Македонија е рангирана на 68-мото место во светот според Индексот за развој на е-влада на Обединетите нации (ОН) за 2026 година, што претставува напредок за 16 позиции во однос на претходното рангирање од 2024 година, кога земјата беше на 84-тото место. Ова е најдобар пласман од 2010 година, изјави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на прес-конференција.
Како што посочи Андоновски, ова е втор најдобар резултат во серијата рангирања на ОН од 2003 година наваму. Вредноста на индексот на земјата пораснала од околу 70 на 78 индексни поени, што претставува најголем раст во регионот од 2024 година до денес. Со овој резултат, Македонија влегува во групата земји со многу високо ниво на развој на е-управувањето, како една од петте европски држави кои го направиле тој чекор во ова мерење, од вкупно 11 земји во светот.
Андоновски нагласи дека земјата бележи напредок по сите клучни компоненти што ги оценува извештајот. Најголем раст има кај човечкиот капитал, каде што оценката пораснала од 0,7 на 0,79, при што подобри резултати се евидентирани кај писменоста за електронско управување, додека остануваат предизвици кај пошироките дигитални вештини. Дополнително, електронското учество на граѓаните се зголемило од 57 проценти во 2024 година на 65 проценти во 2026 година.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот информираше дека на националниот портал „uslugi.gov.mk“ во моментов се достапни 350 услуги – дел целосно електронски, а дел информативни. Тој најави дека во следниот период се очекуваат десетина нови услуги од Министерството за внатрешни работи и околу триесетина од Фондот за здравствено осигурување, со очекување до крајот на годината да биде дигитализиран значителен дел од нив. За следната година, Андоновски најави и отворање онлајн-форма на „uslugi.gov.mk“, каде што граѓаните ќе можат самите да предложат кои услуги треба да се дигитализираат.
Во однос на унапредувањето на дигиталните вештини, министерот истакна дека продолжува проектот во основните училишта, додека за повозрасните граѓани се планира теренска кампања и средби во пензионерските клубови низ државата во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, опфаќајќи го користењето дигитални и банкарски услуги, како и социјални мрежи.
За следното мерење на ОН во 2028 година, Андоновски изрази очекување Македонија да оствари нов напредок од 20 до 30 места, преку подобрување на дигиталната поврзаност, телекомуникациската инфраструктура, вештините на граѓаните и користењето на новите дигитални услуги.