Македонија

Локацијата за националниот дата центар е избрана – догодина почнува изградбата

Министерот за дигитална трансформација за проектот

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека парцелата за националниот центар за податоци веќе е утврдена, но сè уште се бара финансиер. По неодамнешната поплава и прекинот на струја во зградата на поранешна „Нова Македонија“, државните сервери морале итно да бидат преместени за да се спречи прекин на електронските услуги.

Камен-темелникот на националниот центар за податоци би можел да биде поставен во 2027 година. Локацијата за изградба е веќе избрана, соопшти Андоновски.

Државата активно бара меѓународен финансиер и работи на урбанистичката документација. Неодамнешниот инцидент со поплава во зградата на поранешна „Нова Македонија“ ја покажа ранливоста на постојните државни сервери и електронските услуги.

Во Дневникот на МРТ Андоновски изјави дека Министерството за дигитална трансформација е во постојана комуникација со Министерството за транспорт околу подготовката на проектот.

– Ја утврдивме локацијата, точно ја знаеме парцелата. Сега ќе работиме на нејзино урбанизирање, поврзување, за да може да аплицираме. Активно бараме извори на финансирање кај нашите меѓународни партнери – рече Андоновски.

Проектот ќе биде претставен пред јавноста откако ќе бидат исполнети два клучни услова: подготвен урбанистички проект и обезбедено финансирање. Пред почетокот на изградбата ќе бидат изработени и студија за влијанието врз животната средина, како и социјална студија.

Потребата од современ национален центар особено дошла до израз по поплавата и прекинот на електричната енергија. Во објектот, покрај неколку министерства, се наоѓала и опрема поврзана со Министерството за дигитална трансформација и со националниот портал за електронски услуги.

По инцидентот серверите биле преместени на нова локација за да се избегне прекин на услугите.

– Вакви случаи, кога несоодветно се чува опремата, кога нема доволно осигурување, обезбедување и струја, може да се случуваат постојано на критични системи во државата. Имавме среќа што ние сме подготвени како Министерство, веднаш реагиравме, но не можам да гарантирам дека секоја институција во државата е подготвена на ист начин да реагира – предупреди Андоновски.

Националниот центар треба да обезбеди посигурно функционирање на државните дигитални системи, со резервно напојување, батерии и агрегати.

– Кога имаме национален податочен центар, тоа е обврска на една институција да се грижи. Таа има протоколи, начин на постапување и нема да дозволи вакви работи да направат прекин во критичната инфраструктура – објасни министерот.

Паралелно се водат разговори и со странски инвеститори заинтересирани за изградба на приватни центри за податоци. Разгледуваат се неколку потенцијални локации, но засега нема конкретен проект што може јавно да се претстави.

Најавена е конференција со приватниот сектор, на која домашните компании ќе ги претстават можностите за учество – од изградба и одржување до електроенергетска инфраструктура.

Андоновски најави и дека до крајот на годината се очекува финална верзија на националната стратегија за вештачка интелигенција, а во 2027 година е планирано донесување закон за нејзина употреба.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Мојот идентитет не е создаден од Југославија!

„Идентитетот го опфаќа името на државата и мојот јазик; тој е наследство од моите предци, моето културно наследство и богатата македонска историја – како и од оние предци кои со својата крв го платија животот што го живееме денес, вели премиерот

To top