Со учество на домашни експерти, занаетчии, креативци и меѓународни гости од Полска, Чешка и Бугарија, во Скопје започна дводневниот настан „Одржливост, претприемништво и креативност“, кој покажува како традиционалните вештини можат да станат двигател на современи идеи, нови можности и позитивни општествени промени.
Во организација на МАТА Скопје, во рамките на европскиот проект Craft2Grow – Развој на меки вештини преку одржлива мода, на 21 октомври во Лабораториум започна дводневен настан посветен на креативноста, одржливата мода, циркуларната економија и претприемништвото.

Првиот ден донесе богата програма исполнета со инспиративни панел-дискусии, интерактивни работилници, размена на искуства и средби меѓу претставници на граѓанскиот сектор, експерти, занаетчии и меѓународни партнери.
Посебно внимание беше посветено на иднината на традиционалните занаети и можностите што тие ги нудат за младите генерации. Преку разговори за поврзувањето на традицијата со иновациите, социјалното претприемништво и новите бизнис-модели, беше отворено прашањето како занаетчиските вештини можат да добијат нова вредност во современото општество.

Во фокусот на програмата беа и зелените и меките вештини како компетенции на иднината, со акцент на комуникацијата, тимската работа, креативното размислување и решавањето проблеми. Преку практични активности учесниците имаа можност да искусат како реупотребата на материјали и креативната работа можат да станат алатки за личен развој, учење и соработка.
Настанот доби и меѓународна димензија преку присуството на гости од Полска, Чешка и Бугарија, кои придонесоа за размена на искуства, идеи и добри практики во областа на образованието, креативноста и одржливиот развој.

Програмата продолжува и денес, 22 октомври, кога посетителите ќе можат да го посетат базарот на ракотворби, отворен од 10:00 до 19:00 часот во Лабораториум.
Базарот претставува можност за директна средба со локалните занаетчии и креативци, откривање уникатни рачно изработени производи и поддршка на одржливото и одговорно создавање.

Кулминацијата на дводневниот настан е закажана за 19:00 часот, со уникатната модна ревија „Модата што поврзува – приказна за инклузија, емпатија и вистински вредности“.
Ревијата ќе обедини ученици, професори, родители и креативци, меѓу кои и претставници на ДУЦОР „Димитар Влахов“, SIEC и Прекроено.мк, како и ученици и професори од текстилната насока на СОУ „Таки Даскало“ од Битола, во соработка со продукција Божиловиќ и Креативен ден – Битола и СУГС „Кочо Рацин“ од Скопје.

Преку модата како универзален јазик, оваа несекојдневна ревија ќе испрати порака дека вистинската убавина се препознава во различностите, прифаќањето, креативноста и еднаквите можности.

Организаторите ги покануваат сите граѓани да го посетат базарот и да бидат дел од завршницата на настанот. Влезот е слободен, а учеството во активностите е бесплатно.
Настанот се реализира во рамките на проектот Craft2Grow, кофинансиран од програмата Еразмус+ на Европската Унија, со цел да се промовираат иновативни пристапи во образованието на возрасните преку одржлива мода, креативност и развој на меки вештини.
