Управата ќе ја проверува правилноста на преземените активности, времето на доставување на податоците, примената на прописите и начинот, на кој институциите комуницирале со родителите. „Во конкретниот случај, имајќи ја предвид околноста дека новороденчето починало непосредно по раѓањето, Управата ќе ја провери правилноста на преземените дејства и примената на прописите“, се наведува во одговорот од Управата за водење на матичните книги.
Случајот се отвори, откако семејството било контактирано во врска со определување лично име на бебето. Од документите произлегува дека Управата на 27 јули испратила допис до надлежниот Центар за социјална работа, кој во Пробиштип бил примен на 20 август, со барање да се постапи по законската процедура за определување лично име, ако родителите тоа не го сториле во предвидениот рок.
Но, бебето било родено на 26 јуни, а починало на 29 јуни, по неколкудневно лекување поради предвременост. Родителите тврдат дека никој претходно не ги известил дека треба да преземат дополнителна постапка за запишување и определување име на детето, а дополнително велат дека им била спомената и можност за казна, поради задоцнета регистрација. Токму и овој дел ќе биде предмет на проверка.
„Во однос на наводите за најавена казна, Управата ќе провери дали и на која законска основа е дадена таква информација“, велат од Матичната служба. Од Управата нагласуваат дека прекршочни мерки можат да се преземат единствено откако целосно ќе биде утврдена фактичката состојба и ќе бидат правилно применети законските одредби. Во оваа фаза, велат оттаму, не може однапред да се утврди дека постоел пропуст, или одговорност кај конкретно службено лице.
„Ако проверката утврди неправилности, или несоодветно постапување, Управата ќе преземе соодветни мерки согласно со своите надлежности и ќе ги унапреди постапките, заради спречување слични ситуации во иднина“, се наведува во одговорот.
Од Управата истакнуваат дека во случаи, кои вклучуваат загуба на новороденче, институциите мора да покажат особена внимателност во комуникацијата со семејството. „Комуникацијата со граѓаните, особено во случаи на загуба на новороденче, мора да биде професионална, внимателна и со должна почит кон достоинството на семејството“, велат од Управата. Од таму најавуваат дека по завршувањето на проверката ќе информираат за утврдените факти и можните мерки.