Со лет од Шарм ел Шеик во Египет до Скопје со владиниот авион, попладнево се евакуирани македонски државјани од Израел, информира министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
„
Безбедноста на македонските граѓани е најважна.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија целосно го координираше процесот на евакуација на македонските државјани од Израел, кои попладнево со владиниот авион полетаа од Шарм ел-Шеик кон Скопје.
Станува збор за процес што бараше сериозен ангажман на нашите дипломатско-конзуларни претставништва, доследно почитување на безбедносните процедури и континуирана координација меѓу надлежните институции.
Воедно, финализирана е постапката за склучување договор со компанија која во следните денови се очекува да започне да ги реализира летовите за евакуација на македонските државјани од останатите погодени подрачја, во координација со нашите ДКП-а.
Нашите дипломатско-конзуларни претставништва и понатаму се на 24-часовно располагање на македонските државјани за секоја потребна помош и поддршка“, објави шефот на македонската дипломатија на социјалните мрежи.