Македонија

Тошковски: Слободното и безбедно новинарство не е привилегија, туку право и потреба на секое демократско општество

Формиран Националниот комитет за безбедност на новинарите – нападот врз новинар е напад врз правото на јавноста да биде информирана.

Формиран е Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите, а Министерството за внатрешни работи (МВР) воспостави национална и локални контакт-точки за побрзо постапување при закани, напади и вознемирување на медиумските работници, вклучително и во дигиталниот простор. Новиот механизам има цел да ја подобри координацијата меѓу институциите и да обезбеди поефикасна заштита на новинарите.
На првиот состанок на Комитетот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека формирањето на ова тело произлегува од определбата на Владата за системско унапредување на медиумските слободи и безбедноста на новинарите, во согласност со препораките на Советот на Европа.
„Слободното и безбедно новинарство не е привилегија на новинарите, туку право и потреба на секое демократско општество“, рече Тошковски, нагласувајќи дека напад врз новинар поради неговата професионална работа претставува и напад врз правото на јавноста да биде информирана.
Тој посочи дека МВР во изминатиот период работело на унапредување на соработката со новинарските здруженија преку заеднички активности и обуки, како и на зајакнување на полициските капацитети за постапување при закани, притисоци и напади. Со новиот механизам, покрај националната контакт-точка, воспоставени се контакт-точки во сите сектори за внатрешни работи, како и посебна контакт-точка за сајбер-безбедност за побрза комуникација и реакција при онлајн закани и вознемирување. Сепак, Тошковски нагласи дека безбедноста на новинарите не може да биде одговорност само на полицијата, туку бара постојана координација меѓу МВР, обвинителството, судството, новинарските организации и другите надлежни институции.
На состанокот учествуваше и раководителката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, која оцени дека формирањето на Комитетот е дополнителен чекор во унапредувањето на заштитата на новинарите и слободата на изразување. Таа потсети дека во 2022 година беше назначена како прв јавен обвинител задолжен за следење на предметите поврзани со безбедноста на новинарите, а соработката со новинарските здруженија придонесе за воспоставување механизми за евидентирање и следење на ваквите случаи според европските стандарди.
Хаџи Василева посочи дека измените на Кривичниот законик од 2023 година, со кои нападите врз новинари и медиумски работници се третираат како напади врз службени лица, во повеќе случаи овозможиле поефикасен кривичен прогон, но предупреди дека онлајн заканите и заплашувањето, особено кон жените новинарки, остануваат сериозен проблем.
Раководителката на кампањата на Советот на Европа „Новинар(к)ите се важни“, Родика Чокина, оцени дека формирањето на Комитетот е значаен чекор кон претворање на европските стандарди во конкретни механизми за заштита. Според неа, резултатот од работата нема да се оценува според бројот на одржани состаноци, туку според тоа дали новинарите ќе знаат кому да се обратат кога ќе се соочат со закани, дали ќе добијат навремен институционален одговор и дали ќе имаат доверба дека нивните случаи нема да бидат игнорирани.
Раководителот на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Олег Солдатов, истакна дека безбедноста на новинарите е основен предуслов за функционирање на демократијата и дека тие мора да можат слободно да ја вршат својата работа без страв од физички или дигитални напади.

Најнови вести од: Македонија

Шестдневна манифестација во Чаир

Шестдневната програма ќе почне денеска во 18 часот во Албанскиот театар, со настап на ученици од основните училишта во Чаир, а утре во 12 часот ќе биде одбележана 20-годишнината од основањето на Основното училиште „Битолски конгрес“

To top