Премиерот Христијан Мицкоски го повика лидерот на Левица Димитар Апасиев да биде маж и да не се крие зад пратеничкиот имунитет.
Откако Апасиев на седницата за пратенички прашања зборуваше за деловните активности на лица од семејното опкружување на премиерот, партиските донации и еден договор за угостителска услуга во Струмица, Мицкоски ги отфрли обвинувањата и го повика својот политички противник истите тврдења да ги повтори надвор од собраниската говорница и да ги докаже пред суд.
,,Господине Апасиев, најчесно, најпријателски и најдругарски ве повикувам да излезете на прес-конференција и таму да го повторите сето она што го зборувате од собраниската говорница. Немојте да лажете, инсинуирате и измислувате. Во ВМРО-ДПМНЕ има илјадници членови и симпатизери кои донираат за партијата, за разлика од вас, кои земате хонорари и дневници од партијата. Јас никогаш нема да се спуштам на вашето ниво и да зборувам за семејства. Но очигледна е вашата фрустрација од овој, според вас, трет ешалон на ВМРО-ДПМНЕ, додека вие не успеавте да влезете ниту во десеттиот ешалон на партијата од која бевте исфрлени”, објави Мицкоски.
Апасиев засега не најавува дека своите тврдења ќе ги каже надвор од собранието каде го штити пратеничкиот имунитет.