Македонија Колумни

Бугарија бара дури и„држава во држава“ за фантомскиот „бугарски народ“ во Македонија, а низ ЕУ се дере: „Њама македонски език, њама Македонци кај нас!“ (3)

Д-р Билјана Волческа-Вербруге, предавач по европска интеграција и културни студии на Тилбург Универзитетот во Холандија, ја критикува Бугарија дека ја принудува Македонија „повторно да ја пишува својата историја“, но и оти бара од неа преку хегемонистички говор и пристап да се откаже од какво било тврдење во врска со постоењето на македонско малцинство во Бугарија.

Пишува: Свето Тоевски

На 20 септември 1990 година беа донесени серија амандмани на Уставот на тогашна Социјалистичка Република Македонија во Собранието, меѓу кои амандманот 58. Со него за првпат беше воведена одредба во еден устав на самостојна и независна Македонија, која се однесуваше на обврската за грижа за македонското малцинство во Грција, Бугарија и другите соседни држави. Но, како директна последица на „Преспанскиот договор“ и „Бугарскиот договор“ на 11 ноември 2019 година Собранието ќе го усвои и амандманот 36 на Уставот. Со ова целосно се избриша амандманот 58 од 1990 година, преточен во членот 49 на Уставот, и македонската држава се откажа од грижата за македонските национални малцинства во Грција, Бугарија и другите соседни балкански држави.

Додека Македонија продолжува и натаму во формална смисла, од уставно-правен аспект, да биде „слепа“ за деловите на македонскиот народ, кои живеат како национално угнетени, дискриминирани и непризнати национални малцинства во некои од соседните балкански држави, тие исти држави во своите устави како висок приоритет имаат нагласено дека „припадниците на нивните народи, кои живеат надвор од границите на нивните држави, ќе уживаат право на заштита од матичната држава, во согласност со принципите на меѓународното право и меѓународните договори, која ќе ги штити нивните права и легитимни интереси“.

Зошто македонскиот устав да нема, да не смее да има ваква одредба, поради влијаењето на идентитетски геноцидните Преспански и Бугарски договор?! Зошто да нема и Македонија легитимно право да се грижи за Македонците во другите држави во Балканот, зарем за неа како држава не важат принципите и нормите на меѓународното право?! Во суштина и од правна гледна точка, не содржејќи обврска за грижа за Македонците во околните држави, сегашниот устав на Македонија е во остар судир не само со нормите и принципите на меѓународното право, туку и со уставната пракса во повеќе држави од Балканот и пошироко од Европа.

Токму ова мора да се промени и да регулира во уставот, Македонците од  околните држави како тамошни малцинства да се „внесат“ во уставот на матичната држава Македонија, а не да се ставало во неговата преамбула имагинарното, непостојно „бугарско малцинство“, дури и како „државотворен бугарски народ во Македонија“! Во Уставот треба да се врати грижата за Македонците од соседните држави, а не да се ставаат „државотворните Бугари“ и со нив великобугарската агенда на официјална Софија за распад на Македонија! Со враќањето на македонските малцинства од балканските држави во уставот на Македонија барем формално и нетериторијално ќе се обедини живото ткиво на македонскиот народ, распарчено со Букурешкиот договор од 1913 година. Ќе се воспостави барем во уставна смисла целината на македонскиот национален корпус.

Ќе појасниме зошто констатираме дека во поглед на грижата за деловите на македонскиот народ, кои живеат како национални малцинства во соседните држави постојниот устав на Македонија е во судир не само со нормите и принципите на меѓународното право, туку и со уставната пракса во повеќе држави од Балканот и пошироко од Европа. Во овој контекст донесуваме споредбена анализа на уставите на Грција, Бугарија и Албанија, како и анализа на принципите, нормите и препораките на соодветните меѓународни конвенции на ООН и на Советот на Европа за правата на националните малцинства и обврската на односните држави да ги почитуваат тие малцински права.

Исто како и Уставот на Грција, Уставот на Бугарија не говори стриктно за „грижа и заштита на бугарски национални малцинства“ во други држави, туку употребува израз „заштита на бугарски граѓани во странство“. Во поглавје 2, член 5 на бугарскиот устав се наведува: Бугарските државјани, кои престојуваат во странство се под заштита на Република Бугарија. Но „Законот за Република Бугарија“ многу поконкретно ја разработува државната грижа и поддршка за „етничките Бугари, кои живеат во странство“. „Бугарија ги поддржува организациите, посветени на бугарскиот јазик, култура и религиски традиции на Бугарите во странство. Бугарската држава е обврзана да ги заштитува правата и легитимните интереси на Бугарите, кои живеат во странство во согласност со меѓународното право.“ – пишува, покрај другото во „Законот за Република Бугарија“.

