Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата нема намера да распишува предвремени парламентарни избори во текот на оваа година и дека останува посветена на редовниот изборен циклус во 2028 година.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со актуелните анкети и политичките односи, Мицкоски истакна дека, иако политички би било исплатливо да се одат на предвремени избори по убедливата победа на локалните избори, тој не го смета тоа за исправен и државнички потег.
„Јас кажав дека оваа година немаме намера да имаме предвремени парламентарни избори, нашата цел се редовни избори 2028 година. Иако политички опортуно е по убедлива победа на локалните да има и предвремени парламентарни избори. Но не мислам дека тоа е државнички потег. Треба да се посветиме на реформите“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата останува фокусирана на реформските процеси и на исполнувањето на меѓународната агенда.
„Јас се вратив со добри вести од Брисел, но би сакал да ги соопшти Европската комисија. Ние сме сега на крајот од првата половина на нашиот мандат“, рече премиерот.