Македонија Свет

Македонското знаме се развеа на ЗОИ 26 во Италија: оптимизам во МОК и меѓу нашите олимпијци за добри резултати од настапите (Видео)

Четворица спортисти ја претставуваат Република Македонија на Зимските олимписки игри 2026 во Италија. Јана Атанасовска е најмладата македонска натпреварувачка и рекордерка во алпско скијање. Ставре Јада е најискусен член на македонскиот олимписки тим, кому ова му е трето учество на Зимски олимписки игри, по настапите на Олимпијадата во 2018 година во Пјонг Чанг, во Јужна Кореја, и на Олимпијадата во 2022 година во Пекинг, во Кина. По настапот на претходната Олимпијада во Пекинг Ана Цветановска повторно ќе ја претставува Македонија во истите нордиски дисциплини. Четвртиот наш натпреварувач е Виктор Петков, кој последен влезе во државниот олимписки тим. Честа да го носат македонското државно знаме на вчерашната официјалната церемонија на отворањето на ЗОИ 2026 ја имаа Атанасовска и Јада.

Вчеравечер со спектакуларна церемонија на прочуениот стадион „Сан Сиро“ во Милано, во Италија беа отворени Зимските олимписки игри 2026.

Меѓу повеќе од 2.800 спортисти од 93 земји, своето место го зазеде достоинствено и гордо и македонската олимписка делегација.


Македонија на овие Олимписки игри е претставена со четворица спортисти.


Ана Цветановска, во нордиско трчање – спринт и интервал старт на 10 километри
Ставре Јада во нордиско трчање – спринт и интервал старт на 10 километри
Јана Атанасовска во алпско скијање – слалом и велеслалом
Виктор Петков во алпско скијање – велеслалом.

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски изрази особено задоволство, поради тоа што што македонската репрезентација за првпат ќе брои четворица олимпијци. „Досега не се случило четири македонски натпреварувачи, и тоа сите со исполнета норма, да настапат на Зимски олимписки игри. Имам чувство дека можеме да оствариме добар резултат и да се претставиме во најдобро светло.“ – нагласи Димевски.


Оптимизмот го делат и спортистите, кои најавуваат максимална борба и силни настапи на патеките во Италија. Настапите на македонските нордиски скијачи се закажани за 10, 12 и 13 февруари, а Атанасовска и Лазарески ќе се појават на патеките на 14, 15 и 18 февруари.


Ставре Јада е најискусен од нашите претставници, за него ова ќе биде трета Олимпијада по Пјонг Чанг во 2018 и Пекинг во 2022 година и ќе настапи во крос-кантри нордиската дисциплина. „ Сакам да изразам благодарност до МОК и мојата матична федерација, скијачката за тоа што веруваат во моите можности. За мене ова ќе биде трета Олимпијада во низа, вложивме многу за да дојдеме до овој трет настап. На оваа Олимпијада одам со цел да постигнам најдобар резултат, кој го постигнал еден нордиец за Македонија. Се надевам на крајот ќе ја претставам Македонија во најдобро светло и оти ќе бидам рамо до рамо со најдобрите.“ – рече Јада.

Ана Цветановска дебитираше во Пекинг, па за неа ова ќе биде втора Олимпијада. Таа беше нашата единствена претставничка на Светското првенство во Трондхејм во нордиско трчање и ја потврди формата со 5-то место на силниот Балкански куп. „Чест ми е што присуствувам на овој настан и што сум дел од олимпискиот тим. Ќе се обидеме да се претставиме во најдобро светло на овие Олимписки игри.“ – изјави Цветановска.


Јана Атанасовска го држи рекордот за најдобар остварен резултат во историја на македонското алпско скијање во женска категорија со освоени 30,56 ФИС точки. „За мене ова е голем успех. Настапот на Олимписките игри не е само остварување на сонот на едно младо девојче, туку и голем чекор во мојата кариера. Одам таму максимално подготвена и верувам ќе ја пренесам формата од тренинзите на патеката“ – рече самоуверено и Јана.

Четвриот македонски натпреварувач е Виктор Петков. „ Се надевам дека ќе ја претставам Македонија во најдобро светло, оти ќе го дадам својот максимум. Нормата ја исполнивме и сега останува да дадеме сѐ од себе во Кортина.“ – посочи Петков.

Зимските олимписки игри Кортина – Милано 2026 ќе се одржат од 6 до 22 февруари.

Видео

Најнови вести од: Македонија Свет

(Фото): „Визер“ ги запира сите летови кон Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија

Од авиокомпанијата додаваат дека патниците ќе бидат навремено информирани за сите очекувани промени. Патниците кои ги резервирале своите билети преку трети страни треба директно да се обратат до агенциите или платформите преку кои ја извршиле резервацијата.

To top