Македонија

Гласна реакција на Арифи околу извиците „Гасна комора за Албанците“ и „Смрт за Албанците“, но „заглушувачка тишина“ за „Велика Албанија“ и „Илирида“

Секое недозволиво нарушување на јавниот ред со етничка мотивација и секакви неприфатливи етнички навреди од кого било кон кого било треба да бидат третирани исто и принципиелно, а не со различно етничко гледање врз нив, зависно од етникумот на кого му се припаѓа

Минатата недела за време на спортски натпревар во Куманово салата беше исполнета со скандирања на омраза: Гасна комора за Албанците, Смрт за Албанците. Говорот на омраза создава лажно чувство на супериорност кај некои и огорченост и исклучување кај други. Тоа нè влече назад во калта на шовинизмот и етничката омраза. Ние сме и заглавени во одбивањето да ги исполниме нашите основни обврски, како што е вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот.“ – наведува д-р Беса Арифи, професорка во Правниот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Отровот на омразата“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Порталб“. Невообичаено е што во вакво јавно истапување во врска со деликатна и чувствителна тема, која има голем одраз врз меѓуетничките односи во Македонија, професорката Арифи се произнесува со енергична осуда само на инцидентот во   Куманово, но го одмолчува вториот инцидент во Скопје кога  голема толпа на навивачи – „Балисти“  во „хорски стил“ извикуваа „Велика Албанија“ и „Илирида“. Секое недозволиво нарушување на јавниот ред со етничка мотивација и секакви неприфатливи етнички навреди од кого било кон кого било треба да бидат третирани исто и принципиелно, а не со различно етничко гледање врз нив, зависно од етникумот на кого му се припаѓа. Професорката Арифи и манипулира со јавноста, кога тврди дека премиерот Христијан Мицкоски не изреагирал со осуда. „Го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија.“ – кажа јасно и гласно премиерот Мицкоски.  Значи, не е точно дека „немало никаква осуда.“, туку „имало само заглучувачка тишина“. „Заглушувачка тишина“ се „слуша“ токму од оваа колумна на Беса Арифи во врска со тешките националистички провокации од великоалбански позиции, нацелени и кон територијалниот интегритет на Република Македонија. Дилема е и од кои причини колумнистката се решила „критички“ да проговори во истиот текст и за „одбивањето да ги исполниме нашите основни обврски, како што е вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот“. Од свои одредени причини Беса Арифи става Албанци и Бугари во некаква „заедничка рамка“, меѓутоа засега не е јасно зошто постапува така… Но, „Експрес“ ја пренесува изворно и професионално коректно оваа колумна, за да ѝ се овозможи на јавноста увид во тврдењата на д-р Арифи, пласирани во неа.

Беса Арифи пишува: Минатата недела за време на спортски натпревар во Куманово салата беше исполнета со скандирања на омраза: „Гасна комора за Албанците“, „Смрт за Албанците“. Ова не се зборови што припаѓаат во спортска сала. Тие не припаѓаат во ниту едно граѓанско општество. Сепак, тие беа кажани, како што беа кажани претходно и како што се кажуваат повторно, гласно, јавно, во присуство на избрани функционери како премиерот и градоначалникот на Куманово, кои стоеја таму, аплаудираа и се насмевнуваа. Без никаква осуда. Без никакво извинување. Само тишина. Таа тишина беше оглушувачка.

Го посетив Дахау. Со свои очи видов како изгледа гасна комора. Тоа е ладно, морбидно, шокантно место, сведоштво за систематското убиство на невини луѓе, само затоа што биле различни. Да се споменуваат гасните комори во 2025 година, и тоа да се прави со ентузијазам против вашите сограѓани, не е само злосторство на зборови, туку е злосторство против нашата колективна меморија. Против човештвото.

Говорот на омраза не е само зборови. Тој е оружје. Ранува, дели, радикализира. Создава лажно чувство на супериорност кај некои и огорченост и исклучување кај други. Го труе духот на коегзистенцијата и нè остава скршени. И секој пат кога мислиме дека сме се придвижиле напред како општество, таков момент нè влече назад во калта на шовинизмот и етничката омраза.

