Македонија

Банкнота од 100 денари остана иста – но нејзината вредност во продавница веќе не е истата.

Со една банкнота од 100 денари пред десет години можеше да се купи многу повеќе отколку денес

 

Во 2016 година, за 100 денари можеше да се купи повеќе од два килограми леб, бидејќи просечната цена на килограм пченичен леб била околу 48 денари. Денес, со истата сума најчесто се купува околу еден килограм леб, зависно од видот и производителот, објави Фактор

Во анализата, порталот наведува дека со 100 денари пред десет години можеше да се купат околу 1,5 литар масло за јадење, бидејќи литар масло во 2016 година чинел околу 65 денари. Денес за истата сума најчесто се добива околу еден литар или помалку, зависно од акциските цени.

Кај горивата разликата е поинаква. Во 2016 година бензинот БС-95 се движел околу 60–63 денари за литар, што значи дека со 100 денари можело да се купат околу 1,6 литри бензин. Денес цените се повисоки, па за истата сума се добива помала количина гориво.

Кафето е еден од производите кај кои граѓаните најмногу ја чувствуваат разликата. Пред десетина години пакување од 250 грама мелено кафе можеше да се најде за околу 100 денари, додека денес истото количество најчесто чини повеќе од двојно.

Разликата се гледа и кај јајцата. Пред десет години едно јајце чинело околу 8 денари, што значи дека со 100 денари можеле да се купат околу 12 јајца. Денес цените варираат, но најчесто десет јајца се продаваат за значително повеќе од 100 денари.

Иако платите во меѓувреме пораснаа, граѓаните најчесто велат дека секојдневните трошоци растат побрзо, особено кај производите што редовно ги купуваат.

Една банкнота од 100 денари остана иста – но нејзината вредност во продавница веќе не е истата.

Најнови вести од: Македонија

To top