Македонија

Македонски научници открија проблем со кој ќе се соочи ЕУ ако не преземе соодветни мерки

Човековата заштита од волци го олеснува ширењето на чакалите низ Европа, покажа нова студија во која учествуваат истражувачи од Македонското еколошко друштво

Нова студија, објавена неодамна во списанието „Екологија и еволуција на природата“, покажува дека волкот е главниот природен фактор што ја ограничува експанзијата на чакалот низ Европа, но и дека неговото влијание го сузбива човекот со своите активности. Како резултат на тоа, чакалите би можеле да населат до 75 % од европскиот континент, површина речиси шест пати поголема од таа што моментално ја заземаат, се предвидува во студијата која обедини истражувачи од 13 европски земји, меѓу кои и д-р Диме Меловски и м-р Александар Стојанов од Македонското еколошко друштво (МЕД).

За подобро да се разбере човековото влијание во интеракциите меѓу различните животински видови, но и е да се објаснат причините за експанзијата на чакалот низ Европа, од 2001 до 2017 година се собирани стандардизирани теренски податоци за завивањето на чакалите на безмалку 9 000 локации низ Централна и Југоисточна Европа, вклучително и во нашата држава.

Истражувањето покажа дека пократкотрајната снежна покривка, што е последица на климатската криза, умерената шумска покриеност и близината до водни тела позитивно влијаат врз бројноста на чакалот. Но, клучно за неговото ширење е отсуството на топ предатори, како волкот.

„Истражувањето ја потврди тезата дека историскиот пад на волците во Европа била главната причина за сè поголемата распространеност на чакалите низ Европа. Кога чакалите ќе почнеме да ги среќаваме и на места каде што вообичаено не живееле, вклучително и во повисоките предели, тоа значи дека популацијата на волкот, но и на разни видови плен, како срната, е загрозена“, објаснува д-р Диме Меловски, раководител на Програмата за диви видови во МЕД.

Во деведесеттите години на минатиот век, чакалот кај нас бил истребен, поради што порано го имал статусот на строго заштитен вид. Ова повеќе не е случај. Иако честите случаи на прегазени чакали и бројните пријави од луѓе упатуваат на заклучокот дека бројката на чакали расте и кај нас, сепак не постојат точни податоци за овој вид кој денес ја населува целата територија на Македонија.

„Чакалот, како и секое друго животно, си има своја функција во екосистемот. Но, популациите на крупни месојади мора да се менаџираат. Ова, од една страна, ќе помогне да се врати и одржува балансот во екосистемот, а од друга страна ќе спречи да дојде до истребување на даден вид. Токму затоа, државата, во соработка со ловните друштва и со експертски организации како нашата, треба да преземе мерки за управување со оваа популација, почнувајќи прво од утврдување на бројката на чакали“, подвлекува м-р Александар Стојанов од МЕД.

Истражувањето посочува дека закрепнувањето на топ предаторите може да биде решение базирано на природата за регулирање на растечките популации на мезопредаторите. Во нашиот контекст, ова е уште една причина да се заштити волкот со ловостој, имајќи предвид дека неговата популација е во опаѓање. За да се постигнат и задржат ваквите еколошки ефекти, потребно е топ предаторите да достигнат еколошки ефективна густина и соодветна популациска стабилност. Ова претставува голем предизвик во предели доминирани од човекот, поради што е неопходно да се преземат ефикасни мерки за спречување и намалување на конфликтите меѓу човекот и животните.

Целосната студија е достапна на https://www.nature.com/articles/s41559-026-03060-y

Најнови вести од: Македонија

„Граматиката“ на Блаже Конески од 1952 – силен научен противудар кон бугарско-грчките негирања на македонскиот јазик!

„Корените на нашиот денешен литературен јазик се впиваат во наследството на писменоста, што од векови наваму носи во Македонија самобитно јазично обележје.“ – има напишано, покрај другото, еден од архитектите на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик Блаже Конески во уводот на својата „Граматика на македонскиот литературен јазик“, објавена на денешен ден, на 13 октомври 1952 година. Издавањето на ова дело е еден од најзначајните датуми не само во јазичната, туку и националната историја на македонскиот народ. На денешен ден пред 74 години е испечатена „Граматика на македонскиот литературен јазик. Дел I: Увод. За гласовите. За акцентот“. Во 1954 година е излезена од печат „Граматика на македонскиот литературен јазик. Дел II: За формите и нивната употреба“. Од вкупно 7.170 постојни живи јазици во светот, колку што истакнува „Етнолог“ (светска научна платформа за бележење и документирање на јазиците) дека ги има денес, лингвистот Харалд Хамарстром истражувал 6409 јазици во својата студија „Јазичната и јазичната еволуција“ од 2017 година и констатирал дека речиси половината од нив „недостасува каков било вид граматички опис“. Појасно кажано, речиси 3200 од сите светски јазици немаат никаква своја напишана граматика, но тоа воопшто не значи дека тие јазици немаат свои автентички граматички и други структури и внатрешни законитости. Но значи дека речиси 3200 народи, или етнички групи во светот, немале свои луѓе да се обидат, или и конечно да им напишат научна граматика, како што ги имал македонскиот народ своите Партенија Зографски, Венијамин Мачуковски, Димитар Миладинов, Ѓорѓија Пулевски, Крсте Мисирков и „лозарите“, сѐ до Круме Кепески и Блаже Конески.

Македонија меѓу побезбедните држави во светот според „Мапата на опасности за 2027“ на „Глобал гардијан“ од САД

Македонија и останатите земји од Западен Балкан се наоѓаат во категориите со ниска до умерена безбедносна опасност, покажува Глобалната мапа на опасности за 2027 година, објавена од американската компанија за корпоративна безбедност „Глобал гардијан“.

Објавен Вториот повик за предлог-проекти во рамките на ИПА III Програмата за прекугранична соработка Македонија-Албанија 2021-2027

Заинтересираните организации се повикуваат навремено да започнат со подготовка на своите проектни предлози, како и со воспоставување контакти и координација со потенцијалните прекугранични партнери. Раното планирање и ефективната соработка меѓу партнерите се важни предуслови за подготовка на квалитетни и одржливи проектни предлози.

Ковачевски: СДСМ претрпе сериозен изборен пораз, имаше само 124.000 гласа – Платформата 12:05 е оправдана!

„Ова што се случува (во СДСМ) не е нешто непознато во политиката, после пораз на избори СДСМ на локалните избори претрпе сериозен пораз, имаше само 124 илјади гласа’’ посочи поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски на гостување во МРТ.

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски поднесе оставка, поради „лични причини“

Јовица Андовски повеќе нема да ја извршува функцијата заменик-министер за здравство, откако поднесе оставка од лични причини. Во писмото со кое се повлекува од функцијата, тој му се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски за довербата, поддршката и досегашната соработка.

Најнови вести

To top