вечери на поезијата“ при чествувањето на 90-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски академик Влада Урошевиќ за него како поет и воопшто како книжевник ќе каже: „Тој успеа да навлезе најдлабоко во древноста на Македонија. Тргнувајќи од своето село, како од некое скриено јадро во кое се крие тајната суштина на цела една земја, Петре М. Андреевски ја слика во својата поезија картата на Македонија, чии поетски граници се далеку пошироки и посеопфатни од географските граници.“
Петре М. Андреевски e еден од најдаровитите и најпопуларните македонски поети, романописци, раскажувачи и драмски автори. Роден е во демирхисарското село Слоештица на 25 јуни 1934 година. Неговото книжевно творештво на Андреевски опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски и т.н. Македонската критика го прогласи романот “Пиреј“ како ремек-дело на македонската современа проза, а збирката „Дениција“ ја има означено како химна на вселенската љубов, химна на жената и татковината и како златна книга на македонскиот модернизам.Во мај 2000 година бил избран како редовен член на Македонската академија на науки и уметности. Почина на 25 септември 2006 година во Скопје. Во 2007 година посмртно е одликуван со Орденот за заслуги за Македонија.