Додека ние продолжуваме да се мразиме едни со други, светот оди напред. Албанија, некогаш поврзана со нас на патот кон европската интеграција, постигнува голем напредок на патот, по кој мислевме дека никој од нас не може да оди. Ние, напротив, сме заглавени во одбивањето да ги исполниме нашите основни обврски, како што е вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот. Се саботираме самите себеси во име на празни слогани и лажна гордост.

Косово, и покрај сите предизвици, ни покажува друг пат. Погледнете го фестивалот „Сан Хил“, настан што ги зближува луѓето од целиот свет преку уметност, култура и коегзистенција. Додека ние повикуваме на смрт, тие танцуваат за живот. Додека ние врескаме едни на други, тие пеат заедно.

С.Македонија би можела да биде најдобриот пример за мирна коегзистенција, за тоа што може да биде мултиетничко општество. Но, ние стануваме пример за спротивното. Стануваме земја каде што омразата е посилна од надежта, каде што поделбата е почеста од дијалогот и каде што молчењето пред злото станува норма. Таквата реалност може да се промени, но потребна е храброст, особено од оние на власт. Да излезат и да кажат: Ова не сме ние. Ова не сакаме да бидеме.

Затоа што ако не го сториме тоа, не само што го губиме патот кон Европа, туку ја губиме и нашата душа и се оддалечуваме сè повеќе и повеќе не само од Европа, туку и од тоа да бидеме луѓе. – тврди универзитетската професорка Беса Арифи во оваа колумна.

 

 

Најнови вести од: Македонија

Почина Волф Ошлис, амбасадорот на македонската кауза: Ако Европа ја изгуби Македонија, ќе се изгуби и себеси!

На 30 август 2026 година германските научни платформи објавија потврдена вест, која е повеќе од тажна за македонскиот народ и Република Македонија: уште на 18 август 2026 година почина професор доктор Волф Ошлис, германскиот и европски македонист со непроценливо значење на неговиот политичко-јазичен македонистички ангажман за македонскиот народ и јазик, за одбраната на националната, идентитетска, јазична, културна и историска засебност и самобитност на Македонците наспроти сите нивни негирања како народ. Неговата реченица: „Нема ништо полесно отколку да бидеш пријател на Македонија. Јас сум тоа од 1975 година…“ ја одразува неговата длабока професионална, но и лична, чувствена врска со македонската кауза, со Македонците и Македонија

Легендарниот македонски војвода Александар Турунџе пред да си стави јамка на вратот на 30.8.1905: Македонија ќе биде слободна!

„Личната трагедија на македонскиот револуционер, ајдутин, четник и војвода Александар Турунџев, кој е предаден на турските власти за 150 златници од свој сонародник, по што бил обесен на Ат-Пазар во Битола на 30 август 1905 година, освен што е симбол на она што многу често провејува низ македонската историја – предавството, многу повеќе е национален херој и симбол на борбата за слобода на македонскиот народ.Погубувањето на Турунџев се одвивало пред бројни сведоци, меѓу кои и неговата сопруга и нивните две малолетни деца, ќерка и син, кои биле принудени немо да го гледаат испуштањето на последниот здив на својот татко.“ – објави Македонската информативна агенција – МИА.

Штип е без вода: Филтер станицата исклучена, поради крајно големата заматеност од синоќешното невреме

Градот Штип од 14 часот е без вода за пиење. Филтер станицата се исклучи од цевководот на хидросистемот „Злетовица“ поради големата заматеност на водата која пристигнува од браната Кнежево, информираше на вонредната прес-конференција директорот на ЈП Исар Штип Александар Арсовски.

ЗНАМ го осудува глорифицирањето на воените злосторства

Движењето ЗНАМ најостро ги осудува воените злосторства случени на поранешните југословенски простори, вклучувајќи ги и хашките случаи во Македонија од 2001г., и секој обид за нивна глорификација, релативизација или оправдување

To top