Македонија

Јаневска: Да се почитува реонизацијата при запишувањето на учениците во основните училишта!

Во моментот се изработува проект за реконструкција на покривот на ОУ „Наум Наумовски-Борче“ во Гази Баба. За децата нема да има проблем да влезат на часови затоа што има плоча и училниците се обезбедени, рече министерката Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со загриженоста на родителите на децата од ова училиште во населбата Маџари, чиј покрив беше откорнат во невремето на 21 јули.

Министерката Јаневска посочи дека родителите не треба да бидат загрижени, а училиштето ќе добие нов покрив во текот на учебната година. На новинарско прашање за тоа што на првачиња Албанци од Чаир не им се дозволува да се запишат во ОУ „Петар Здравковски-Пенко“, кое припаѓа на општина Бутел, а граничи со Чаир, Јаневска одговори дека е запознаена со проблемот и дека треба да се почитува реонизацијата. Таа нагласи дека тоа важи за сите ученици, без разлика на нивната етничка припадност.

– Не станува збор само за ученици Албанци. Станува збор за ученици Албанци и ученици Македонци. Градоначалниците и директорите на училиштата мора да го почитуваат законот и мора да се воспостави ред. Затоа е измислена реонизацијата. Тоа се две различни општини, едната е општина Чаир, а другата е општина Бутел. Децата од општина Чаир, Македонци, Албанци, Турци, што и да се, треба да учат во општина Чаир, а децата од општина Бутел, што и да се, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци или Роми, треба да учат во општина Бутел, таму каде што припаѓаат – рече Јаневска.

За оние деца чии постари браќа и сестри веќе учат во училиштето „Пенко“, бидејќи во минатото бил дозволен упис, Јаневска рече дека лично смета оти може да се направи исклучок, но нагласи дека „ова е, сепак, нешто што треба да го решат градоначалниците, зашто Министерството тука нема ингеренции“. – Со Законот за децентрализација училиштата се децентрализирани и се во надлежност на општините. Но, секако, како Министерство се грижиме за добробитта на децата и препорачувам, како и секогаш досега, да се почитуваат законите, бидејќи тогаш има најмалку проблеми. Оттука апелирам до сите да го почитуваат законот и реонизацијата – додаде Јаневска.

Со оптимизацијата на училишната мрежа, наставниците што немаат полн фонд на часови ќе работат или во дневен престој или како образовни асистенти. Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска посочи дека добиле само неколку барања од наставници што се согласни да станат образовни асистенти, односно да работат со ученици со посебни образовни потреби, и дека тоа им е овозможено. – Најголемиот број од наставниците што немаат полн фонд на часови ќе одат во престој затоа што се залагаме за подолг престој на учениците во училиштата. Таму каде што биле класични паралелките, сега ќе им овозможиме да продолжат со настава што ќе трае цел ден. Некаде ќе биде целодневна настава, а некаде ќе биде престој. За тоа ќе одлучат самите училишта – рече министерката.

Во врска со превозот на учениците што, поради затворањето на подрачните училишта, ќе треба да посетуваат настава во поголемо, односно централно училиште, Јаневска одговори дека тоа е обврска на општините, зашто МОН не обезбедува превоз. – Децата ќе учат во најблиското училиште. Доколку тоа е оддалечено повеќе од 2,5 километри, општините ќе им обезбедат превоз. Бесплатниот превоз им е загарантирано право, така што тука нема да имаме проблем – посочи Јаневска, пренесува МИА.

Најнови вести од: Македонија

Гаши ја обвини ДУИ за злоупотреба на Деловникот во Собранието

Сите закони за кои е потребно Бадентерово мнозинство ќе бидат ставени на гласање, соопшти претседателот на Собранието Африм Гаши денеска на средба со новинарите и додаде дека не знае каков ќе биде исходот поради процедуралната блокада на опозициската ДУИ.

ЕОС Матрих Македонија на пиедесталот во рамки на EOS Групација

ЕОС Матрих Македонија уште еднаш потврдува дека големината на пазарот не е пресудна за извонредноста на резултатите, како и дека континуираниот успех се гради со долгорочна работа, професионалност и постојано унапредување

To top