Македонија

Методија Андонов Ченто, 69 години од смртта: Верував во сѐ, но не верував дека Македонците ќе ме судат за Македонија!

„Македонија е создадена од крвта на сопствениот народ и никако поинаку и затоа Македонија е само на Македонците.“. „Ние Македонците имаме свој јазик и нашите деца имаат право да зборуваат насекаде на својот мајчин јазик.“ Ова се дел од поважните изјави, кои ги имал дадено во текот на својот бурен живот Методија Андонов – Ченто, знаменит деец за македонската национална кауза, државник-политичар и претседател на Президиумот на АСНОМ. Често, поради оваа функција тој се именува и како прв претседател на Македонија. Тој е симбол на борбата за македонската држава, но и на неправдата на нејзините повоени власти против него и неговите идеи за македонството. Денес се навршуваат 69 години од смртта на Методија Андонов – Ченто.

Рани години и политичка активност пред Втората светска војна

Роден е на 17 август 1902 година во Прилеп. Уште од најрана возраст, работел по прилепските тутунски и афионски полиња. Ченто ја прифатил и ја бранел македонската национална кауза уште од раната младост. Учествува на изборите во 1935 година како заменик кандидат, а на изборите во 1938 година и како кандидат на списокот на Здружената опозиција, бранејќи ја македонската национална кауза и залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. Ченто бил еден од организаторите на Илинденските демонстрации во Прилеп (1940), за што бил затворен во затворот во Велика Кикинда. Во 1940 година се залага за воведување мајчин македонски јазик во наставата во училиштата и повторно е затворен и интерниран во Баина Башта, при што е осуден на смрт. Дури и е одведен на стрелање, но е ослободен во последен момент на 15 април 1941 година.

По враќањето во Македонија уште на почетокот на бугарската окупација, на 26 април, Ченто добива покана да соработува со бугарските окупаторски власти. Но тој им кажал јасно дека е Македонец и оти не се бори за обединета Бугарија, туку за обединета Македонија. Тоа е еден од најважните моменти во неговата биографија: Ченто одбива Македонија да биде додаток на која било туѓа државна идеја. Неколку месеци подоцна, на 12. јули 1941 година бил уапсен, поради повик на борба против фашизмот и против бугарската окупаторска власт.

Методија соработува со оние, што се залагаат за ослободување на Македонија од нејзините нови окупатори. Неговата продавница за алкохол во Прилеп станува свртилиште на комунистите од градот, поради што бугарските власти во 1942 година го интернираат прво во селото Мелница, близу бугарско-турската граница, а потоа во логорот „Чучулигово“, Петричко, Пиринска Македонија. По неговото ослободување од интернација Главниот штаб на НОВ и ПОМ на 21 август 1943 година му испраќа писмо во кое го повикува да се приклучи на НОБ. Во септември на двапати се среќава со својот сограѓанин Кузман Јосифоски – Питу, кој успева да го убеди да се приклучи на НОБ.

Учество во НОВ

 На слободната територија во Дебрца, Охридско, Ченто преминува во октомври 1943 година. Именуван е за член на Главниот штаб, а по основањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ станува негов претседател. Како дел од Одборот учествува во подготовките и организацијата на свикувањето на АСНОМ. На почетокот од мај 1944 година тој, Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито.

Средбата се одржува на 24 јуни при што македонската делегација го поставува прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тито начелно се согласува, но не смета дека тоа треба да биде непосредна задача. По враќањето на делегацијата од Вис, се привршуваат подготовките околу АСНОМ и на 2 август се одржува Првото заседание. На него Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ на ова највисоко државно тело на Демократска Федерална Македонија (подоцна НР Македонија).

