Македонија

„Филипче ја промаши и Македонија“: Илиевски за мрчењето за спотот за 35 години независност

Толку многу промашува Филипче што мислам дека ако земе да пука во воздух, ќе го промаши и воздухот, вели ТВ-водителот

Телевизискиот водител Богдан Илиевски детално, кадар по кадар, го „сецира“ мрчењето од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за спотот за 35 години независна Македонија што прв го објави премиерот Христијан Мицкоски.

„Жално е да се гледа уште едно промашување на темата, овојпат национална, обединувачка, заедничка – јубилејот 35 години независност на Република Македонија.

Сигурен сум дека не го ни изгледал видеото, инаку не би си дозволил да се резили на јавна сцена на овој начин. Што пишал? Во видеото сме виделе „промоција на државотворната политика на СДСМ”. Недостигале само влезот во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ. И додава: „Сè што е позитивно во овие 35 години носи потпис на СДСМ”.

Добро. Ќе ја прифатам на момент оваа тупа логика и ќе одиме кадар по кадар.

Спотот започнува со новиот објект на Македонскиот народен театар. Потписот на СДСМ го нема.

Свири „Љуби ме и главата горе”, преубава македонска песна на Зафир Хаџиманов, не на Венко Филипче. Се појавува Џамбазов и вели: „Луѓе, какви 35 години…”. Тука може да се сложам дека има потпис и на СДСМ, ама тој е за некое друго видео во кое ќе има менување имиња, знамиња и брусење шахти.

Следен кадар: Ана и Игор Дурловски. Пеат ко ангели. Потписот на СДСМ во оваа сцена е можеби затворањето на Игор и игнорирањето на Ана додека тие држеа власт.

„Се сеќавам на тој 8-ми септември, ден како на сон”, вели Игор и кадарот се прелева во прославата на плоштадот, каде го има Киро Глигоров. Човекот кој одбил милиони за да шитне име и е избран во парламентот како прв претседател со 114 гласови “за”. Државнички, не теснопартиски. Првата влада ја предводи Кљусев, веднаш до Киро на прославата. Избрана државнички, не теснопартиски. „Потписот на СДСМ”, а? Би се срамел Киро со едно око од слепилото на денешниот лидер на СДСМ и од неговиот партиски потпис со бугарски печат и грчки штембил.

„Не бевме само ние таму, сите бевме таа вечер на плоштад” не е само обична реплика. СИТЕ значи СИТЕ. Независноста е на сите. И на оние кои не гласаа на референдумот. И на оние кои не сакаа да станат само на македонската химна. И на оние кои беа во тие моменти во соседните држави плашејќи се од инвазија на Милошевиќ. СИТЕ. Не „потписот на СДСМ”.

Џамбазов потоа шета низ чаршија, а соговорниците потсетуваат на воведувањето на денарите, потсетувајќи се на историската изјава на Кљусев. Потписот на СДСМ може да го најдеме во пљачкањето на денарите во приватизацијата, на пример. Ако баш инсистираш, Венко. на барање на потписот.

Следен кадар – голот на Шаќири против Англија. Или, што би рекол Филипче, благодарение на СДСМ Шаќири го совлада Дејвид Симан, веројатно. Понесен од аграрната реформа на СДСМ Шаќири им го збрца на Енглезите.

„Секогаш навиваме со гордост, со невидена радост. Чиста еуфорија”, коментира Џамбазов после сцените на „леле, луѓе, што направивме” еуфоријата на европското во кошарка и златната генерација на Перо, Бо, Врба, Влатко, Гечевски, Станко и другарите на чело со големиот Марин Докузовски. „Потписот на СДСМ” може да го најдете кај нивните поддржувачи кои се ужаснуваа од големите прослави на плоштад и особено од веењето на македонското знаме со сонцето од Кутлеш и од песните за „расата” на Гоце.

Следи филмска референца и потсетување на успесите на „Пред дождот” и „Медена земја”. Можда Шекеринска ги режирала, па затоа имало потпис на СДСМ и во овие успеси. Којзнае.

