Македонија

Мицкоски: Левица е единствен сојузник на ДУИ на овие избори

Премиерот на Владата на Република Македонија и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во текот на посетата на општина Јегуновце, се осврна на одлуката на политичката партија Левица да номинира кандидати за градоначалници во општините Тетово, Гостивар и Струга

Служба за односи со јавност на Владата на РСМ

Премиерот на Владата на Република Македонија и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во текот на посетата на општина Јегуновце, се осврна на одлуката на политичката партија Левица да номинира кандидати за градоначалници во општините Тетово, Гостивар и Струга, пред локалните избори закажани за 19 октомври и 2 ноември 2025 година (втор круг за градоначалници во општини каде што е потребно).

Според Мицкоски, овој потег на Левица претставува координирано „коалициско“ дејство со Демократската унија за интеграција (ДУИ), со цел да се разбијат анти-ДУИ гласови во овие општини, каде што партијата на Али Ахмети очекува пораз.

Ќе ми дозволите да кажам дека јас не сум од вчера во политиката, и потегот на политичката партија Левица да извади свои кандидати во општините Тетово, Гостивар и Струга и тоа да го брендира (со наративот) дека не ја заборавиле западна Македонија, а притоа да не извади свои кандидати, на пример, овде во Јегуновце, Теарце и во другите општини бидејќи западна Македонија не е само Струга, Тетово и Гостивар, има и други општини, доволно говори дека нивната цел е координирана со политичката партија Демократска унија за интеграција за да дојде до дисипација, раслојување на анти-ДУИ гласовите во тие општини. Тоа е затоа што ДУИ сфаќа дека во тие општини не може да победи и разбира дека ќе бидат поразени на овие избори, односно ќе има мал, незначителен број на градоначалници и единствениот сојузник кој во моментов се обидува да фрли гума за спасување е токму политичката партија Левица“, истакна Мицкоски.

Повторувајќи го аргументот дека „не сум од вчера во политиката“, премиерот подвлече дека шансите за победа на кандидатите на Левица во Тетово, Гостивар и Струга се „ни теоретски“ ниски, додека во општини како Велес или Штип тие би имале барем теоретска можност, но не номинирале кандидати таму.

Мицкоски се запраша зошто Левица нема кандидат во Велес, родниот град на лидерот на партијата Димитар Апасиев, или во Штип, од каде потекнува друг истакнат член на раководството, Борислав Крмов н.з., туку се фокусира на општини со силно анти-ДУИ расположение меѓу граѓаните.

Нормално, својот стар коалициски партнер со којшто коалицираат и во Собранието од време на време, но и во Град Скопје го повикуваа на помош, а тој е секогаш тука да фрли гума за спасување тогаш кога на Али Ахмети и другарчињата им е тоа потребно“, додаде Мицкоски, алудирајќи на наводна долготрајна соработка меѓу Левица и ДУИ.

Во реакција на Фејсбук, Левица ја оцени изјавата на Мицкоски како бламирачка и неоснована. Од опозициската партија тврдат дека тие се единствената политичка сила што пројавила храброст да номинира сопствени кандидати во општини каде што ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се повлекле и одлучиле да ги поддржат кандидатите на ВРЕДИ и ДУИ.

Со искрено неверување ги следиме бламирачките изјави на Мицкоски и ДПМНЕ по повод кандидатурите на Левица за градоначалници во Тетово, Гостивар и Струга. Од патетични флоскули за ‘горда Македонија’, паднавте на ниво да напаѓате партија која единствена има храброст да понуди сопствени кандидати во општини каде што вие и СДСМ кукавички се повлековте и одлучивте да ги поддржите ВРЕДИ и ДУИ!?“, се наведува во реакцијата на Левица.

Партијата ги отфрла обвинувањата за поврзаност со ДУИ како апсурдни, нагласувајќи дека никогаш немале договори со нив и дека тоа нема да се случи. Наместо тоа, тие го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека е вистинскиот симбол на коалиции со ДУИ, цитирајќи заедничко владеење во минатото, амнестии за хашки случаи, заеднички гласови за штетни одлуки во советите (како во Велес и Куманово), политички пазари за двотретински закони во Собранието и молчењето околу бегството на Артан Груби.

Инаку, Левица во наведените општини ги номинираше следните кандидати за градоначалници: за Струга – Јована Мојсоска, актуелна пратеничка и генерален секретар на Левица; за Тетово – д-р Катка Божиновска, доктор на правни науки; и за Гостивар – Дарко Грујоски, ИТ-специјалист.

Најнови вести од: Македонија

Зошто во Македонија не може да се забрани користење на социјалните мрежи за малолетници до 15 години?!

Не бегаме од тоа да се менува законот за да имаме ваква можност, но опасноста е многу голема кога државата ќе реши да забранува одредени алатки за определена група луѓе. Тоа треба да го чуваме како последна мерка во можностите, а прва мерка се превенција и родителска контрола, велат од Владата.

Граѓаните со душа чекаат нормален паркинг на Клиника, оти со саати кружат барајќи место

Нема повеќе никакви пречки да се градат катни гаражи во кругот на клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Владата, на последната седница, донесе одлука за решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот центар. Според Владата, со оваа одлука се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.

Трендафилов се претставува како жртва, а зема плата од скоро 1.000 евра, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

Од пратеничката група сметаат дека Слободан Трендафилов ќе остане запаметен како „синдикалец“ кој нема склопено ниту еден договор корисен за македонскиот работник во текот на целиот негов мандат. Сметаат дека нападот врз Стојаноска е само доказ за немоќта на еден функционер кој го изгубил компасот и велат дека Трендафилов треба веднаш да си поднесе оставка и наместо да глуми жртва по медиуми, да подготви одбрана пред истражните органи за своето расипништво.

За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ видеото со децата на Трендафилов не е напад врз семејство

За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ објавеното видео не е напад, туку „огледало во кое Трендафилов не може да се погледне“, а „нападот“ врз Стојаноска бил само доказ за немоќта на еден функционер кој го изгубил компасот и кој кога нема аргументи, се служи со навреди и етикетирања.

(Фото): Претседателот на ССМ, Трендафилов, бара истрага – вели: „Ми ги следат децата“

Во пресрет на блокадата од страна на ССМ кон бизнис секторот, а во врска со барањата за минималната плата и повисоки плати на работниците, претседателот на ССМ Трендафилов побара сите надлежни институции да реагираат на објавата на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска. Трендафилов бара кривичен прогон за лицата кои ги следеле неговите деца.

To top