Лекарската комора бара брза разрешница на секој инцидент. Оттаму реагираат на бавното инситутиционално постапување, што ги обесхрабрува лекарите да пријавуваат. Најчеста причина за вакви ситуации е кога пациентите сакаат да бидат прегледани без да чекаат ред. Психијатарот Кадри Хаџиамза, раскажува и за еден случај кога го пријавил напаѓачот во полиција, но подоцна ја повлекол пријавата, бидејќи, како што рече, лицето не ја примало својата терапија.
- „Мој пациент кој не ја примал терапијата, знам дека е агресивен, дојде и ме фати за врат – немаш каде да избегаш, во канцеларија си, физички напад. Пријавив долу, ја известив полицијата, полицијата дојде многу брзо. За тие што не знаат, нашата клиника се наоѓа веднаш до МВР, интервенираа“, изјави Кадри Хаџијамза, психијатар.
Претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова, нагласи дека насилството не е решение, дури ни кога пациентите не се задоволни од услугите. Наместо тоа, додаде таа, треба да поднесат жалба до институциите.
- „Дали решение е да тепате или некој да ве тепа? Мислам дека не! Постојат институции. Во секој дом на здравје има директор. Пациентот има апсолутно право – и тоа го прават – да напише жалба до директорот. Директорот има обврска во рок од две недели да одговори. Постојат и институции како суд и обвинителство. Секој што не е задоволен од одредени причини има каде да го пријави тоа“, изјави Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарската комора.
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека успешно се спроведуваат измените во Кривичниот законик, со кои насилството врз здравствен работник се смета како насилство врз службено лице и претставува кривично дело.
- „Ќе го подобриме системот за термини, затоа што оттука почнуваат фрустрациите. Исто така треба да имаме секаде дигитални информации за чекање, за пациентите да знаат колку ќе чекаат. Ако не се информирани колку треба да чекаат, тогаш почнува револтот – дали ќе чекам еден или два часа“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Со измените на Кривичниот закон во 2023 година, нападот врз медицинско лице се третира како напад врз службено лице. Според податоците од Министерството за внатрешни работи измината година се поднесени две кривични пријави за кривично дело „напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност“ за кои се пријавени тројца сторители. Едно дело се случило во Скопје, за кое се пријавени двајца сторители и едно во Штип. Инаку, 12 март е Европски ден против насилството врз лекарите.