Македонија

ФУЕН бара поддршка од МАЕИ за спроведување на Резолуцијата за Македонците во Албанија од 19.9.2026

Со оваа резолуција официјално се бара Владата на Република Албанија да ја потпише и да ја ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици, да им овозможи на припадниците на македонското малцинство слободно да се изјаснуваат и да преземе ефективни мерки против какви било надворешни политички притисоци, насочени кон негирање или асимилација на македонскиот идентитет. Покрај тоа, се бара општина Пустец да остане посебна единица на локална самоуправа и во рамките на новата реформа да не претрпи територијални промени, односно да не се спојува со други општини.

Федералната унија на европските националности (ФУЕН) упати официјално писмо до претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски во врска со неодамна усвоената Резолуција за македонското национално малцинство во Албанија. Резолуцијата, која беше поднесена од Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, беше усвоена на Собранието на делегати на ФУЕН за време на годишниот Конгрес, одржан на 19 септември 2026 година во Хелсинки, Финска.

Во своето обраќање претседателката на ФУЕН Оливија Шуберт истакна дека организацијата, која ги претставува автохтоните национални малцинства во Европа и ги застапува нивните права пред ОН, Советот на Европа, ЕУ и ОБСЕ, бара поддршка од МАЕИ за ефективно спроведување на усвоената резолуција.

Во одговорот до ФУЕН претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски изрази искрена благодарност за постојаната  грижа и посветеност на Унијата кон заштитата и унапредувањето на правата, идентитетот, јазикот и културата на Македонците во Албанија. „Усвојувањето на оваа резолуција е значаен чекор кон зајакнување на заштитата на малцинските права и обезбедување загриженоста и легитимните барања на македонското малцинство во Албанија да го добијат вниманието, што го заслужуваат на европско ниво.“ – истакна Стерјовски.

Тој го поздрави признанието, што ФУЕН му го оддава на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана за неговата активна работа и изрази подготвеност за понатамошна заедничка соработка, заради целосно спроведување на резолуцијата.

 

Најнови вести од: Македонија

To top