Наредно одиме на мостот на уметноста и скулптурата на Тоше Проески, најголемата музичка ѕвезда која независна Македонија ја имала. Потписот на СДСМ? Што знам, статусите на Венко кои спаѓаат во жанрот „шушка молика”?

Па имаме прослава на првата европска титула на РК Вардар, голот на Пандев со кој отидовме на Европско, европската титутла на Кометал Ѓорче Петров… Сеќавање на покојниот Борис Трајковски, медената земја на Атиџе, првиот настап на Евросонг на Владо Јаневски. Сеќавања на луѓе на други историски моменти: головите на Кире Лазаров, четвртото место во Литванија, последниот концерт на Тоше, чудото во Италија, Реј Чарлс во Скопје, Маргареет Атвуд во Струга, чудото во Германија, македонската химна на Европското во фудбал.

„Потписот на СДСМ”, вели мајсторот Венко, стоел на сите успеси во видеото. Со гајда да го жалиш, пак малку ќе е.

Но, во видео кое ги слави македонските победи, ете, неизбежно се чини е да се потсетиме и на промашувањата. И обидот да се прикажат головите на Кире, Артим, Александар, Елиф, кошевите на Бо, Перо и Владо, како „потпис на СДСМ” се најголемиот автогол кој можеше да си го даде Филипче. Едно големо, големо, промашување. Уште едно во низа.

Во видео спот кој слави македонски, не вмровски, не сдсмовски, не било какви партиски успеси, туку македонски успеси, потрча потрчково бугарски да залепи партиски етикети и да ве убедува дека сонцето изгрева секој ден благодарение на СДСМ.

Само Заев му фалел во видеото, за да е цело. Бидејќи и тој е како него, со ваквите коментари. „Изгубен во времето, го бара семето, одејќи по жицата од гитарата и на која пружа алишта”, или како и да беше таа бравурозна муртинска лирика.

Толку многу промашува Филипче што мислам дека ако земе да пука во воздух, ќе го промаши и воздухот“, коментира Илиевски на Фејсбук.

Најнови вести од: Македонија

Владата прави сè да им помогне на превозниците за надминување на проблемот со земјите од Шенген-зоната

Министерството за транспорт денеска соопшти дека има целосно разбирање за предизвикот со кој се соочуваат македонските транспортери и активно и во континуитет се работи на изнаоѓање конкретни решенија за надминување на проблемот со земјите од Шенген-зоната.

Градоначалникот на Скопје Ѓорѓиевски: Потпишан е договорот за набавка на 150 електрични автобуси

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната седница на Советот на Град Скопје информираше дека е потпишан договорот за набавка на 150 електрични автобуси. Набавката ја спроведе централната власт, договорот е потпишан со унгарската фирма „Икарус“. Ова го објави „Плус инфо“.

Гаши ја обвини ДУИ за злоупотреба на Деловникот во Собранието

Сите закони за кои е потребно Бадентерово мнозинство ќе бидат ставени на гласање, соопшти претседателот на Собранието Африм Гаши денеска на средба со новинарите и додаде дека не знае каков ќе биде исходот поради процедуралната блокада на опозициската ДУИ.

Јаневска: Да се почитува реонизацијата при запишувањето на учениците во основните училишта!

Во моментот се изработува проект за реконструкција на покривот на ОУ „Наум Наумовски-Борче“ во Гази Баба. За децата нема да има проблем да влезат на часови затоа што има плоча и училниците се обезбедени, рече министерката Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со загриженоста на родителите на децата од ова училиште во населбата Маџари, чиј покрив беше откорнат во невремето на 21 јули.

ЕОС Матрих Македонија на пиедесталот во рамки на EOS Групација

ЕОС Матрих Македонија уште еднаш потврдува дека големината на пазарот не е пресудна за извонредноста на резултатите, како и дека континуираниот успех се гради со долгорочна работа, професионалност и постојано унапредување

Најнови вести

To top