Македонија

Денеска пресуда за Стојанче Јовановски за трагедијата на неговата сопруга и ќерка

Тој е обвинет за три кривични дела: Телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, поврзани со трагедијата од 2 март годинава, кога неговата сопруга Ивана Јовановска и шестгодишната ќерка Катја го загубија животот

 

Обвинителството, во завршен збор, побара максимална казна за обвинетиот оценувајќи дека во постапката е докажан континуитет на физичко, психичко и економско насилство врз Ивана Јовановска, кое, според обвинението, кулминирало со трагедијата на 2 март годинава. Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда со став дека Обвинителството не ги докажало ниту последицата ниту каузалитетот за делата што му се ставаат на товар на обвинетиот.

Во завршниот збор јавната обвинителка Адела Бојчевиќ посочи дека исказите на членовите на семејството, психијатриското вештачење, медицинската документација, аудиозаписите и другите материјални докази дале јасна слика за подолготрајно малтретирање и дека не станува збор за изолиран инцидент, туку за континуирано насилство и контрола врз оштетената.

Во однос на обвинетиот, обвинителката наведе дека, според медицинското вештачење, кај него не постои душевно заболување, кое би ја намалило одговорноста, туку доминирале потреба од контрола, манипулативност, недоволна самодоверба и сомничавост.

„Предлагам судот да донесе пресуда и да изрече казна во рамките на законскиот максимум, која ќе ги одрази тежината на делата и потребата од превенција од семејно насилство. Обвинителството бара максимална казна за сите три кривични дела поради пораката дека физичкото и семејното насилство може да убиваат исто како и физичката сила“  истакна Бојчевиќ.

Одбраната на обвинетиот, пак, во завршниот збор тврдеше дека доказите се контрадикторни, а сведочењата претежно посредни, а не непосредни. Адвокатот Давор Ангелевски рече дека не е докажано кој, кога и на кој начин ги нанел повредите, како и дека не е докажан каузалитетот ниту за кривичното дело загрозување на сигурноста ниту за делото наведување на самоубиство и помагање во самоубиство поради што побара обвинетиот да биде ослободен.

„Ниту последицата е докажана ниту каузалитетот е докажан за критичниот ден… Со вештиот наод не се докажа дека Стојанче сторил телесна повреда… доказите се контрадикторни, сведочењата се посредни, а не непосредни… Предлагаме пресуда со која обвинетиот Стојанче Јовановски ќе биде ослободен“, истакна Ангелевски.

Обвинетиот Стојанче Јовановски ги отфрли обвинувањата тврдејќи дека не ја поттикнувал ниту охрабрувал сопругата на таков чин и дека никогаш не би ги оставил сами доколку, како што тврдеше, не бил присилно изваден од станот од страна на Саздов. Јовановски ги оспори и наводите за телесните повреди тврдејќи дека некои од нив биле нанесени од Саздов и рече дека сведоците давале лажни искази за да го оцрнат.

Во име на оштетените, адвокатката Неда Чаловска истакна дека дејствата на обвинетиот не претставуваат изолирани инциденти, туку каузално поврзани настани што кулминирале на 2 март. Таа наведе дека присилното одземање на станот, заканите дека Ивана ќе биде избркана од домот и дека ќе ѝ биде одземено детето, ја довеле жртвата до состојба на постојан страв и апсолутна несигурност. Чаловска побара и имотноправно побарување за мајката на Ивана, Љубица Стојановска, и за братот Александар Стојановски.

Судењето против Јовановски почна кон крајот на март. Во текот на доказната постапка пред судот беа презентирани аудиоснимки од полициски пријави и видеоснимки, на кои, според Обвинителството, е регистрирано физичко и психичко насилство врз Ивана Јовановска. МИА

Најнови вести од: Македонија

Казината подалеку од училиштата – Законот за игри на среќа на јавна дебата во Собрание

Предлог законот предвидува во иднина казината да не смеат да бидат лоцирани во близина од најмалку 500 метри до училиштата, како и забрани за нивно рекламирање особено дека со нив се постигнува финансиски успех или пак кое е посебно насочено кон малолетни лица да се вклучат во игрите на среќа.

HELLENiQ ENERGY и Chevron го прошируваат стратешкото партнерство со нов договор за истражување во Јонското Море

Групациите HELLENiQ ENERGY и Chevron потпишаа нов договор за заедничко истражување на јаглеводороди во рамки на постојната концесија за Блокот 10 што се наоѓа во морскиот дел на Кипарискиот Залив, во јужниот дел на Јонското Море во Грција. Согласно договорот, Chevron ќе стекне 70% удел во концесијата и ќе ја преземе улогата на оператор, додека HELLENiQ ENERGY ќе задржи 30% од сопственичкиот удел.

Промовирана иницијативата за зачувување, обновување и одржлив развој на Галичник (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во Галичник беше промовирана иницијативата на Месната заедница Галичник за зачувување, обновување и одржлив развој на еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет и традиција. Пред претставниците на дипломатскиот кор, меѓународните организации и бизнис секторот, како и во присуство на градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер […]

To top