Македонија

ЦУК: Крушево со заматена вода за пиење по поројните дождови, службите интервенираат низ Македонија

Во Крушево, поради поројните врнежи, водата за пиење е заматена и се препорачува превривање најмалку 10 минути. Нивото на Црна река кај селото Бучин е покачено, но водата се повлекла од местата каде претходно имало излевање. Екипи од ЈП „Комуна“, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежните служби работат на зајакнување на насипите кај критичните точки, информираат утрово од Центарот за управување со кризи.

Во општините Кочани и Штип, кај Оризарска река во селото Грдовци е регистрирано излевање, при што Водостопанство „Брегалница“ интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен, а од понеделник ќе започне чистење на речното корито од Грдовци кон Оризари за да се спречат идни штети. Сообраќајот на патниот правец Кочани–Грдовци е нормализиран, додека на повеќе патни правци во источниот дел има одрони кои се расчистуваат од екипи на Македонијапат.

Во Битола, во населбата Стрчин, КЈП „Нискоградба“ интервенира со механизација за отстранување на нанос од чакал и земја. Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите, додека во селата Жабени и Породин се поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река. Елешка река исто така е излеана, но нивото на водата во реките е во опаѓање.

Во Ресен се евидентирани поплавени земјоделски површини, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка. Нивото на Голема река е намалено од 2,20 на 1,40 метри. Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП „Пролетер“, а состојбата е нормализирана.

Во Демир Хисар, локалниот пат кон селото Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река, а локацијата е обезбедена од надлежните служби.

Во прилепските села Лажани и Пешталево се пријавени поплавувања поради неисчистени канали, при што во Лажани е евидентирана штета кај еден жител со поплавен двор и приземни простории, како и оштетување на тутунот. Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.

Во Тетово, патот кон Бање Тетово е исчистен, но сообраќајот е забранет од страна на СВР Тетово од безбедносни причини. Патиштата кон селата Жерма и Бродец се проодни, а состојбата во селото Стримница, Општина Желино, се следи континуирано од надлежните служби.

Најнови вести од: Македонија

Утре започнува четвртото издание на „Taste the South“ на нова локација во Гевгелија

Утре, 11 септември, во Гевгелија започнува четвртото издание на гастрономско- музичкиот фестивал „Taste the South“. Во текот на три фестивалски дена, посетителите ќе имаат можност да уживаат во традиционални вкусови, локални гастрономски производи, вина, музика и програма наменета за сите генерации

(Видео): Нула денари од Буџетот за прославата за независноста, за разлика од 8,2 милиони евра „во воздух“ кај Груби и Бајрами, велат од Владата

На Државна лотарија ѝ било укажано да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година во висина од 300 милиони денари за спонзорирање на настаните како и да објави јавен повик за прибирање на понуди за реализација на спонзорираните настани.

Клековски: Западнонилската треска стивнува, на Клиниката за инфективни болести сe згрижени шест пациенти

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека епидемијата на западнонилската треска стивнува, за што говорат податоците дека во последните две седмици има по два нови случаја, а и на Клиниката за инфективни болести моментно се згрижени шест пациенти, од кои само двајца се во потешка состојба.

Мицкоски: Колку и да сакаат да го оцрнат работењето на оваа Влада, денес многу подобро се живее отколку пред 3 години!

„Пред 25-26 месеци наследивме  уништени институции, ограбена економија, клекната на колена држава, разочарани и демотивирани граѓани. И сега,  колку и да сакаат да го оцрнат тоа што денеска оваа Влада го работи, ќе мора сите да се согласиме дека денеска многу подобро се живее од тоа што беше пред три години.“ – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи  на новинарско прашање во врска со забелешките на опозицијата околу порастот на бруто-домашниот производ.

Најнови вести

To top