Македонија

Македонската амбасада со предупредување до македонските граѓани во Саудиска Арабија

За сите македонски државјани на кои им е потребна итна помош, Амбасадата во Абу Даби го стави на располагање дежурниот телефонски број +971 56 441 7532

Македонската амбасада во Абу Даби упати итно предупредување до македонските државјани кои престојуваат во Саудиска Арабија, особено во главниот град Ријад, поради влошената безбедносна состојба и серијата ракетни напади и напади со беспилотни летала.

Од Амбасадата апелираат граѓаните да бидат максимално внимателни и строго да ги почитуваат упатствата на саудиските безбедносни власти и службите за цивилна заштита.

Во соопштението се наведува дека при активирање на безбедносна тревога или сирена, граѓаните треба веднаш да побараат засолниште во затворен простор и да се оддалечат од прозорци и стаклени површини. Се препорачува избегнување јавни собири, воени објекти и пограничните области со Јемен.

Амбасадата предупредува и на строгите ограничувања за фотографирање, снимање и споделување снимки од нападите на социјалните мрежи, за што, според соопштението, саудиските власти предвидуваат сериозни казни. Граѓаните се повикуваат да ги одржуваат мобилните телефони наполнети и да пријавуваат сомнителни предмети или остатоци од проектили.

Посебно внимание се посветува на авиосообраќајот. Поради безбедносната состојба, можни се одложувања и откажувања на летовите, па патниците се советуваат задолжително да го проверат статусот на својот лет кај авиокомпанијата пред да тргнат кон аеродромот.

Предупредувањето доаѓа во време на засилени напади врз Саудиска Арабија. Во саботата, на 10 октомври, меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад повторно беше цел на напад, при што беа повредени повеќе лица, а аеродромските операции беа привремено прекинати. Претходно, во нападите врз аеродромот во четвртокот загинаа тројца саудиски државјани.

За сите македонски државјани на кои им е потребна итна помош, Амбасадата во Абу Даби го стави на располагање дежурниот телефонски број +971 56 441 7532.

Од дипломатското претставништво апелираат информацијата да се сподели со останатите македонски граѓани кои се наоѓаат во Саудиска Арабија.

Најнови вести од: Македонија

Сиљановска-Давкова: 11 Октомври е неизбришлив спомен и вечен завет за чување и развој на татковината

Идеја водилка на востанието пред 85 години, како народен отпор беше вековниот стремеж за слободна македонска држава. Востанието прерасна во Народноослободителна борба, низ која, со крв, саможртва и непоколебливост на знајни и незнајни јунаци, се трасираше патот кон АСНОМ

To top