Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски е задоволен од реализацијата на патот Охрид-Кичево и очекува, како што изјави денеска, да се исполни ветувањето – во првиот квартал од 2027 година овој патен правец да биде целосно ставен во функција. Според Николоски, во септември се очекува да биде најавена изградбата на автопатот Кичево – Букојчани, 12-ина километри, кој треба да ја спои Стража со автопатот Охрид – Струга – Кичево.
Според најавите од Министерството за транспорт, по пуштањето на овој дел во октомври, ќе остане да се премости уште критичната точка кај Ботун, со што целата траса ќе биде комплетирана на почетокот на 2027 година.

Што се однесува до Коридорот 8 и делницата од Требеништа до граничниот премин Ќафасан, автопат ќе се гради, но по целосно нова, алтернативна рута. Министерот Николоски појасни дека промената се прави со цел да се заштити биодиверзитетот и културно-историското наследство согласно препораките на УНЕСКО, а новата траса веќе се координира со албанските власти.
- Во однос на најтешкиот дел од автопатот Охрид – Кичево, од Извор до Врбјани, две галерии се целосно звршени, третата е со 70 отсто динамика, а четвртата со 50-ина проценти. Во тунелите се поставуваат софтвер, сигнализација за следење на сообраќајот и за рано предупредување од пожари, вентилациски системи, како и супермодерен контролен центар. Очекувам во октомври оваа најтешка делница од автопатот да биде ставена во функција. Потоа ќе остане да се реши уште делот кај Ботун и, како што ветивме, во првиот квартал од 2027 година автопатот да биде целосно ставен во функција. Но, не застануваме тука, знаете дека се градат патиштата Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани. Очекувам добри вести од ЕБОР и во септември да најавиме изградба на уште еден автопат, Кичево – Букојчани, 12-ина километри, кој треба да ја спои Стража со автопатот Охрид – Струга – Кичево – истакна Николоски
Паралелно со ова, од септември се очекува и официјален почеток на изградбата на уште една клучна делница – Кичево–Букојчани во должина од 12 километри, за која се очекуваат позитивни вести за финансирање од ЕБОР. Оваа делница треба да го поврзе превојот Стража со новиот автопатски систем кон Охрид и Струга.