Германскиот канцелар Фридрих Мерц изрази растечка загриженост во Европа во врска со американско-израелската војна против Иран, предупредувајќи дека конфликтот влегува во „опасна ескалација“ без јасен заеднички план за нејзино завршување, пренесе Ројтерс.
Изјавата беше дадена на заедничка прес-конференција во Берлин со чешкиот премиер Андреј Бабиш.
Коментарите на германскиот канцелар доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната би можела да заврши „наскоро“, но предупреди дека Вашингтон би можел да ги засили нападите ако Иран се обиде да го блокира сообраќајот на танкери низ Ормутскиот теснец.
Мерц рече дека Германија ги споделува „многу од целите“ на американско-израелската операција во која беше убиен врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, но со секој изминат ден се појавуваат нови прашања за развојот на конфликтот.
„Особено сме загрижени што очигледно не постои заеднички план за брз и убедлив крај на оваа војна“, рече германскиот канцелар.
Според него, Европа нема интерес за продолжен конфликт или за колапс на иранската државност. „Немаме интерес за бесконечна војна. Немаме интерес за колапс на територијалниот интегритет, државноста или економската одржливост на Иран“, нагласи Мерц.
Тој додаде дека на светот му е потребен „стабилен и одржлив Иран“ кој е дел од регионален поредок за мир и безбедност во кој ниту Израел ниту другите партнери не се загрозени.
Изјавата на германскиот канцелар ја одразува растечката загриженост во Европа за економските последици од конфликтот, особено ако се затвори Ормутскиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светскиот извоз на нафта.
Мерц предупреди дека колапсот на иранските државни институции би довел до хаос сличен на оној во Либија или Ирак.
Според него, таквото сценарио директно би влијаело на европската безбедност, снабдувањето со енергија и миграциската ситуација.