Бугарија има „право да ги заштитува правата и легитимните интереси на Бугарите во странство“, а на Македонија и оспорува било какво право да бара да ги заштитува, исто така, легитимните интереси на Македонците во Бугарија. Бугарија има право да ги шити и бугарскиот јазик и култура, на Бугарите во странство, а ширум Европа и низ ходниците на ЕУ преку своите политичари и пратеници во Европскиот парламент се дере на цел глас: „Њама македонски език, њама Македонци!“

Сево ова е интензивирано по потпишувањето на де факто „Бугарскиот договор“. По него на 9 октомври 2019 година Владата на Бугарија усвои „Рамковна позиција“, потврдена со Парламентарна декларација на 10 октомври 2019 година, во која се утврдени условите за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ. Покрај другото, во бугарската „Рамковна позиција“ се вели: „(1) С.Македонија треба да се воздржи од водење политика, независно под каква било форма, на поддршка и промоција на барања за признавање на таканареченото ‘Македонско малцинство’ во Бугарија. С.Македонија безрезервно и навремено да ги усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации и форуми со членот 11 од Договорот за добрососедство, јасно кажувајќи дека нема историски, или демографски причини да бара малцински статус за било која група граѓани на територијата на Бугарија. Мултилатералните формати и механизмите за набљудување на Советот на Европа не треба да се инструментализираат од С.Македонија за вршење притисок врз Бугарија за прашања поврзани со правата на лицата, кои припаѓаат на малцинските групи …“

На 25 јуни 2021 година бугарското Министерство за надворешни работи објави и 5 точки, кои Македонија мора да ги спроведе, за да не стави Бугарија стави вето на почетокот на преговорите за пристапување на државата Македонија во сојуз со Европската Унија: … (2) Македонија да ги повлече своите малцински побарувања кон Бугарија, потврдувајќи дека нема историски, етнички и други основи за барање статус на малцинство на територијата на Република Бугарија…“

Бугарија досега никаде во ниедна друга држава во Балканот, ниту во белиот свет немала свое национално бугарско малцинство, ама оп, преку ноќ го „здогледала“ и го „пронашла“ „бугарското малцинство во Македонија“ истиот момент кога бил потпишан „Договорот за добрососедство“ со Македонија. Не помина многу време и тоа „бугарско малцинство“ со помош на меѓународните и европски „геополитички алхемичари“ веќе прерасна во „бугарски државотворен народ“ со „дури“ 3504 „државотворци“, колку што беа преброени на последниот попис во 2022 година. А оние неколку стотини илјади Македонци во Пиринска Македонија, денес во Бугарија, тие се за политичкото раководство и „научната елита“ на оваа држава само „етнички фантоми“, кои не постојат во Бугарија, туку во „нулта димензија“.

Д-р Билјана Волческа-Вербруге, предавач по европска интеграција и културни студии на Тилбург Универзитетот во Холандија, ја критикува Бугарија дека бара преку хегемонистички говор и пристап да се откаже Македонија од какво било тврдење во врска со постоењето на македонско малцинство во Бугарија.

„Бугарските политичари изразија сомнеж во легитимноста на македонската држава и експлицитно негативни чувства за нејзината националност, јазик и идентитет. Бугарското негирање на постоењето на посебен македонски етнички идентитет и јазик е официјална политика барем од 60-тите години на минатиот век. Европската Унија ги интернационализира и ги европеизира ваквите историски спорови. Во октомври 2019 година, бугарскиот парламент усвои декларација, во која се наведени околу 20 барања што владата на С.Македонија ќе треба да ги исполни за време на пристапните преговори. Во декларацијата се наведува: ‘Бугарија нема да дозволи интеграцијата на С.Македонија во ЕУ да биде придружена со европска легитимизација на антибугарска идеологија’. Со оваа Декларација се бара од С.Македонија да се откаже од какво било тврдење во врска со постоењето на македонско малцинство во Бугарија.“ – укажува д-р Билјана Волческа-Вербруге. Посебно е важен  фактот што овие свои ставови македонската експертка ги изнесе во пошироката европска научна и политичка јавност преку својата научна статија со наслов „Повторното пишување на историјата како предуслов за членство во ЕУ“, објавена на 3 јуни 2025 година во „Журналот за европски студии“.

Сево ова што го изнесовме претставува силни аргументи да се врати грижата за Македонците од Пиринска Македонија, денес во Бугарија, исто како и за Македонците од Егејска Македонија, денес во Грција, во уставот на Република Македонија како императивна обврска, што треба да ја спроведе нивната матична татковина Македонија. Сето ова се силни аргументи исто така за колку е можно поскорешно поништување на „Бугарскиот договор“, напоредно со понштувањето и на „Преспанскиот договор.

(продолжува)

(Оваа анализа е надоврзување на нејзиниот прв дел „Во Уставот треба да се врати грижата за Македонците од соседните држави, а не да се ставаат ‘државотворни Бугари’, а со нив и агенда за распад на Македонија!“, како и на нејзиниот втор дел „Грција со устав ги ‘цементира врските на Грците соТатковината’, а со ‘преспанска бомба’ ги растури врските на тамошните Македонци со Македонија!“)

„Нова Македонија“

(Авторот изнесува согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

To top