Во периодот од декември 2025 година до април 2026 година, преку мобилна апликација и со ветување за наводни добивки навеле голем број граѓани од целата држава да вложуваат финансиски средства на лажна интернет платформа
Кривична пријава против 56-годишната М.К. од Битола и А.С.(38) од Естонија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“, поднел Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, до Основното јавно обвинителство Битола.
Двајцата осомничени, во периодот од декември 2025 година до април 2026 година, преку мобилна апликација, на канал со неколку стотици претплатници, со ветување за наводни добивки кои никогаш не се реализирале, навеле голем број граѓани од целата држава да вложуваат финансиски средства на лажна интернет платформа и на тој начин им нанеле значителна финансиска штета.
Досега пет пријави од оштетени граѓани, кои во наведениот период биле измамени, пристигнале до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика.
Но, според податоците од финансиските извештаи од трансакциската сметка на првопријавената, во измамата оштетени се стотици граѓани од земјава, но повеќето од нив не го пријавиле случајот.
„Во врска со случајот беше спроведена повеќемесечна истрага во која беа вклучени повеќе домашни и странски институции и беа разменети информации, што резултитраше со откривање на идентитетот на сторителите. Исто така, во рамки на истрагата, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика изврши информативен разговор со првопријавената, одзеде електронски уреди кои ги користела за остварување пишана комуникација преку апликацијата, а со форензичката анализа на екстрахираните податоци од одземените уреди, докажано е кривичното дело за кое е поднесена кривичната пријава“ наведува Секротот за компјутерски криминал во соопштение“ пренесе Плусинфо
Извршена била и стручна анализа на крипто-трансакциите и преку меѓународни безбедносни платформи биле обезбедени целосни информации за сопственикот на крипто-паричникот.
Од МВР предупредуваат граѓаните да не наседнуваат на понуди за брза и лесна заработка преку интернет, особено кога станува збор за инвестиции во криптовалути со ветувања за високи и загарантирани приноси.