 Кога државотворецот Ченто станува непријател на државата – судирот со новата комунистичка власт

 Повоениот судир на Ченто со власта не е лична кавга. Тоа е судир околу тоа, кој има право да ја определува македонската политика. Ченто се залагал македонската политика да ја креираат Македонци, а во новиот уставен поредок на Југославија да постои право на самоопределување и отцепување. Таквата позиција брзо станала неподнослива за системот, што не сакал македонската државност да се развие надвор од строго контролираната федерална рамка. Првите несогласувања на Ченто со комунистите, особено со Светозар Вукмановиќ-Темпо, почнуваат многу брзо по неговото преминување на слободна територија. Меѓу другото, Ченто упатува забелешки на содржината на Манифестот на Главниот штаб.

По ослободувањето на земјата несогласиците со тогашниот македонски врв продолжуваат. Ченто се противи 15-от македонски корпус да оди на Сремскиот фронт, се залага за обединување и поголема самостојност на Македонија, се противи на враќање на имотот на избеганите српски колонисти и се залага за поголема финансиска независност и залагање за сопствен буџет на Македонија и на останатите југословенски републики. Комунистите полека му ја одземаат реалната власт и поради несогласувањето со мерките што ги преземаат комунистите, Ченто на 14 март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.

Сака да се повлече од политиката и намира да живее во Прилеп, но на 14 јули е уапсен од полицијата пред својата куќа во Прилеп, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција. На 8 август против него е покренат обвинителен акт, а на 19 ноември е изведен пред суд. Само по два дена , на 21 ноември, Ченто е осуден на 11 години затвор.

Затворен е во скопскиот затвор „Идризово“ каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија“ и бил чуван од посебна стража и му биле дозволувани триесет минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно биле дозволувани посети на членовите на неговото семејство. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и потпише дека згрешил и се покајува, по што животот ќе му бил наполно обезбеден.

Пуштен е условно на 4 септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци затвор. Сепак затворскиот живот остава траги врз неговото здравје. Бара од Тито да му дадат пасош за да отиде да се лечи во Швајцарија, но бил одбиен. Осамен и во тешки болки и маки, Ченто на 24 јули 1957 умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп. И по излегувањето од затворот не се откажал од идеите на самостојна и обединета Македонија.

 По смртта

Долги години по смртта, Методија Андонов-Ченто бил табу-тема и ретко бил спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него биле строго забранети. Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов-Ченто, е обновен судскиот процес против него и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година. На 22 октомври 2010 година, претседателот на Република Македонија посмртно го одликувал Ченто со „Орден на Република Македонија“ орден кој го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции. Методија Андонов-Ченто останува една од најдраматичните македонски личности на XX век: човек што учествуваше во создавањето на современата македонска држава, а потоа беше казнет затоа што ја замислуваше послободна, посамостојна и подостоинствена отколку што системот беше подготвен да дозволи.

 

Извори: статија „Методија Андонов – Ченто“ на „Википедија“ и статија „Методија Андонов-Ченто – човекот кој ја плати македонската државност со сопствената слобода“ на портал „Паноптикум“

Најнови вести од: Македонија

Почина 72-годишен скопјанец од западнонилска треска в болница

Седумдесет и двегодишен скопјанец почина по компликации од западнонилска треска, соопшти денеска директорот на Инфективната клиника во Скопје, Фадил Цана. Пациентот бил со тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, а уште при приемот во болница бил во тешка општа состојба.

(Видео): Со синовите бевме на научнообразовна екскурзија во Белгија, рече премиерот за еднонеделното патување

„Јас не сум љубител на големи годишни одмори со солена вода, со песочни плажи итн. и си рековме – екскурзијата да ја прошириме и тоа да биде научнообразовна екскурзија во Белгија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Пронајдени вооружени луѓе во строго-заштитено подрачје на Пелистер

Ренџерската служба на Националниот парк „Пелистер“, во соработка со СВР Битола, спровела повеќечасовна акција за пронаоѓање лица вооружени со огнено оружје, кои навлегле длабоко во територијата на паркот.

Кисела вода добива сè повеќе првачиња

Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, рече дека изградбата на салата во Припор е реализација на долгогодишно барање на жителите. Таа нагласи дека проектот е реализиран во соработка со Владата и Министерството за образование.

To top